Корона и хартија

Деновиве фокусот на граѓаните кои живеат во економски најразвиените држави на планетава е насочен врз следењето на бројките за ширењето на болеста која му се припишува на Корона Вирусот.

Можеме ли да извлечеме некоја поучна лекција од ова што ни се случува?

Пишувам куси размисли на теми кои поаѓаат од поимите кои се најзастапени во јавната расправа и по социјалните мрежи деновиве, како и за мислите и чуствата кои не се спомнуваат многу во јавноста.

1. Изолација

Препораките за принудна или доброволна изолација или самоизолација човекот ги прима со внатрешен отпор. Интуитивно секоја надворешна препорака, а да не говорам за наредба која ни наметнува дека треба да се изолираме, инстинктивно,би рекол дури и природно ја доживуваме како закана на нашата слобода. Во други случаји можеме сами да избереме да се изолираме од општествените случувања, да поседиме дома со денови, да се одмориме од надворешните влијанија, или да се повлечеме во планина, во манастир, во некоја викендица итн, сами или со избрани личности, или со личности со кои сме се обврзале да се дружиме во добро и во лошо.

Иако изолацијата или самоизолацијата делуваат застрашувачки и стерилно како термини, во суштина, нѐ потсетува дека секој од нас е посебна единка со своја свест, со свој посебен организам. Ако не се владееме себе, не можеме да владееме со нашите односи со оние со кои го делиме домот, а потоа не можеме ниту да оствариме општество во кое владееме со нашите потреби и интереси.

Може да ја искористиме оваа можност за добро да се запознаеме. За себезапознавање има многу психолошки и духовни алатки, некои се стари илјадници години.

Секогаш имаме многу опции не располагање. Но умот често е навикнат да се движи во ограничени рамки.

За некои голем предизвик е да се изолираат одреден период од телесни допири со други битија, бидејќи во природата на животинскиот свет е да покажува наклоност и топлина на таков начин, но секако има и голем број луѓе на планетава кои и во нормални услови избегнуваат физички допир со други. Оттука можеби најтежок предизвик на изолацијата денес е што се асоцира во нашите умови со дехуманизација и со роботификација кои исто така се присутни во нашиот свет.

Во секој случај интересно е дека самоизолацијата во конретниов случај ја поимаме и како акт на солидарност.

2. Зависност од навики

Што да се прави дома ? Може ли да се живее квалитетно без одење на работа, без седење во друштво, без кафичи и ресторани, без шопинг, без кина и театри, без дрога, без алкохол, без секс итн.

Потребата за работите што ги набројав може да се набљудува од различни сетилни дразби, од вкусови до визуелни дразби, до обезбедување на нашата егзистенција, но ние главно ги детерминираме како медиуми на социјализација, иако во суштина се само секојдневно задоволување на некои стекнати навики без кои мислиме дека не можеме да живееме квалитетно.
Затоа во самоизолација ги користиме придобивките на технологијата, за да си го задржиме умот ангажиран за да не не биде досадно.

Живееме со постојан ментален глад за занимација, или страв од досада.

Сме научиле дека нешто мора да се прави. И тоа е непишана општествена норма – нешто мора да се прави за да биде животот вреден за живеење. Притоа сме изградиле и некои норми кои сугерираат дека некои работи се корисни, други се џаболебарски, но секако нешто мора да се прави.

И така некогаш може да ни мине и цел живот без да сфатиме дека основата на животот е здивот.
Дишењето е основата на нашиот живот. Короновирусот го згрозува дишењето.

3. Стравот од Корона

Стравот и фобиите го интересирале човештвото од секогаш, но денеска човештвото некако не збори за стравот. Не е популарна тема. Иако според мене, стравот на луѓето е основна психолошка алатка која државите ја користат за да опстанат.

А што е страв?

Некои сметаат дека има природен, вроден страв од паѓање од опасност од диви животни и слично, што ни помага да преживееме како вид, и потоа научени стравови од разни реални и измислени закани по нашиот индивидуален и колективен опстанок.

