Левица: „Да не се дозволи приватизација на МК Железници“

СКОПЈЕ, 20.02.2018 – Политичката партија Левица денес одржа прес конференција по повод најавата за приватизација на транспортот на МК Железници. Од Левица потенцираа дека,  изминатите 27 години самојстојност на економски план се означени со приватизации, а како што рекоа, една од ретките стратегии за кои се сложуваат двете најголеми партии СДСМ и ВМРО – ДПМНЕ, е токму приватизацијата на јавните добра.„Работниците во тие претпријатија, како и потрошувачите не видоа лично економско подобрување. Единствените кои видоа бенефит од приватизациите се газдите, кои за ефтини пари добија бизниси на тацна“, нагласија од Левица

Министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски, пред неколку дена во гостувањето на ТВ 24, го најави приватизирањето на транспортот на МК Железници поради долговите од 80 милиони евра. Според него, министерството во наредниот период ќе објави анализа за потребата на овој чекор, кој како што вели, „се прави исклучиво за да им се излезе во пресрет на работниците,  да не ги изгубат работните места“.

„Новата влада зборува за нови приватизации. Прво беа споменати хидроцентралите, кои беа дадени под концесија, за кои јавноста критички реагираше и мерката беше повлечена барем за сега, а сга се зборува за приватизација на македонските железници“, рече Бранко Ристов, член на Левица и советник во општина Карпош.

Од Левица потсетуваат дека, никаде во предизборната програма на партиит, кои ја сочинуваат новата власт немаше спомнато приватизации, туку напротив, споменато беше дека ќе се работи на подобрување на состојбата на железниците.

„Народот нив не ги изгласа за да ги распродаваат јавните добра, туку за да го подобрат животниот стандард“, истакна Ристов.

Од Левица сметаат дека, од продажбата на јавните добра, земајќи го предвид искуството со претходните приватизации, Буџетот на државата краткотрајно се наполни, а новите приватни газди започнаа да остваруваат профит, а оти сето ова удри врз грбот на работниците и потрошувачите.

„Затоа ние како политичка партија апелираме до вработените на Македонски Железници и граѓаните, остро да се спротивстават на ваквата мерка, за да не ни’ се повторат трагичните приказни од минатото“, рече Ристов

Авторка: Сенада Ибраимова