СКОПЈЕ, 22.01.2018 – Селото Батинци е на 200 метри воздушна линија од депонијата Дрисла. Таму жителите подолго време ги чувствуваат последиците од (не)функционирањето на оваа депонија. Тие, за екипата на Гласник велат дека, нивниот живот значително е влошен од речиси секој аспект поради складирањето и горењето на опасниот отпад во Дрисла. Исто така, се сомневаат во намерите на властите, вистински да го решат овој проблем што егзистира од самото отворање на депонијата.
Жителите на селото Батинци се соочени со можен катастрофален исход од екоцидот, којшто се случува во атарот на селото. Имено, станува збор за депонијата Дрисла и загадувањето коешто извира од тоа место. Селото е во составот на Општина Студеничани, меѓутоа се случува своевиден парадокс, затоа што депонијата се простира на две општини, а правните ингеренции ги има Градот Скопје. Батинци, според официјални статистики има околу 6000 жители, но селаните објаснуваат дека луѓето од соседните села Црн Врв, Патишка Река, Јаболце, Горно и Долно Количани и Драчевица постепено се населувале во Батинци, и сега реалистичната бројка е околу 15 000 жители.
Голем дел од депонијата се протега врз општина Сопиште, но исто така и општината Студеничани. Жителите на селото Батинци се жалат на секојдневното загадување причинето од депонијата. Не се загадува само воздухот, којшто во летно време се чувствува многу посилно. Загадувањето ги допира и останатите делови од животната средина како водите и почвата. Селаните раскажуваат дека во минатото во Марковата река ги переле исклучиво белите алишта, затоа што таа вода била многу чиста. Денес тоа е незамисливо, затоа што водата е многу загадена, бојата на водата најчесто е црна.
„ После пладне, гори и смрди доста. И така…Имаме проблеми со водата, воздухот, доста проблеми имаме. Ама види, ние сме ситна риба, никој не не’ прашува“, изјави сточарот Јунус Муаремовски за Гласник.
Во минатато во близината на ова село се одгледувале различни градинарски култури. Местото било плодно и полно со оранжерии. Исто така и сточарството било присутно. На ова место, денес видно се намалени сточарските но и оранжериските култури.
Според жителите на селото, една од главните причини за оваа ситуација е депонијата Дрисла.
Отворањето на депонијата Дрисла не поминала без отпор од локалното население. Во моментите кога се појавила иницијативата на почетокот на деведесетите години, жителите на Батинци бурно реагирале на оваа иницијатива. Според зборовите на еден од жителите, коишто инсистираше да остане анонимен, тогашните власти се заканувале дека „доколку треба со тенкови ќе влезат, но Дрисла ќе се отвори“.
Фрустрацијата на овие луѓе е доста голема. Тие тврдат дека, иако Дрисла се води како санитарна депонија, таа треба да се води како дива депонија затоа што не ги поседува потребните сертификати и дозволи да се води како санитарна депонија. За овие дваесетина години, неодамна за прв пат е извршен увид од страна на државниот инспекторат за животна средина. Жителите се во паника, се’ што бараат е гаранција од државата дека ќе дишат квалитетен воздух и ќе живеат во чиста животна средина.
Една од главните опасности од оваа депонија, од која стравуваат жителите на ова село е метанот и јаглерод диоксид, кој лесно се пали и е потенцијално експлозивен. Еден од посериозните вакви инциденти се случи во 2011 година во близина на градот Маниса, Турција. Имено, на депонијата во близина на Маниса, во подножјето на планината Спил, дошло до експлозија, поради компресија на метан гас. Целиот град беше зафатен од облак од чад, којшто се прошири од депонијата.
Според жителите на околните села, на Дрисла не се согорува целиот отпад, којшто би требало да биде согорен. Имено, дел се закопува или се таложи на страна. Во лето неподнослива е смрдеата којашто се шири над депонијата и која доаѓа до самото село.
Од друга страна, во близина на депонијата глутници кучиња вегетираат. Голем дел од жителите на Скопје кои сакаат да се ослободат од обврската да ги чуваат кучињата ги носат во Дрисла. Местото станува сериозна закана и извор на многу вируси и инфекции.
Во селото постои големо незадоволство. Велат дека, кога на скопјани им дојде „нож до коска“ се побунија и сфатија дека во Дрисла се случува екоцид. Дури и на јавните настапи, ретко се спомнуваат селото Батинци и жителите на ова село. Појавата на голем број на респираторни, но и канцерогени болести бил еден од алармите за овие луѓе да почнат да се сомневаат во исправноста на начинот на преработка на депонијата.
Надежта дека депонијата ќе се релоцира ги напуштила селаните, меѓутоа тие се надеваат на посериозен пристап од страна на државата. Бараат депонијата Дрисла да ги исполни еколошки стандарди и критериуми коишто би требало една депонија да ги исполнува, со што животот на овие луѓе не би бил загрозен. Во исто време, тие се скептични за ажурноста на власта, земајќи предвид дека само до пред две години немаше мерна станица за квалитетот на воздухот во близина на депонијата.
Борба за здрав живот, или борба за профит?
Иако депонијата се ноаѓа на територија на општините Студеничани и Сопиште, таа е под надлежност на Градот Скопје. Во депонијата се согорува отпад од Скопје, но и цела Македонија. Во депонијата работат главно работници од соседните градови, само 30-тина се луѓе од селото Батинци.
Концесијата за депонијата до неодамна ја имаше италијанскиот концесионер „ФЦЛ Амбиенте“, компанија која беше формирана само неколку дена пред последниот рок за доставување на понуди за тендерот. Жалбата пред Управен суд би требало да го раскине договорот помеѓу градот и италијанскиот концесионер. Со што, истиот би бил заменет со германски концесионер, односно фирмата „Шолц“.
Меѓу другото, мештаните на Батинци сметаат дека, актуелизацијата на проблемот во јавноста во овој момент, не се должи на грижата којашто новите власти ја имаат за воздухот или за животната средина. Тие сметаат дека позади ова стојат големи апетити за профит. Земајќи предвид дека, сегашното раководство на депонијата е струкура поставена од страна на претходната власт, и врз истата немаат никакви влијанија постојните властодршци.
Депонијата носи големи профити. Тие пари паѓаат во рацете на приватни концесионери. Концесионерството во Македонија, како метод не се покажало како ефикасна можност државата својата надлежност и власт да ја предаде во рацете на приватна компанија. Логиката дека државата не сака да ги решава проблемите, туку само да ги фасадира е токму пристапот на тоа дека концесијата претставува единствена опција за новите власти.
Дали неолибералниот економски и политички пристап останува единствената политичка и правна алатка во рацете на власта и тогаш кога станува збор за човечки животи е доста значајно прашање. Немањето јасни концепти и решенија за животната средина, а во исто време и присвојуваќи ги државните механизми преку кои се доаѓа до голем профит, новата власт јасно и недвосмислено чекори кон нов економски авторитаризам. Во тој авторитарен ек, животот на многу луѓе, вклучително и животната средина остануваат на работ на животната егзистенција.