Цветанка Николова – Цеце: „Почитта, довербата и љубовта создаваат семејство.“

Дијалог со Цветанка Николова – Цеце по повод Меѓународниот ден на девојчињата

На овој ден подискутуравме со Цветанка Николова – Цеце за прашањата поврзани со жените и девојчињата. Жените во нашата држава сè уште се дискриминирани, имаат помали шанси за напредок, помалку структурни можности за благодет. Меѓу сите жени има и такви кои што не можат да најдат вработување, кои што немале родителска грижа, кои треба да се исправат пред сите предизвици, а сепак да застанат цврсто на нозе трпејќи го цел терет на капитализмот и патријархатот. Цветанка Николова – Цеце е основач на Здружението за млади лица без родители „За тебе“ и една од поактивните борци за правда за едни од најмаргинилизираните заедници. Таа е новинарка и работи за „Точка“ (tocka.com.mk). Пораснала во СОС детското село Македонија, а пред пет години заминала од таму. Здружението „За тебе“ е основано заедно со уште четворица млади кои како Цеце сакаат да им пружаат помош и поддршка на децата без родители по навршувањето на нивното полнолетство.

Никола Шиндре: Цеце, човечките слободи и права се универзални, но знаеме дека во зависност од контекстот и времето не секаде се почитуваат еднакво. Многумина од луѓето здраво за готово ги земаат стекнатите права, но и освоените привилегии. Како е да се расте без привилегии?“

Цеце Николова: Основните права и привилегии за едно дете се топол и безбеден дом, љубов и образование. Како дете кое што порасна во СОС детското село Македонија не можам да кажам дека сум порасната без никакви привилегии. Идејата на СОС детските села воопшто е да имаат одлична згрижувачка програма за децата без родители и родителска грижа. Нивната практика се издвојува од останататите згрижувачки институции бидејќи секое дете има мајчинска фигура во куќата во која што живее. Таа мајчинска фигура имаше огромно значење за мене, но, за жал, не сите деца без родители и родителска грижа ја имаат истата привилегија.

Од другата страна, растењето како дете без родители ме направи силна и истрајна. Ме научи дека доколку доволно упорно работиш на сопствениот напредок и развој во иднина ќе можеш да им помогнеш и на другите кои имаат слична судбина, па точно така се роди идејата за „За Тебе“.

Н. Ш. Главнотековните феминистички движење денеска се залагаат за правична застапеност на жените во политиката, на раководните позиции за да може да се чуе женскиот глас во јавноста. Кои треба да се најосновните барања што би помогнале во себереализирање на секоја жена, ни и би го подигнале нивото на животниот стандард на жените воопшто?

Ц. Н. Недостига присуство на жените на раководни и лидерски позиции, промената би требало да започне од самата перцепција на општеството кон жените. Жената може да биде подеднакво реализирана и на деловен и на личен план. Неопходно е да се промени стигмата на општеството кон улогите предефинирани со родот. Низ образованието децата треба да учат дека одговорноста за создавање на дом и семејство е подеднакво распределена помеѓу партнерите, а не предефинирана со родот. Припадниците на сите родови заслужуваат подеднаква шанса за професионална и лична реализација. Девојчињата соодветно ја разбираат и практикуваат слободата на избор на професија која носи поголема одговорност и поголем ангажман.

Н. Ш. Воспитувањето и образувањето го создаваат човечкиот карактер од најмлада возраст. Многу важни работи за животот се испуштаат и не се изговараат во образовниот систем. Како да се создава инклузивен, но и критички просветен систем во кој што ќе има место за секој, но и соодветно знаење, грижа и внимание?

Ц. Н. Воспитувањето и образувањето се клучните фактори кои влијаат врз формирањето на личноста, а со тоа и индивидуалното влијание на просветните работници врз младиот ум е критично. Мислам дека постои реална потреба за надградување на системот за образование со појдовна точка од просветните кадри и нивната едукација и пристапот до методите на образование во ова „модерно“ време. Пред сè државата ќе треба да направи план за реформирање на образовниот систем за идните 20 години, со што ќе се постави темел и насока за можните промени, кои ќе почнат сега, а вистинските промени ќе се почувствуваат во иднина. Тоа е визијата за општеството – каде сака да биде и каква младина да создава. Образованието е процес што трае, концептот на life long learning нè учи дека тој процес никогаш не застанува, така што било кои инстант решенија што ќе се појават, се само прекрпување без визија за иднина.