Најчесто е перципиран стравот како емоција или пак негација или блокада на емоција. На пример овие други форми како блокада и негација на нашиот живот се работи кои треба да ги освестиме, бидејќи не спречуваат да живееме во потполност.

Најчесто се плашиме да се соочиме со секое вознемирување кое се создава во нас и полека пополека складираме, нерешени работи во сандаците на нашиот духовен живот.

Многу непријатни емоции заради чувство на напуштеност, одбивања и вина ги прекриваме со горделивост, срам или страв со што го кочиме или го пренасочуваме фокусот на нашето постоење во насоки кои ќе нѐ оддалечат од реалната ситуација во нас.

Во случајов со Корона вирусот се развива колетивен страв од болеста, како закана за нашето постоење – страв од смрт. Некои се уплашени за своето здравје, многу поголем процент велат дека не се уплашени за своето здравје, туку се плашат да не придонесат за ширење на вирусот, а со тоа да загрозат други ранливи категории. И повторно се создава плодна почва, за емоции или негации на емоции, кои ги викаме страв, гордост, вина, срам и слично.

Интересно е дека денеска на светско ниво луѓето не им веруваат на властите, но кога доаѓа до ваква кризна ситуација, каде здравјето на луѓето е загрозено, одеднаш политичари без претходен кредибилитет се перцепирани како заштитници на општеството.

Во услови на страв луѓето бараат спасители и државата повторно го зајакнува авторитетот како единствен способен спасител.

4. Државата – постои за да ги гарантира правилата на игра во овој општествен систем.

Во денешните држави полицијата и војската се тие кои имаат сила да ги гарантираат правилата или одлуките кои ги носат, собранието, владата, претседателот, министерствата, судовите и другите држани органи.

Ние живееме во капиталистички систем, кој се базира на приватна и државна сопственост врз средствата за производство, каде државата мора да ја брани сопственоста, и на таков начин ја обезбедува рамката на однесување на луѓето во општествениот живот. Државата исто тока според формални документи како што кај на е уставот на пример, ни гарантира право на живот, на здравствена заштита, образование и слично.

Во услови на Корона Вирусов многу коментари се насочени кон тоа дека државата и јавниот здравствен систем се директно одговорни да се грижат за нас, бидејќи приватните компании и приватните здравствени установи си имаат профитни интереси кои се различни од општата благосостојба.

Преку постапките – забраните, гледаме дека државата и навистина има моќ да го помести приоритетот во интерес на јавното здравје и да забрани работа на стопански субјекти на одреден период и да забрани одржување на јавни настани.

Но мора да се има предвид дека ова е ситуација во која 90% од општеството ја прифаќа оваа политика како прифатлива и во интерес на јавното здравје. Значи овие политики се подржани од еден дискурс на солидарност и одговорност кој го подржуваат скоро сите, без разлика дали им се допаѓа или не.

5. Економски последици од Корона Вирус

Срцевината на економијата денес се приватни компании или државно-приватни кои произведуваат стоки и услуги и ги продаваат на пазар (таму кај што има потреба за тие стоки и и услуги). Потребите за одредени стоки и услуги некогаш постојат кај луѓето како нивни вродени потреби, а за голем број стоки и услуги производителите креираат пропаганда со која ги убедуваат луѓето дека некои работи им се потребни.

Со различни мерки, државата собира пари од граѓани и компании и така го обезбедува своето функционирање.

Легалните, а најчесто и нелегалните, економски субјекти и државата се тесно поврзани и затоа се битни состојбите во економијата за опстојување на еден државен апарат.

Обично државата интервенира за да го спаси економскиот систем од колапс, а така си го обезбедува и своето постоење. Веќе интервенираа и Кинеската и Американската влада за да ја обезбедат вредноста на акциите на компаниите од кои тие зависат.

