(Панајоти Ксоплидис) Не ни недостигаат часови за пазарење, ни недостасуваат плати за да живееме

Работата во недела и борбата против неа во Грција

Панајоти Ксоплидис е член на Синдикатот на работниците во книжарниците. Овој синдикат учествува во Координативниот комитет против укинувањето на неработењето во недела, заедно со други синдикати и колективи. Тој исто така е и член на кампањата „Остануваме активни – здравје, заедништво, солидарност“ за време на пандемијата и карантинот.

Гласник: Некои луѓе, вклучувајќи ги и работниците во другите сектори, го сметаат пазарењето во недела или за празници за нивно право. После напорна работна недела тие треба да уживаат во пазарењето во недела. Зошто ова „право“ треба да им биде ускратено на работниците и другите граѓани?

Ксоплидис: Нашата кампања во Грција го има следното мото: „Ако одите на шопинг во недела – подгответе се да работите во недела“. Пазарењето во недела не е право, тоа не е дури ниту потреба. Флексибилноста на трудот нема да биде ограничена само на работниците во маркетите. Тука во Грција има план за отпочнување на работење на банките или некои јавни институции во недела. Од друга страна, работниците во маркетите имаат право на слободно време и право да бидат платени за секој час кој го работат. Замислете какво влијание има работењето во недела врз социјалниот и семејниот живот на работниците. Размислете колку пати сте биле на патување во вторник? Колку пати сте биле на забава во среда навечер? Или колку пати сте биле на прошетка со пријателите или со вашите деца во четврток наутро? Не верувам дека ова ви се случува често.

Флексибилноста во работењето најмногу ги погаѓа жените, посебно мајките со мали деца. А мнозинство од вработените во маркетите се жени. Тука во Грција, а верувам и во Македонија, многумина работат 10 часа, наместо 8. Тие не ги добиваат законските додатоци на плата и не го добиваат дополнителниот слободен ден кој им следува. Тие зборуваат за Закон за работни односи, но дали некогаш сте виделе трудови инспектори во маркетите? Јас немам видено тука во Солун, Грција.

Гласник: Ако се забрани работата во недела и за празници, нема ли тоа да предизвика дополнителни гужви во маркетите во саботите и деновите пред празници, а работниците во маркетите да работат поинтензивно во овие денови? Не е ли ова причина сепак да се дозволи работа во недела и за празници?

Ксоплидис: Повеќе од еден век во Грција ова не беше проблем. Друго мото кое го користиме гласи: „Не ни недостигаат часови за пазарење, ни недостасуваат плати за да живееме“. Прогласувањето на недела за неработен ден беше во 1909, пред повеќе од еден век. И тоа е еден од првите акти за заштита на работничките права во Грција. Се разбира, многу работи се променија во последниот век. Пред еден век, немало големи трговски центри, дури немало ниту супермаркети. Но, знаете, профитите на капиталистите немаат врска со потребите на потрошувачите или работничките права.

Со децении маркетите во Грција не работеа во недела, освен некои маркети во туристичките места или некои острови. И една недела пред Божиќ. Постепеното укинување на неработната недела започна во 2010 година. За време на економската криза. Прво беа додадени три недели во декември, за божиќниот период. Потоа осум недели во целата година. А пред две години донесоа нов закон, за 30 работни недели во летната сезона од мај до октомври во Грција. Но ние веруваме дека на луѓето им се потребни повисоки плати, пензии, не им е потребно маркетите да работат повеќе денови или часови.

Навистина, колку работници во другите сектори не одат да пазаруваат преку работната недела, па чекаат да пазаруваат во недела? Не верувам дека тоа е случај. Пензиите и платите се скратени на половина во Грција. Поради неолибералните политики и меморандумот на ЕУ и ММФ во последните 10 години. Каде луѓето ќе најдат пари за поголем промет во маркетите? Со тоа што маркетите работат во недела, продажбата е редуцирана во другите денови од понеделник до петок. И тоа е во корист на големите стоковни куќи на штета на малите продавнички, кои не можат да се борат против мултинационалните компании.

Гласник: Можете ли да ни кажете нешто повеќе околу вашата борба против капиталистичкиот принцип на флексибилност на работата кој прави повеќе работници да работат во недела?

Ксоплидис: Работничкото движење се спротивставува на секакво укинување на работничките права, не само на неработната недела. Многу од тие права се стекнати со крвави бунтовнички борби тука во Грција, во изминатиот век. Укинување на неработната недела како и целосната флексибилност на работните часови се многу важен сегмент од капиталистичкиот „ремонт“ наметнат во годините на економска криза. Укинувањето на неработната недела носи бенефит само за капиталистите, големите газди во продажбата.

Движењето против укинување на неработната недела е дел од поширок бунт против неолиберални политики. Но ние веруваме дека тоа има сопствено значење. Бидејќи борбата за слободно време е една од најважните за работниците. Ние создадовме координативен совет против укинувањето на неработната недела. Тој беше формиран пред речиси 10 години и преку него беа организирани серија на динамични борби во Атина и Солун. Тој беше формиран од синдикати, независни од бирократски структуираните синдикати во Грција. Еден од тие синдикати е Синдикатот на работници во книжарниците, на кого јас припаѓам. Тоа е во малопродажниот сектор. Исто така, во овој совет учествуваат неколку групи на невработени, неколку организирани соседства итн.

Секоја недела кога ги отвораа маркетите, беше ден за борба. Посебно во првите години од донесувањето на новата регулатива. Најголемиот дел од работниците ја поддржаа нашата борба. И имавме неколку успеси. Намерата на владата и на капиталистите во продажбата беше да ја укинат неработната недела наеднаш. Но, поради нашиот отпор нивните планови беа одложени. Неколку години, маркетите беа отворени само во 7 неделни денови. И како што реков, само пред две недели донесоа регулатива, 30 недели да бидат работни. Но всушност ова не е многу голем успех, бидејќи откако продажбата паѓа, некои компании дури и големи не отвораат во недела, сепак законот им дозволува.

