Дигиталната марксистичка архива на македонски јазик полни 15 роденден

На 16 април, 2005 година се објави првиот текст на дигиталната Марксистичка архива на македонски јазик. Од првиот напис до денеска, оваа интернет архива прерасна во бастион на левичарските архиви на македонски јазик, како по достапност, така и по суштинскиот левичарски начин на креирање на библиотечниот фонд, преводите на значајните четива од левичарски, особено марксистички автори, нивната преработка во дигитална верзија…

Левичарската мисла се шири на тој начин; со читање на левичарски философи, интелектуалци, научници; препрочитување на историјата на градењето на левата идеја; и трудење новата форма на таа мисла да се запише во архивите.

Низ архивата може да пронајдете неколку четива на феминистките Роза Луксембург или Александра Колонтај, „Мразам индиферентни“ на Антонио Грамши, некоја поезија од Бертол Брехт, или од изборот на Влладимир Мајаковски. Ги има и Хауард Зин, Ерих Фром, Ернст Блох, заедно со Ноам Чомски и Наоми Клајн.

Можете да читате за Париската комуна за да научите повеќе за животот во Франција по Буржоаската револуција, за Советската револуција и предреволуционерното општество во Царска Русија, за Шпанската граѓанска војна која однесе и многу човечки животи од Југославија, за социјалните движења од 1968 кои го означија XX век.

Зборот запишан на хартија треба да биде достапен за секој подеднакво, па затоа охрабрете се да прочитате, да истражите нови левичарски автори и да им овозможите на оние кои не знаат да научат нешто повеќе за левичарската мисла, а текстот може многу лесно да го испратите до администраторот за да може другите да го читаат.

Најдобриот начин левичарската мисла да успее е истата да стане и пракса на левичарите.

Среќен 15 роденден на дигиталната Марксистичка архива на македонски јазик.

“No title” lightbox, 2019
Nikola Slavevski

|2020-04-16T18:14:30+00:0016 април 2020|Актуелно, Вести, Култура|