СКОПЈЕ, 25.04.2018 – Општината Аеродром која во последните години е најзагадена општина во Скопје, продолжува да дава дозволи за нови згради и да дислоцира паркови и детски игралишта. Градоначалникот од редовите на СДСМ, Златко Марин кој во предизборната кампања ветуваше дека ќе го среди урбанистичкиот хаос и ќе направи ревидирање на ДУП-овите, сега ретерира и продолжува да дава „амин“ за нови градби кои носат прашина, пренатрупаност и уништување на зелените површини.
„Ги ревидираме плановите, но тоа не значи дека можеме да ги смениме. Само можеме да испитаме дали се направени законски и ако некаде има прекршувања, да интервенираме“, изјави за Призма градоначалникот Марин.
По добивањето на градежната дозвола на 4 април годинава, веднаш почна да се расичистува теренот за нова зграда кај ,,Тобако 2″ на улица Руди Чајевац во Аеродром. Инвеститор е компанијата Порта Инжинеринг и 13 сопственици на земјиштето. Основана е во 2015 година, но повеќе информаци за неа нема, освен дека седиштето е на иста адреса со Адора Инженеринг, во сопственост на бизнисменот Ванчо Чифлиганец. Градбата на објектот ја прави фирмата Специјал Градба. Нејзин управител е Кочо Стојчески, бизнисмен и раководител на сектор за локален економски развој во општина Центар. Тој почнал да работи како хаусмајстор, но во време на екс-градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски, напредува драстично во својата кариера.
Ваквото „вообичаено партнерство“ на урбаната мафија заедно со политичарите стана секојдневна пракса кога станува збор за приватизирање на атрактивните парцели во градот. Во случајот со Аердром, се чини дека кадешто застана претходниот градоначалник Ивица Коневски, сега продолжува Златко Марин. За новата тура на бетонизирање во Аеродром и резонирањето на Марин околу одобрените градби може подетално да погледнете во емисјата ПРОВЕРЕНО: