Неподносливата леснотија на предизборните зелени заклетви

Што е полошо, незнаењето или незаинтересираноста?

Ако ги прашате нашите двајца претседателски кандидати, веројатно ќе ви одговорат како во шегата, дека не знаат и не ги интересира. Двајцата луѓе кои се борат за највисоката функција во државава се занимаваат со суштински прашања како името, НАТО, кој прв одбил да се појави на некоја ТВ дебата и слично, па нема што да се потресуваат околу еколошката катастрофа во која се наоѓаме. Кандидатот на СДСМ, на пример, не знаел дека на годишно ниво во Македонија има три илјади смртни случаи кои се поврзани со загадувањето. Човекот ја претставува коалицијата “за живот”, ама по некое чудо изгледа животната средина не е sine qua non за животот, па откако претставничката на о2 иницијатива на дебатен настан го сподели овој факт со него, едноставно крена раменици, и продолжи со мантрата како Западот ќе направи луѓе од нас, ќе ни фрли куп пари и потоа природата природно ќе се оправи. Сака да биде претседател на сите граѓани, а не знае дека губи три илјади од нив годишно поради загадувањето.

Кандидатката на новокомпонираната коалиција “за правда”, пак, на истиот настан не прекина да кука и да лелека во каква состојба се наоѓа животната средина во Македонија. Изгледа жената хибернирала во некаква временска капсула последнава деценија, па не е свесна дека екоцидот не почна лани. Или пак едноставно се води од начелото дека “живот почиње у шездесетој”, па не ја интересира безмилосната сеча на секој можен парк во градовите и шума надвор од нив во времето на груевизмот, или царувањето на урбаната мафија со амин од ВМРО-ДПМНЕ, партија која стана најбогата во Европа меѓу другото со провизиите заработени од дилови на директна штета на животната средина.

На настанот кој самата го организираше, о2 иницијатива имаше шанса да укаже на сите овие апсурди и хипокризии на кои двајцава партиски пулени се олицетворение. Како афирмирана еколошка организација, о2 иницијатива има доволно авторитет да ги разобличи кандидатите за фејкерите кои всушност се, кога зборат за чист воздух, дојдени директно од митинзите на кои носат стотици автобуси полни партиски војници од цела држава, за да се фалат со нивниот број додека го гушат Скопје на секој можен начин. Наместо тоа, во луксузен сетинг, полн со фенси дотерани невладини дами и господа, о2 побара од нив да положат зелени заклетви дека ќе се грижат за екологијата. Во тие заклетви, преполни со небулозни фрази од типот “во однос на отварањето на рудници, мојот став е дека ништо не е поважно од здравјето на луѓето, а особено не битката за профит” (трогателно признание за еден НАТО фанатик), а и во целата дискусија, најбитниот консензус беше дека животната средина е надпартиско прашање и како такво треба да се тргне настрана од натпреварот на политички идеи. Со други зборови, ниту ВМРО ниту СДСМ не добива ништо од неговата политизација, па по принципот на сложни браќа, како и за се друго што го засега нивното бескорисно постоење веќе три децении, да го бутнеме под тепих, и да продолжиме со театарот на божемски идеолошки конфликт.

Зелена заклетва како концепт звучи многу епски, но кога доаѓа од бриселскиот извршител или од продадената пленумка, не вреди колку хартијата која ја потрошиле да ја напишат. Заклетвите се празни, како што е и самиот активизам на невладиниот естаблишмент во еколошката сфера. И тие не се воопшто апсолвирани од вината за очајниот третман на оваа тема од политичката елита. Нивниот кооперативен пристап е параван за статус кво филозофијата, според која трошките кои ќе им ги фрлат оние со моќ, дали преку одобрување на некој ситен проект или ветување за нивно учество во инклузивна, експертска дебата, се сметаат за голем триумф.

Без сомнение, во еко организациите има чесни и искрени луѓе; последниот пример е Ана Чоловиќ, добитничката на престижната награда Голдман за нејзините напори во запирањето на изградба на хидроцентрали во заштитениот мавровски регион, и единствена чие име заслужува да се спомне во овој текст. Но, иако има и други како неа, за жал автентичните борци за животната средина се ендемски вид. Нивниот активизам е кооптиран од бирократи и канцелариски пацови кои живеат од грантови, свесно дозволувајќи им на властите да ги заташкуваат проблемите. Тие се дел од проблемот, не од решението.

И тие се дел од целата шега на наша сметка. Има ли поголем доказ за тоа од еден министер за животна средина кој вели дека не се бави со граѓаните, и негов заменик, кој организира по илјадити пат советодавно тело за животна околина, а НВО секторот на сето тоа реагира со уште повеќе конструктивно лобирање? Уште колку рудници треба да се отворат, колку депонии да се запалат и колку индустриски капацитети да ги надминат дозволените испуштања на токсични материјали, за да се разбере дека ваквата стратегија е неефективна?

Се додека невладините играат на музиката по која свират политичарите, ќе останеме на тресење зелени заклетви и ништо повеќе. Она што ни треба не е лоби, од кое корпоративното и онака секогаш ќе биде појако, она што ни треба е вклучување на самите граѓани, кои досега континуирано се само пасивен посматрач во процесот. Од народ на улица и гласачи на избори се плашат моќниците, и затоа едногласно бараат да не се политизира ова прашање. А тој народ и тие гласачи нема да се мобилизираат се додека некој не се одважи да ги претставува во битката, наместо да ја монополизира со технократски методи кои ги оставаат 99-те отсто надвор од неа. На најзагадената земја во Европа и е потребна автентична зелена политичка опција, чиј заштитен знак нема да биде компромисот, како што им е на актуелните зелени продавачи на ветер и магла, со години удобно сместени во владина коалиција, прво со црвените па потоа и со сините. Заштитниот знак на таа опција ќе биде здравиот разум, кој во овој контекст подразбира антисистемска борба. И затоа, таквата опција мора да произлезе од автентичните активисти како Ана Чоловиќ, на кои им е смачено да гледаат како екологисти од кариера ги киднапираат нивните заложби и постигнуваат нула резултати, притоа разводнувајќи го нивниот труд.

Секако, тоа ќе се случи само ако знаат и ги интересира колективното добро, а тоа подразбира отфрлање на лажниот избор кој го нуди оваа политичка сцена, сублимирана во двајцата претседателски кандидати – дрвената адвокатка и здрвениот чиновник. Се сложувам со нив дека ни се потребни повеќе дрва, но не да не водат. Ако е за тоа, и и фикусот ќе заврши работа. Позелен од него, здравје! Во нивен стил, не знам и не ме интересира кој е подобар меѓу нив, зашто и двајцата се за во канта, а нивните партии за на депонија.

Автор: Иво Босилков