Нацрт буџетот на Општина Центар со флоскули за загадувањето на воздухот

СКОПЈЕ, 19.12.2017 – Општина центар во 5 до 12 го објави нацрт буџетот за 2018 година на официјалната веб страница на општината. Според нацртот, половина милион евра се наменети за кошаркарскиот клуб Работнички, додека за другите аспекти кои се од итен карактер одвоени се енормно пониски суми.

Завчера, Општина Центар на својата официјална веб страница ја објави Нацрт-програмата за општина Центар за 2018 година. Во програмата можат да се забележат промени во однос на буџетските решенија и ставки од минатата година до оваа година.

Иако во јавноста доста се зборува  за загаденоста на воздухот, но и генерално загадувањето како појава од којашто страда и градот и цела држава, буџетската ставка за справување на Општина Центар со овој круцијален проблем за жителите на Општина Центар е многу ниска. Во нацрт програмата наменета за Заштита на животната средина, граѓаните 100 илјади евра ќе платат за печатење, копирање и издавање на промотивни материјали и брошурки. Консултантските услуги ќе ги коштаат 500 илјади денари, а истите предвидуваат ангажирање на консултатни за проекти кои ќе изработат Катастар на загадувачи, понатаму ангажирање на консултанти за мерење на бучава и чадни гасови и ангажирање на комисија за разгледување на елаборати за заштита на животна средина. Субвенционирањето на велосипеди ќе ја чини општината 2.8 милиони денари, додека други 500 илјади денари ќе се потрошат на оперативни расходи. Тие оперативни расходи се составени од изработка на катастар на загадувачи, проект за селекција на отпад, организирање на настани и манифестации по повод одбележување на еколошки празници. Вкупно 3.9 милиони денари, односно околу 60 илјади евра.

Од друга страна, нацрт програмата за спорт и рекреација за 2018 година на Општина Центар е со многу поамбициозни суми, кога станува збор за инвестиции на општината, односно граѓаните во проекти коишто се однесуваат на подобрување на животниот квалитет. Тука, околу половина милион евра се наменети за кошаркарскиот клуб „Работнички“.

Критките се многубројни, земајќи предвид дека градот Скопје се соочува со сериозен проблем како што е загадувањето на воздухот. Во минатото СДСМ како опозиција постојано ги критикуваа решенијата на тогашната власт и повторуваа дека приоритетите се најважни.

Во овој случај, филозофијата на „леб и игри“ продолжува со исто темпо.

Иако ова е централната и најважна тема за којашто може да се спори со одлуките на Општина Центар, сепак има аспекти коишто треба да се расветлат со начинот на „транспарентност“ на новите локални власти. Имено, се поставува прашањето зошто и другите општини и градот не ги објавуваат нацрт програмите за 2018 година. Зошто е тоа само Центар и зошто ги објавуваат овие нацрт програми во 5 до 12? Врз база на кои огласи се селектирани предлог проектите, за кои немаше досега јавни огласи? Каква е постапката за апликација и кои се критериумите за селекција? Тоа повлекува неколку спорни чекори во реализацијата на културните проекти. Транспарентноста е важна затоа што доколку ја нема се создаваат сомнежи дека финасирање на проекти зависи од блискоста до политичката партија којашто управува со општината.

Реакција на „Во одбрана на Дебар маало“

По објавувањето на нацрт програмите на страната на Општина Центар, со реакција излегоа од иницијативата „Во одбрана на Дебар маало“. Тие на својата фејсбук страница го коментираат начинот на буџетирање и намената на парите на жителите на Општина Центар.

На приватни агенции за обезбедување да им се доделат 33 000 евра за обезбедување на училиштата додека за обука на наставниот и стручниот кадар во образованието 2 000 евра. 491 000 илјади евра ќе му се доделат на КК Работнички, додека за заштита на животната средина 63 000 евра, поголемиот дел од нив за Акцијата „Цел Центар на Точак“. Покрај огромната сума за КК Работнички, добро е да се потсетиме дека тоа е машки кошаркарски тим. Вакви огромни суми не се предвидени за женски спортски тим, нешто кое индицира на поттикнување на полова нееднаквост во нашата општина од страна на општинските власти. 8 000 евра ќе се делат за субвенции на фирми за стекнување стандарди за квалитет, за консултанти, а ќе се финансира и „стартап дружење со бизнис ангели и менаџери на успешни фирми.“ Повторно за брошурите на општина Центар ќе се одвојат 8000 евра, а никаде не се споменува правење на велосипедски патеки и конкретни мерки против токсичниот воздух во населбата. Во нацрт-програмата се предвидуваат и средства за изработка на нови урбанистички планови без да се осврне на потребата за изработка на научни студии за сообраќајот, загаденоста и бучавата кои ќе бидат основата и ќе ги одредуваат параметрите на тие планови. На овој начин се создава сомнеж дека праксата на правење на урбанистички планови по теркот на урбаната мафија најверојатно ќе продолжи. Иако општината покажува транспарентност и остава можност граѓаните да се изјаснат за нацрт плановите и буџетот, утрешниот термин е во текот на работнотo време. За да биде ова потполна транспарентност, потребно е да се закажат повеќе термини, а информации за истите да се огласат во целата општина на видни места и јавни простори барем една недела пред закажаните термини.

|2017-12-19T10:18:51+00:0019 декември 2017|Актуелно, Вести|