Можеме ли барем ние да бидеме сериозни?

Состојбата во високото образование во Македонија може да биде опишана со една многу индикативна историска анегдота. Некаде во средината на првата светска војна германската армија од Берлин испратила телеграма до австриската армија во Виена. Телеграмата гласела: „Овде кај нас, на фронтот, ситуацијата е сериозна, но не е катастрофална“. На оваа телеграма австриската армија возвратила со своја во која пишувало: „Овде пак, кај нас на фронтот, ситуацијата е катастрофална, но не е сериозна“. Токму ова е состојбата со македонското образование. Сите ние знаеме дека образованието е во катастрофална состојба, но никој не е подготвен да ја сфати оваа катастрофа сериозно.

По големото студентско раздвижување во 2014/15 и успехот прашањата за образованието и студентскиот стандард да се стават во центарот на јавниот интерес, следеше бурен период, во чие смирување овие прашања беа целосно истиснати од јавноста. Надежите и желбата за промени, покрај останатите фактори, во голема мера беа поразени и од оваа Влада, од која на ова поле толку многу се очекуваше. Спротивно на сите очекувања, таа не успеа да направи никакви структурни промени во односот кон образованието за разлика од претходните Влади. За што станува збор?

Еден од најголемите проблеми на македонското високо образование е неговата обемност. Со население од 2.022.547 (?) граѓани  Македонија има шест државни универзитети (УКИМ,УКЛО, Тетовски, „Апостол Павле“, „Мајка Тереза“, „Гоце Делчев“), еден јавно-приватно партнерство (Ун. на Југоисточна Европа – Тетово) и деветнаесет приватни универзитети и научни институти. Севкупниот наставен кадар на овие високообразовни установи според официјални податоци на Државниот завод за статискика во моментот изнесува 4.130 наставници и соработници, од кои 3.562 на државните универзитети. Она што дополнително вчудоневидува е бројот на високо образовани млади луѓе. Само во 2017 година според ДЗС дипломирале вкупно 8.545 студенти (од кои 6.460 на државните универзитети), магистрирале 1.851 студент, а докторирале 209 докторанти.  Дополнително во учебната 2017/2018 година во високо образование се запишани вкупно 56.941 студенти, што е превисок процент во однос на бројот на население во Р.М..

Потребите што ги генерира вака раширеното високо образование се огромни и претставуваат преголемо оптеретување за државниот буџет. Според тоа, за овој институционален Голијат да може да опстојува нужно мора да се скратат најосновните потреби кои го обезбедуваат неговиот квалитет. Со други зборови огромноста на високото образование во голема мера е виновна за  недоволно писмените високо образовани граѓани, некомпетентните професори, лошите услови за настава, партизацијата на универзитетите и тн. Дополнително, во услови кога половина од младите во државата се невработени (невработеноста изнесува 50.1%) има основа претпоставката дека значителен дел од тие високо образовани млади луѓе за кои нема работа во Македонија се отселуваат од државата во потрага по вработување. Ова имплицира дека нашиот образовен систем, покрај тоа што е неефективен, во голема мера работи и за странскиот пазар на труд.

Уште поголема горчина на состојбата носи влијанието на сиромаштијата врз студентскиот стандард. Според истражувањето „Колку и на што троши еден македонски студент?“ поддржано од ФООМ, а спроведено од ЗМАИ и МОФ во март 2018 година, студентската потрошувачка кошничка  изразена на месечно ниво на студентите кои студираат на државните универзитети во Р.М. изнесува 21.410 денари за студентите кои студираат со партиципација и 22.435 денари за студентите кои студираат преку кофинансирање. Притоа предвид имаме дека стапката на сиромашни лица измерена од страна на ДЗС  за 2017 години изнесува 22.2% од севкупното население на Р.М., што значи дека 460.300 граѓани живеат под прагот на сиромаштијата. Според истиот извор прагот на сиромаштија на самечко семејство кој во 2017 изразен во денари изнесувал 90.129, додека за четиричлено семејство изнесувал 189.270 денари на годишно ниво. Доклку овде се додадат и сите оние граѓани кои се на самиот раб на сиромаштија тогаш овде ќе треба да го наброиме поголемиот дел од населението во Македонија. Овие индикатори покажуваат дека мнозинството на граѓани не можат во целост да си ги дозволат трошоците за високо образование во Македонија. Ова придонесува за големо намалување на степенот на квалитетот на образованието кај младите и во превод значи ужасен студентски стандард. Во оваа насока оваа Влада не се разликува во ништо од претходните, уште повеќе дури во буџетот за 2019 година таа наместо да ги зголеми ставките за студентски стандард  ги скрати, па од 858.4 милиони денари како што беше во буџетот на 2018, оваа година се предвидени 749.8 милиони денари.

Во меѓувреме се случија и многу други разочарувања на очекувањата на студентите. Разрешницата за криминалните избори организирани од СПУКМ и тепањето на студенти од страна на полицијата, како и деталната истрага за постапките за носење одлука за градење и изведбата на двете нови згради за ФИНКИ и ФФОСЗ беа заборавени со брзина на светлината. Дополнително испорачувањето на законска основа и создавање на услови (зголемување на финансии) за нов вид на студентско организирање исто така е застанато на сред пат веќе две години.

Третманот на сите досегашни Влади, вклучувајќи ја и оваа, на состојбата на студентските домови може многу добро да се опише со една сцена од култниот филм на Ернест Лубич „Да се биде или не“ во која прашан за концентрационите кампови во Полска нацистичкиот офицер во весело расположение вели „ние правиме концентрација, а Полјаците се тие што логоруваат “. Па така и во случајот со студентските домови, Владите на студентите им ги нудат најлошите можни услови, а студентите се тие што логоруваат во таа беда. Оттука жестоките обвинувања врз кои вчера се појавија по социјалните мрежи поради објавената фотографија од фрленото ѓубре во Пелагонија се целосно промашување. Оној кон кого треба да бидат насочени тие критики е оној кој ги создал структурните услови за таа појава, а тоа е моќта, односно власта.

Денес, по студентското раздвижување, работите се вратија во својата “нормалност“. Студентите живеат во распаднати објекти, се хранат неквалитетно, добиваат лошо образование, се оштетени и ограбени од корумпирани професори, трудот им е ескплоатиран, а за иднината немаат никакви надежи. Ниту една досегашна Влада не ѝ се спротивставила на оваа нормалност, а најмалку пак актуелната. Во овие услови студентите се сведени на предизборен плен, кој треба да се освои со цел да се осигура своето владеење. Според тоа, студентите во Македонија никогаш немале пријател во власта, а уште помалку во политичките елити. Следствено, единствената шанса за подостоинствен студентски живот, со тоа и подобро високо образование, лежи во степенот на сериозност со кои тие ќе и се постават на оваа состојба. Тие мораат самите да ги изградат своите претставнички организации, самите да го извршат притисокот врз Владата, самите да ја лоцираат неефикасноста и корумпираноста во универзитетите и да се борат против неа и тн. Ништо од ова не може да се постигне без претходно јасно артикулирање на долгорочните цели и градење на егалитарна вредносна платформа на здружување. Се чини дека крајно време е студентите да сфатат, колку и тоа да не изгледа така, знаењето, енергијата и визијата за подобрување на својот живот се на нивната страна, што значи дека потенцијалот да бидат сериозни го имаат само тие.

Автор: Стефан Видиков

|2019-02-11T14:46:16+00:0011 февруари 2019|Актуелно, Некатегоризирано, Став|