(Џоел Лексчин) Фармацевтската индустрија во современиот капитализам (V дел)

Продолжение на текстот на Џоел Лексчин за функционирањето на фармацевтската индустрија во современиот капитализам. Останатите делови може да ги прочитате на следните линкови:
прв дел
втор дел
трет дел
четврти дел

Возможен е подобар свет

Во необјавен труд, британскиот економист Ален Мејнард вели:

“Економската теорија предвидува дека фирмите ќе инвестираат во корумпирање на  базите од докази,  секогаш кога придобивките ќе ги надминат трошоците.  Ако разобличувањето претставува трошок за регулаторите, се очекува корупцијата да заземе пошироки граници.  Најверојатно е дека инвестирањето во укажување пристрасност кон базите на докази за фармацевтските производи ќе биде детален и сеопфатен процес кој ќе ги покрие сите аспекти на проценка. Ваквиот начин на инвестиции најверојатно ќе биде широко распространет, сѐ додека научните и политичките дискурси остануваат технички и езотерични, а исходот ќе биде тешка и скапа детекција на корумпираните процеси”.

Иако фармацевтската индустрија делува како непобедлив противник, кризата со која таа се соочува нуди можност за застапување нови начини со кои ќе се донесат нови лекови на пазарот. Лекови кои би биле со прифатлива цена и ќе ги исполнуваат вистинските медицински потреби, наместо само да служат за максимизирање на профитот.  Институтот Марио Негри во Италија, кој постои уште од раните шеесети години на минатиот век, нуди алтернативен начин за спроведување на фармацевтските истражувања. Институтот е подготвен да прифати пари од фармацевтските корпорации за истражување, но инсистира да ја зачува својата независност преку дизајнирање на испитувањата, спроведување на истите, собирање и анализирање на податоците и на крај запишување на резултатите без никакво влијание од финансерите. Додатно, институтот одбива да вади било какви патенти или да бара некаква друга форма од Законот за право на интелектуална сопственост и сите информации се слободни и достапни. Исто така, одбива било какво финансирање доколку научниците заклучат дека резултатите нема да се во интерес на јавното здравје.

Иако вреди да се емулира моделот од институтот во поширока рамка, сепак истиот остава простор за избор на кои лекови да се фокусира и колкава би била нивната цена во рацете на фармацевтските корпорации.  Постојат многу предлози кои циркулираат скоро цела декада околу решавањето на овие прашања. Тие предлози вклучуваат интензивирање на истражувањата и развојот на лекови за коишто има вистинска медицинска потреба наместо само за зајакнување на профитот (исто така приходите да се базираат врз терапевтската вредност на лекот). Американскиот сенатор Берни Сандерс го воведе и ревидира Законот за фондови за медицински иновации кој има за цел да ги раздвои истражувањата стимулирани од високите цени на лековите, преку награди кои ќе ја поттикнат иновативноста. „Мотивираноста на овој начин може да таргетира важни цели, како на пример производи кои адресираат приоритети од здравствена перспектива” .

Понатаму, постои “тезата за секвестрација” предложена од страна на Артур Шафер, директор на Центарот за професионална и применета етика при Универзитетот во Манитоба. Тој предлага организациите како националните Институти за здравје или нивните еквиваленти во другите земји, да ги организираат клиничките испитувања и  истите да бидат под нивно раководство. Ова би се случувало преку финансирање со даноци од фармацевтската индустрија и/или општ приход од данок. „Фармацевтските компании нема повеќе да им плаќаат на научниците за евалуирање на самите нивни продукти. Наместо тоа, научниците би работеле во агенциите за тестирање”. Дин Бејкер, коосновачот на Центарот за економски и политички истражувања во Вашингтон, оди дури и подалеку во расправата за систем во којшто сите клинички испитувања би биле јавно финансирани со тоа што трошоците за испитувањата во САД би биле покриени од програмите за јавно здравје.

Некои национални здравствени системи, преку различни механизми, искусиле релативен успех во контролата на трошоците за лекови. На пример, Канада има поставено одреден максимум на цените на новите патентирани лекови. Како резултат на ова, цените на брендираните лекови се во просек за 50% пониски од цените во САД.  Сепак, Канада како репер ги користи средните цени на лековите во седум други земји, некои од нив и со највисоки цени во светот. Тоа е една од причините зошто потрошувачката за лекови во Канада изнесува 713 долари по глава на жител, односно е на четврто место по висина во светот. Австралија со својата програма за шема на фармацевтски придобивки, што го опфаќа целото население, врши преговори за цените на национално ниво.  Ако лековите не се наведени во  нивниот формулар, цените значително страдаат. Па така, Австралија успева да направи цените за брендираните лекови да се за околу 9 до 10% пониски од тие во Канада. Нов Зеланд има спроведено уште поагресивни тактики па така  користи метод на конкурентно наддавање за генерички лекови и референтни цени за брендираните лекови.  Оваа држава, со референтни цени ги групира сите лекови кои се терапевтски еквиваленти за одреден проблем и потоа Владата плаќа само за лекот со најниска цена во групата. Користејќи ги овие два пристапи и плус неколку други, наместо да потроши 2,34 милијарди долари, базирано на стапката за пораст на потрошувачката на лекови од 2000 година, Нов Зеланд плати само 777 милиони долари.

Но и покрај успехот за контрола на потрошувачката, ниту една од развиените земји не била подготвена да  се спротистави на тековниот режим на интелекуална сопственост, кој доделува монопол и до дваесет години и на тој начин ги отстранува лековите со ниски цени од пазарот.  Сите системи за регулација на лекови, до одреден степен се финансирани од корисничките такси, на тој начин вградувајќи систем кој ги прави регулаторите осетливи на потребите од фармацевтската индустрија кога е во прашање одобрувањето на нов лек.  На крај, сепак клиничките испитувања се сѐ уште под контрола на фармацевтските корпорации, насекаде низ светот. Унапредувањето во оваа област, како за лекарите, така и за конзумерите, дури и во земји како Нов Зеланд, е слабо регулирано, па така и лекарите и пациентите имаат ограничено знаење околу лековите.

Фармацевтските корпорации се екстремно моќни, што се должи на нивното богаство.  Тие ја постигнуваат оваа моќ преку активна колузија на регулаторните органи и Владите кои ги надгледуваат овие органи. Воведувањето кориснички такси значи дека комерцијалните вредности ги замениле приоритетите за јавното здравје.  На ваков начин, лековите се одобруваат со сѐ помалку докази за нивната ефикасност, што резултирало во терапија со слаб квалитет и плус поттикнуваат  доста прашања поврзани со безбедноста на лековите. Усогласувањето околу јачината на Законот за право на интелектуална сопственост преку интернационални и билатерални трговски договори, помага во заштита на профитот на корпорациите, а цената што треба да се плати за овој начин на постапување е намалената  достапност  на лекови на глобално ниво, а особено во земјите во развој.

За крај, индустријата е во состојба да манипулира со знаењето за вредноста на лековите, не само на штета на она што го знаат лекарите, туку уште поважно, и на штета на здравјето на луѓето.  Додека индустријата развива начини за справување со нејзината внатрешна криза, криза која е вродена во капиталистичката организација на фармацевтското производство, постојат и сериозни предлози со кои ќе се ограничи нејзината моќ со цел да се осигура дека лековите се развиваат и имаат цени кои ги исполнуваат реалните здравствени проблеми, а не потребата од сѐ поголеми профити.

Превод: Симона Наумоска
Лектура: Емилија Митреска