Н. Ш. Нашата држава не води добра грижа за здравјето на граѓаните. Многумина собираат парични средства за да можат да се лекуваат, многу жени немаат видено гинеколог-акушер. Како да почнеме системски да се грижиме едни за други, особено за најслабите?

Ц. Н. Собирање на парични сретства за лекување е практика која се случува и во високо развиените држави и мислам дека е огледало на хуманоста на едно општество и се радувам на идејата дека непознати луѓе се сплотуваат со цел да помогнат на непозната личност.

Грижата за сопстевено и колективното здравје најмногу зависи од индивидуалното ниво на свесност. Системот не може да се потпре секогаш на свесноста на граѓаните дека ќе се грижат за своето целокупно здравје. Секоја индивидуа има свој пристап и секогаш ќе има сегменти за кои ќе биде засегната и сегмени кои ќе смета дека не се потребни. На пример: стоматологот е поважен од дерматологот. Мислам дека примарното здравство треба да се постави како мониторинг систем што ќе ја зголемува свесноста на поединците. Треба да се изгради комуникациска мрежа преку која ќе се информираат граѓаните за потребните мерки и активности за превенција и скрининг, а со тоа ќе се работи на создавање на здрави навики кај населението.

Н. Ш. Системот за социјална грижа е претворен во трансфер на социјална помош и со тоа власта смета дека ја завршила својата задача. Исклучени се сите што имаат потреба од грижа и нега. Како да се гради солидарност што подоцна ќе роди системски решенија за нечуените луѓе?

Ц. Н. Државата има соодветен систем за социјална грижа, но, за како и сите останати во светот, тој е генерички и така одговара на специфични проблеми кои генерално се појавуваат во земјата и се карактеристични за поголемата популација. Мислам дека системско решение, со кое што ќе се опфатат и граничните ситуации, индивидуалните ќе се постигне со зголемување на индивидуалната и компаниската општествена свесност, а со тоа ќе се намали теретот врз социјалниот систем и ќе биде во можност подобро да одговара на специфичните случаи.

Н. Ш. Се доближуваме до редефинирање на социјалните односи, моќта, но и историските институции што не функционираат секогаш исто или за сите подеднакво добро. Како да се редефинира бракот, семејството за да може луѓето истовремено да се послободни, а да има помалку луѓе без родителска грижа?

Ц. Н. Институционалната вредност на бракот во модерни времиња падна на ниво на етикетирање и тој статус игра улога во одредени сегменти на општеството. Повторно се навраќаме на индивидуалната и колективната свесност и познавање на концептот брак кој не треба да биде дефиниран како легална инстанца, туку како доброволно градење на трајна врска изградена на принципите на транспарентност, доверба и пред сè љубов. На Балканот сè уште постои стигма дека бракот во легална форма е неопходен, но без да се фокусира на тоа дали е склучен со принципите кои ги споменав. Во светот постои бран кој се бори против било какво етикетирање, без разлика дали се работи за пол, раса, сексуално дефинирање или брачна состојба. Општеството треба да научи дека почитувањето, довербата и љубовта не е неопходно да се рефлектираат со правно легитимирање.

Н. Ш. Некои немаат еден родител, некои пак живеат со старатели, некои без родители. Има повеќе видови на функционални семејства, но и дисфункционални семејни односи. Семејството е сепак можна институција. Што е она што најмногу му значи на секој човек во раст и развој без разлика како и со кого живее?

Ц. Н. Како што веќе споменав, основните работи за функционално семејство се доверба, почит и љубов. Како дете пораснато во СОС детско село и научив дека секој со кој што можеш да изградиш врска оформена врз основа на тие принципи станува семејство.

|2020-10-12T07:35:49+00:0012 октомври 2020|Актуелно, Култура, Став|