Каналот Студенчишта со некогашната нечепната природа бетониран, градоначалникот Бакрачески се фали со отчет од 260 страници

„Наместо патеката и каналот да бидат уредени во истата состојба, редовно одржувајќи го просторот, општината без консултации со граѓаните го работи проектот, при што се бетонира природата“

Вака претходно изгледаше патеката покрај каналот Студенчишта во Охрид

ОХРИД, 25.08.2017 – Пешачката патека, која се протега од каналот Студенчишта до хотел Парк во Охрид, којашто општината ја бетонира и реконструира повеќе од две години е во завршната трета фаза. Вчера градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески го презентираше отчетот за сработеното, испечатено на 260 страници, при што имаше реакции од граѓанската иницијатива Охрид SOS, на нивната фејсбук страница, за тоа дека, со уредувањето на каналот Студенчишта, најмногу настрада природата

Каналот Студенчишта важеше за мирно место, со релативно нечепната природа, со големи дрвореди, кадешто луѓето одеа да се прошетаат. Некои ќе застанеа на брегот да уловат некоја риба, се паркираа кајчиња и по некој брод. Вака граѓанската иницијатива Охрид SOS го опишува каналот Студенчишта, кој после проектот на општината за негово уредување не е веќе тоа што беше, туку е покриен со бетон, а исечени се десетици дрвја.

„Работите почнаа да се менуваат кога „елитите“ почнаа да ги паркираат своите скапи јахти и глисери во каналот, и тој одеднаш стана паркинг, а поради употребата на моторни масла, чистење на бродовите со хемикалии, имаше чести помори на риба. Во одредени периоди од годината водата има чудна боја. Паралелно со главниот канал, имаше и еден помал, со бујна вегетација, но помалку запуштен“, велат од иницијативата.

Водата во каналот загадена од моторните масла и хемикалии од скапите јахти и глисери

Тие нагласуваат дека, наместо да се уреди како што е, или да се зачисти малку просторот редовно одржувајќи се, без никакви консултации со граѓаните и без никаква најава, општината закачила табла, по што започнал проектот на уредување на каналот. Од општината најавија дека, ќе се користат природни материјали, но напротив, велат од иницијативата, овде најмногу настрада природата.

На информативната табла е јасно обележан зелен појас, до каналот, односно дека ќе се запази природниот брег, како што и беше. И на сликата, во аголот, нема колци во водата, туку мал зелен појас, велат од Охрид SOS

Каналот за кој општината тврдеше дека ќе користи само природни материјали бетониран во паркиралиште

Во текот на градежните активности, кои се одвиваа долго, се редуцира зеленилото, децениските стебла се искорнети со механизација

 

 

 

 

 

 

 

 

„Се исекоа десетици дрвја, се бетонира дното на малиот канал, се уништи флората и фауната, се бетонира целиот брег. Се исчисти безмалку се’ што е природно, и се замени со стерилна сценографија“, потенцираат од иницијативата.

 

 

Моменталната состојба на Студенчишта, паркинг за скапи глисери

Од големиот дрворед од двете страни, останати само неколку дрвја

Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, вчера во општината го презентираше отчетот за сработеното во својот мандат. Според Охрид SOS, тој овој проект го презентира како успешен, како нешто многу значајно, а како што велат, не кажува што се’ се уништи, за да се направи и колку бетон се истури врз природата.

Тие се загрижени поради молкот на мнозинството граѓани и сметаат дека, додека нема притисок врз институциите, надлежните ќе прават што сакаат.

| 2017-08-25T16:07:52+00:00 25 август 2017|Актуелно, Вести, Некатегоризирано|