Инфективни заболувања во време на климатска криза

Живееме во време на кризи. Климатската криза и кризата на масовно истребување на видови веќе некое време се дел од нашата реалност. Сепак и покрај нивните сериозни импликации врз нашиот опстанок како вид, тие сеуште немаат успеано да го добијат истото внимание како пандемијата COVID-19, позната како Коронавирус. За време на пишувањето на оваа статија има речиси 136000 случаи на коронавирус пријавени во 127 земји. Изгубени се скоро 5000 животи и 10% од активните случаи се сметаат за сериозни или критични.

Коронавирусот е вирусна инфекција која предизвикува треска, кашлање и останување без здив кај заболените лица и главно се пренесува меѓу луѓето преку кашлање и кивање. Вирусот може да биде особено опасен и фатален за постарите лица со претходно постоечки хронични состојби како дијабетeс и висок крвен притисок. Како 70% од сите човечки инфекции, Коронавирусот е познат како зооноза, што значи дека се пренесува од животни на човек. Други зоонози се САРС, МРСА, беснило, ебола, чума и Лајмска болест. Научниците допрва треба да го лоцираат изворот на Коронавирусот, но многу докази укажуваат на неговото потекло од лилјаци или панголини. Како што се влошуваат ефектите од климатската криза можеме да очекуваме дури и повисок процент на појава на вакви зоонзи со епидемии низ целиот свет.

Можно ли е пандемијата на Коронавирус да биде поврзана со климатската криза?

Во моментов нема директна врска помеѓу Коронавирусот и климатската криза, но доказите и научните истражувања за врската помеѓу затоплувањето на планетата и ширењето на болеста е тешко да се игнорира. Забележано е зголемување на зачестената појава на инфективни заболувања во периодот од 1980-2013 година, особено на Хантавирус, Хепатитис Ц и САРС. Зголемувањето е поврзано со повисоки нивоа на глобална трговија и можности за размена на производи од било кој дел на светот, повеќе патувања и поврзување на луѓето, поголема густина на живеење и најважно, со покачување на глобалните температури.

Со години научниците проучуваат како последиците од климатската криза ја зголемуваат распространетоста на заразни болести. Во Индија посилните сезони на монсуните и повисоките нивоа на влажност се одговорни за значителното зголемување и ширење на маларија. Висорамнините во Источна Африка, каде претходно било премногу студено за појавување на маларија, станаа жртва на оваа болест бидејќи температурите почнаа да растат, а високите стапки на заболувања и смрт ги опустошија неимуните популации. Бидејќи обесшумувањето се влоши во текот на последните две децении, тоа е поврзано со 31% од појавите на болести пренесени од животни како што се Ебола, Зика и Нипа. Обесшумувањето резултира со загуба на живеалишта на дивите животни што ги принудува истите да мигрираат поблиску до човечките живеалишта.

Комплексноста на климатската криза се претвора во низа ефекти и последици кои пак, создаваат цела низа на други ефекти и последици. Ова важи практично за секој аспект од нашите животи, а ширењето на болести не е исклучок. Глобалното затоплување и сушите, шумските пожари и опустинувањето ги принудуваат животните да мигрираат приближувајќи ги до луѓето и создаваат можност за почести контакти со што се зголемуваат шансите за ширење на зоонози. И самите животни се поранливи бидејќи се во контакт со болести со кои претходно не се соочиле и заради стресот на присилна миграција нивниот имун систем ослабува.

Екстремните временски настани како поплави, создаваат погодни услови за разможување на комарци и други инсекти што резултира со контаминација на вода, а тоа доведува до повеќе болести, на пр. колера. Уште повеќе, екстремните временски непогоди и нерамнотежата во екосистемите поради масовно истребување можат да го нарушат балансот помеѓу грабливците и пленот. Недостаток на конкуренција може да предизвика екстремно размножување на популацијата на одредени животни што дополнително го пореметува синџирот на исхрана. Тоа доведува до зголемена популација на одредени трансмитори на патогени микроорганизми, како што се глувците и комарците. Дури и затоплувањето на океанот е одговорно за појава болести предизвикани од црвена плима која е резултат на токсично цветање на алгите.

Во суштина причините и ефектите од климатската криза создаваат оптимална околност што поттикнува ширење на заразни болести. Индустријализацијата на земјоделието, изградбата на брани и канали, урбанизацијата, уништувањето на шумите, затоплувањето на океаните, затоплувањето на атмосферата, зголемените врнежи од дожд и екстремните временски непогоди се сите одговорни за зголемено размножување и движење на животните што носат патогени микроорганизми, како и за зголемување на нивната отпорност на разни заболувања.

Светот силно реагира на кризата од Коронавирусот и сведоци сме на различни нивоа на страв и паника низ целиот свет. Многу од преземените екстремни мерки и нивоата на загриженост се разбирливи, но и неопходни за побрзо да се вратиме во нормален тек на живеење. Сепак, за да избегнеме повеќе состојби како пандемијата COVID-19 или уште полоши, треба да започнеме вистински да паничиме за климатската криза.

Во текот на следните неколку месеци, Климатски Набљудувач / The Climate Herald ќе објавува редовни написи поврзани со климатската криза засновани на научни истражувања и разговори со специјалисти од овие области. Наша цел е да обелоденуваме како климатскиот колапс влијае на секој аспект од нашите животи, какви решенија ни се достапни и што треба да се смени за решавање на најголемиот проблем на денешнината.

Извори:

https://www.who.int/globalchange/climate/summary/en/index5.html

https://blogs.ei.columbia.edu/2020/02/24/coronavirus-climate-induced-pandemics/

https://blogs.ei.columbia.edu/2014/09/04/how-climate-change-is-exacerbating-the-spread-of-disease/

https://www.nejm.org/doi/full/10.1056/NEJMp0912931

https://time.com/5779156/wuhan-coronavirus-climate-change/

https://www.weforum.org/agenda/2020/03/biodiversity-loss-is-hurting-our-ability-to-prepare-for-pandemics/

https://www.worldometers.info/coronavirus/

За авторите

 Симона Гетова

Симона има осумгодишно искуство во работа на кампањи за заштита на животната средина и климатска правда, организирање на заедници, алтернативно образование и градење на капацитети кај младите. Изминативе 4 години, таа работи и во областа на интегрирани политики за клима и енергија. Нејзината работа и истражувања досега се во областа на алтернативите предводени од локални заедници и на користењето на интерсекционален пристап и design-thinking методологија за создавање на подобар свет за сите. Симона има BSc во Бизнис Администрација со концентрација на Финансии и Менаџмент и МSс во Наука за животната средина, Политики и Менаџмент.

Џеј Ди Фаруџиа

Џеј Ди работи како проектен менаџер и менаџер на кампањи во приватниот и во граѓанскиот сектор, како и во областа на уметноста и културата од 2010та година. Некои од овие улоги вклучуваат: управител на граѓанска организација фокусирана на одржлив риболов, креирање и координирање на програми за граѓанско општество и координација на програмата на локален театар.

Џеј Ди има МSс во Менаџмент со животната средина и Планирање и завршено додипломски студии во Психологија на Универзитетот во Малта. Тој во моментот е вклучен во различни проекти поврзани со екологијата и животната средина, како и уметнички проекти во Малта, Северна Македонија и на европско ниво.

|2020-03-15T09:44:52+00:0014 март 2020|Актуелно, Вести, Екологија, Здравје|