Гласник: Какви беа реакциите на обичните луѓе, на потрошувачите, во врска со вашите акции?

Ксоплидис: За време на нашата борба, кога ги информиравме луѓето за ситуацијата, тие многу нѐ поддржуваа. Но имаше и некои, дури канибалистички однесувања од страна на неколку потрошувачи и шефови. Дури имаше малтретирање на штрајкувачите. Има добро организирана пропаганда во медиумите за ова прашање.

Многу луѓе веруваат дека отварањето во недела ќе помогне да се намали невработеноста. Бидејќи има огромна стапка на невработеност во Грција. Но ова е огромна лага. Укинување на неработната недела не ја зголемува продажбата, не создава нови работни места. Како што реков, се менува само односот помеѓу маркетите, во корист на големите маркети, а на штета на малите. Всушност, по укинување на неработната недела, трговскиот сектор е втор сектор, веднаш по градежништвото, по изгубени работни места во Грција. Според Институтот за трговија и услуги на Грција 95% од бизнисите не ангажирале ниту еден дополнителен вработен! Невработеноста не се намалува, туку се зголемува. Маркетите и супермаркетите кои работат во недела, го растегнуваат веќе безобразно растегнатото работно време на работниците. Тие не прават нови вработувања. И доколку има потреба од повеќе вработени, тоа се покрива со вработување на половина работно време за мизерни плати.

Но, нашата борба не е само економска. Тоа е идеолошка борба. Оваа борба го предизвикува еден од најосновните вредности на капитализмот. Потребата работниците да консумираат и да трошат на непотребни нешта. Денес, канибалистичкиот консумеризам е прекупотребен за да преживее капитализмот. Ако луѓето го сфатат ова, капитализмот ќе пропадне многу лесно. Ние ги повикуваме потрошувачите: Размислувајте како работници, а не како клиенти! Солидарноста е исто толку важна како и работничката акција!

И ова се виде за време на пандемијата. Веб страници за солидарност беа креирани во поддршка на работниците за време на пандемијата. Помеѓу нив и страницата на фејсбук „Остани активен, здравје, заедништво, солидарност“, каде што учествувам и јас. Тоа е кампања за солидарност која ги информира луѓето за нивните права и го одржува духот на активност за време на пандемијата. Една од најуспешните кампањи беше онаа за право на работниците во маркетите да имаат право на одмор во недела. Владата првично најави дека маркетите ќе работат секоја недела додека трае состојбата. Но во првата недела продажбата падна за 50%, благодарение на солидарноста и повиците за бојкот на пазарење во недела. На крајот владата ја повлече оваа мерка и работниците во маркетите го добија своето право на одмор.

Гласник: Какво е вашето искуство во обидите синдикално да ги организирате работниците во маркетите? Колку стравот од губење на работата ги спречува овие напори?

Ксоплидис: Учеството на синдикатите во трговскиот сектор не е баш најдобро. Во Грција тоа е еден од секторите со најмало учество во синдикатите. Многу од работниците сметаат дека немаат некакви квалификации и секако исплашени се од невработеноста, која е огромна во Грција. Тие беа невидливи работници пред пандемијата. Но пандемијата покажа дека овие работници се многу поважни од некои менаџери, бизнис административци и сличните на нив. Навистина стана видливо дека работниците се важни за општеството, а не капиталистите.

За време на пандемијата, владата се обиде да ги продолжи работните часови во супермаркетите. А трговскиот сектор ги проби сите рекорди на профит со раст поголем од 32% тука во Грција. Во други држави, работниците веќе бројат жртви помеѓу нив. Во Франција, Белгија, Шпанија, Италија, САД, работниците во големите супермаркети веќе бројат смртни случаи и несреќи. Сето ова е покриено со маркетиншка кампања и лицемерни аплаузи, но работниците не добија ништо во пандемиската криза. Единствено нешто што добија во земјите како Франција, Белгија, Италија беше бонус во форма на шопинг карта, која важи во компанијата која ја издава. Овие бонуси беа наречени „смртни бонуси“ во Франција.

Ние веруваме дека оваа освестеност на работниците за нивната вистинска вредност ќе придонесе за поголемо учество во синдикатите. Но и синдикатите треба да покажат дека со нивната борбеност ќе застанат зад работникот после пандемијата. Во последните години беа создадени нови синдикати во трговскиот сектор и се надеваме дека ќе се создадат уште синдикати после пандемијата. Исто така, бирократските и жолти синдикати мора да бидат ставени на страна. Тие беа тотално пасивни за време на пандемијата и за време на борбата против укинување на неработната недела.

И сосема на крај, интернационалната борба на работниците е многу важна. Ние знаеме дека во Македонија, големи компании како „Веро“ и „Џамбо“ го претставуваат грчкиот интерес. Експлоатацијата на работничката класа е иста во двете земји. На пример, кога „Веро“ банкротираше во Грција и остави илјадници работници без работа, „Веро“ се пресели во Македонија и најде ново поле за профит. И „Џамбо“ е една од водечките компании која е за укинување на неработната недела. И тоа е компанија со најлошите услови за вработените.

Нам ни требаат заеднички борби и солидарност. Ако на пример има штрајк или протест пред „Џамбо“ во Скопје, мора да има солидарен штрајк и во Солун или Атина. И само на овој начин ќе го победиме чудовиштето на национализмот.

Интервјуто го водеше Никола Крстевски.

Видеото од интервјуто со Панајоти Ксоплидис можете да го видите на овој линк.