Даниел Ѓорѓевски: „Нема да не биде!“

Пред некој ден бев на пазар да пазарам, ситници, секојдневни. Шетајќи и ладејќи го умот од мисли, резултат на професионални деформации, забележав како на една од тезгите има јаболка кои со изгледот и сочноста ме намамија да одам и да ги купам. Продавачот ми кажа дека истите се речиси непрскани и растени во средина во која што нема аеро загадување. Работени со љубов и внимание, катадневно. Се подзамислив, гледам многу ги има, речиси ништо не продал, па го прашав: „Господине, кога е така, зошто ништо немате продадено?“ Ми одговори: „Млад господине, скапи им се.“ Се подзамислив во секунда, „колку се?“ го прашав.
„50 денари“ одречно ми одговори. Купив и тука завршува приказната со продавачот. Движејќи се за дома се јави револт, некоја лутина која ме испоти. Зарем сме толку бедни, 50 денари за килограм јаболка се многу?

Од како е започна епидемијата кај нас па до денеска 19.5.2020 година секојдневно слушаме за кафулињата, рестораните, што е и вообичаено, впрочем дел од приходите во моето семејство доаѓаат од таму, што значи немам ништо против нив. Мојот револт е насочен кон сите нас, ни фалат кафулињата, кафето кое го добиваме во нив кое чини, впочем, една шоља повеќе од килограм јаболка??? Така препотен од топлото и запурно време некако стигнав дома. Нели корона е одма зедов да се дезинфицирам, мијам, прскам. Ајде алиштата да ги испрскам со дезентал, патиките. Не беше страшно, релаксација на умот.

Влегувам во соба, телевизорот пуштен гласно, баба ми има 83 години не слуша добро женичката. Батали тоа. На репертоарот има дебата за изборите на еден канал. Реприза од лекари за болести на друг канал. Саде експерти, сите до еден докторирале и биле на пост – докторски студии во рок од два месеци, се знаат, се можат. Како по навика го зедов  телефонот да разгледам ради досада што има по социјалните медиуми. Таму чиниш на концерт од 80 тите си, народ збран еден до еден, коментар до коментар. Едни го решаваат проблемот со заразите. Други зборуваат за теориите на заговор од типот 5G (со зборови – Пет Г) како ја шири истата зараза. Другите се расправаат зошто за Велигден имало карантин, третите за тоа дека не смеело да има за рамазан.

На една страна фронт кој го брани преседателот на левите, друга страна преседателот на десните. Летаат навреди исто како флаши и чаши во вестерн филмовите во таверните и пабовите. Така подзамислен ми се јавува низ мисли песната од „Светот на бајките“ и колку ми беше убаво кога бев дете, не дека тука било поинаку, јас сум живеел во свет на илузии кои сега жалам што ги нема повеќе бидејќи сакал или не, морам да се соочам со реалноста.

Листам понатаму по социјалните медиуми и гледам како доктори по медицина (лекари) решаваат државнички проблеми, а кутрите не знаат лек против болка да препишат. Лекари како зборуваат за идентитет и интегритет, нема врска што не му ја знаат суштината и значењето и на едниот и на другиот термин. Понатаму гледам наслов – КРИЗА (за жал не серијата со Никола Којо, камо да беше таа од средни години) ја чека Македонија во следниот период. Хм. Зарем не сме во криза од како постоиме како суверена држава, константно?

Него доста типкам по тастатура, нема крај приказанта. Суштината е јасна. Кучињата лаат, караванот си врви. Арно ама, кучињата се едни од најинтелегентните суштества на планетата, знаат да распознаваат, препознаваат, верни му се на пријателот (не сопственикот) кој знае и умее да ги чува и цени, за разлика од кучињата во НАШАТА ЗЕМЈА кои се ем гладни, ем испотепани, ем први на гласање за честа на НАШАТА ЗЕМЈА, за напредокот на НАШАТА ЗЕМЈА.

Бидете живи и здрави НАШИ ГРАЃАНИ, додека вие гласате, потоа и лаеете, некој ужива во земските благодети. Додека вие гладувате, левицата и десницата се ракуваат и народно кажано си тераат по свое.

Е затоа НЕМА ДА НЕ БИДЕ, никогаш, а ни тогаш. А до тогаш. Останете со добро здравје кое ќе ви го средат лекарите по тв што излегуваат.

 

Даниел Ѓорѓевски

|2020-05-21T16:28:14+00:0021 мај 2020|Актуелно, Култура, Став|