Никола Шиндре: „Какви протести за струјата ќе почнат во четврток?“

Во Чаир и во Тетово се најавија протести против покачувањето на цената на електричната енергија за 7,4 %, односно народски кажано против поскапувањето на струјата. Ова е супер иницијатива како реакција, односно одговор на одлуката на владеачката класа да го втурни населението во поголеми долгови и потежок живот иако трите фирми ЕВН, ЕЛЕМ и МЕПСО немаа никакви загуби во работењето. Во овој текст ќе се обидам да дадам осврт и мислење за протестите кои што ни претстојат согледно дека владеачката класа нема сериозна намера да попушти по ниту едно, па ниту по ова прашање.

Добро е што има иницијатива за протести иако до овој момент не знам како се пројавила оваа иницијатива и кои се челниците на идеја без разлика дали се познати на јавноста или пак, не се. Исто така е добро што оваа иницијатива тргнува од генерално албански население места затоа што митот за Албанците кои не плаќаат струја кај Македонците ќе се сруши веројатно побрзо. Дополнително, важно е на протестите да се зборува и на македонски јазик затоа што состојбите се такви што Македонците не знаат ниту збор албански, а значителен дел од Албанците знаат македонски. Протестирачите не смеат да дозволат гласовите на протестите во Чаир и во Струмица да не се разбираат. Секаде да се протестира на што е можно повеќе јазици, ромски, албански, турски, а да се пренесува и на македонски.

За да можат протестите да имаат тек и целисходност протестирачите и организаторите мора веднаш да разберат дека секоја борба е политичка. Без политичка идеологија и јасен вокабулар и концизна визија нема да можат да го сплотат населението, сепак луѓето не се аналфабети како што се претставувани од власта и сакаат да знаат кој е планот за спротивставување на моќта. Протестите нужно треба да се социјалистичките за да можат да донесат некоја можност за напредок. Секое друго нејасно барање нема да може јасно да се артикулира низ незадоволството на населението и лесно ќе можат протестите да паднат во рацете на луѓето на бирократијата.

Населението нема да може да доаѓа секојдневно на протести, па затоа одборот (луѓето кои што ќе ја добијат поддршката на протестирачите да бидат и организатори) треба веднаш да воспостават директна комуникација со протестирачите од „паднатите“ фабрики на социјализмот како „Еурокомпозит“ од Прилеп, „Леарница“ од Скопје итн. затоа што и покрај тоа што овие работници ја губат битката со владеачката класа, тие сепак го носеа товарот да протестираат секојдневно и знаат како е да се јади на празна трпеза со години на назад. Таа е историјата на тие што ќе излезат на улица, па затоа организаторите ја имаат должноста да ги повикаат тие луѓе и да ја раскажат на протестирачите низ протестите.

Организацијата на овие протести не смее да потфрли и во однос на Балканот. Комуникацијата со Белград, Тирана, Приштина, Софија и Солун треба да биде веднаш воспоставена. Можеби во Белград се протестира против Вучиќ, но кај нас почнуваат протести против владеачката класа и против цената на струјата, размената на информации не само што ќе донеси знаење, но ќе донеси и луѓе и пракса и идеи.

Пред крај, протестите треба да имаат универзални барање низ призмата на класната историја и борба и низ призмата на интерсекциските барања на припадниците на населението кои што допрва ќе треба да ја формираат својата класа и барања. Секој протест што има само едно барање е осуден на пропаст. АМАН, Студентски пленум, Архибригада, ГТЦ, СКОП 2014, Паркобрани и многу други протести што барале само едно нешто биле осудени на пропаст, па затоа протестирачите и организаторите треба веднаш да нафрлат барања кои јасно и недвосмислено ќе го артикулираат гневот на населението, но и ќе имаат целисходност во однос на протестите.

Низ барањата мора да се адресираат ниските плати и нискиот животен стандард на населението, барањата од еколошките активисти за чисти воздух, вода и животна средина затоа што и денеска сите се посвесни за климатската криза и уништувањето на Земјата. Во услови кога здравствениот систем е колабиран и недостатокот на здравствени работници никако не се дополнува, овие барања би требало да одат рака под рака со барањата за цената на енергенсите. Треба да има и барања за повторно отворање на просветните институции затоа што детските градинки, училиштата и универзитетите треба веднаш да отпочнат со создавање услови за непречена работа. Ние не смееме да заостануваме зад другите балкански земји. Барањата мора да постават темел на барања за класна правда, односно за национализација на крупниот капитал во државата. Еднаш отворени овие прашања можат само да ја вознемируваат владеачката класа, а не да го обесхрабрат населението кое што треба да протестира.

Конечно, протестирачите знаат, а не секогаш вербализираат, но организаторите треба и ова да го вербализираат дека ова е борба. Населението не смее да отстапи на ова барање на владеачката класа доколку сака да има можност за напредок, а за да не отстапи треба јасно да се обзнани дека нема отстапување, но и уште попрецизно да се организира.

Како заклучок можам да кажам дека е лесно вака теоретски да се нафрлаат идеи за протести, но тешко е истите да се спроведат низ праксата, но она што е важно да се запомни е дека само тие што ја учат историјата на класата и на протестот можат да ја предводат борбата.

Никола Шиндре

Редакцијата на „Гласник“ не нужно се согласува со ставовите изразени во оваа колумна.

|2020-08-04T10:16:15+00:004 август 2020|Актуелно, Свет, Став|