Со мерките на владите за изолација и самоизолација како и за затворање на одредени субјекти, одредени стоки и услуги веќе не се достапни, и обратно одредени пазари не постојат.

Прва гранка од економијата која беше погодена од светски страв од пандемија е туристичката индустрија. Потоа дејностите поврзани со организација на групни настани, а со воведување на ригорозните мерки цела угостителска индустрија со одредени исклучоци.

Во овие услови најпогодени се прекаријатните работници, односно работниците кои немаат постојани работни договори, а голем број од нив се токму ангажирани во дејностите кои ги споменав, и тоа по потреба, од време на време.

Секако вработените во јавната администрација, па и вработените на неопределено време во големите корпорации кои нудат битни услуги како енергетика и телекомуникации, можат подолго и мирно да гo чекаат расплетот од кризата.

Ако ова вака потрае, а се очекува дека ќе потрае ќе има значајни политички последици.

6. Политички последици и предизвици

Краткотрајните политички последици се дека во услови на исчекување на информации од одредени центри кои сега имаат моќ, како национални кризни штабови и слично, се создава тоталитарно и контролирано спроведување на моќ од владата кон граѓаните.

Граѓаните седат дома и чекаат што ќе им нареди владата.

Се гаи поданичка политичка култура која во земјите од екс-социјалистилкиот блок и претходно е доста распространета. Партиските послушници со години се наградувани.

Вработените во јавната администрација и големите корпорации ја имаат прифатено таа политичка култура како дел од нивното секојдневие, така што отвораме канали за тоталитарно размислување.

Во овој момент се наметнува како врвен приоритет да не се прошири вирусот рапидно.

Да му се овозможи на здравствениот систем постепено да се бори со епидемијата.

Краткорочно тоа има логика, но долгорочно вака може да издржиме само со воспоставување на диктатура, бидејќи неминовно ќе се појават други егзистенцијални и политички приоритети на слободните граѓани.

Во општествена интеракција гледаме дека веќе во супермаркетите луѓето си се чувствуваат како конкуренција во борбата за приграбување на повеќе продукти.

Се исмејуваат едни со други за нивниот избор на продукти. По социјалните мрежи исмејување дека не знаеме да миеме раце и слично.

Се јавуваат пуританци кои бараат дежурни кривци и спремни се да линчуваат сѐ што сметаат дека е несоодветно однесување во оваа ситуација.

Нивото на нетрпеливост кон различните е застражувачко, иако јавно велиме велиме дека сме верски толерантни, етнички и полово не дискриминираме и слично.

7. Свесност наместо хистерија

Неизбежно е да се соочуваме со емотивна нелагодност во целава ситуација, но многу е важно да останеме одговорни пред себе.

Не е сеедно дали додека сме во изолација имаме 100 евра или 100 илјади евра на сметка.

Не е сеедно дали имаме нарушено здравје или се чувствуваме здрави како дрен.

Но нападот на друго човечко битие нема да ни ја смени реалноста која нѐ мачи.

Не е срамота да се плашиме. Не е срамота што стануваме свесни за работи во врска со себе или со најблиските за кои не сме биле свесни.

Корисно е да почувствуваме свесност пред да преземеме постапка на вербален напад кон другите.

Одговорно е да го задржиме сомнежот кон властите и тоа што ни се сервира.

Исто така е одговорно да се придржуваме кон препораките и забраните.

Одговорно е да укажуваме на она што сметаме дека треба да се подобри или да се оптимизира.

Одговорно е да не ги напаѓаме и омаловажуваме оние кои не постапуваат рационално или оние кои не постапуваат така како што ние мислиме дека е најдобро.

Одговорно е да помогнеме ако можеме.
Одговорно е да признаеме кога сме вознемирени.

Одговорно е да побараме помош.

Одговорно е да се запрашаме зошто толку потреба од тоалетна хартија.
Дали се плашиме од нашите гомна?

Автор: Александар Митров

|2020-03-17T11:13:44+00:0017 март 2020|Актуелно, Вести, Став|