Меѓународен ден на антиколонијализмот

Денеска не се одбележа Меѓународниот ден на антиколонијализмот и морам да кажам дека неодбележувањето е на место.

На 1ви септември, 1961 година во Белград се одржа првиот самит на Неврзаните. Неврзаните беа симбол на антиимперијализмот на моќните западни царства, знак на антимилитаризмот и мирот, прв чекор кон антифашизмот, антикапитализмот и исправање на провинциите пред големите хегемонии. Неврзаните беа сигурност за работниците на државите конституенти, а надеж за сите луѓе од Третиот свет ширум Земјата.

За жал нашето претходно општество се распадна, луѓето кои беа другари станаа смртни непријатели, крвта го преплави Балканот по илјадити пат во XX век. Денес овде нема ни трага ни глас од општеството кое се залагаше човекот да биде највисоката вредност за него.

Југословенската мисла и идеја очигледно стигнале до искористената Африка, секогаш тепаната Јужна Америка, до сиромаштијата во Азија. Од периферијата на Османлиското и Австро-Унгарското Царство сме станале држава што имала претставници насекаде низ светот.

Денес живееме на истиот географски регион, повторно претворени во периферија. Луѓето не убедуваат дека воените сојузи ќе донесат мир. Не сакајќи да градиме иднина со тие до нас, станавме слуги на иднината на оние што се подалеку и од тие до нас.

Желбата да се биде дел од нешто поголемо не може да биде цел сама по себе. Ние треба да создадеме општество кое ќе се грижи за угнетените, сиромашните, обесправените… Ние треба повторно да се караме со нашите соседи, но не за нашето минато, туку за нашата иднина.

Среќен ден на антиколонијализмот. В година повторно пригодно нема да го прославиме.

Автор: Никола Шиндре

Извор: ФБ профил на авторот

Редакцијата „Гласник“ не нужно се согласува со ставовите изразени во текстот.

|2020-04-25T17:28:10+00:0025 април 2020|Актуелно, Вести, Став|