(Здравко Савески) Навраќање на идеалот

Фотографија од про демократските протести во Чиле во 2016 година објавена на страницата на CNN

Почнувањето на една нова година е секогаш добра прилика да се заврти нов лист. Да се обидеме тоа да го направиме.

Во време кога доминира цинизмот, сарказмот, егоизмот и апатијата, продуцирани и репродуцирани особено на социјалните мрежи, да се зборува за идеалот звучи – крајно наивно. При самото спомнување на идеалот, огромен број луѓе веднаш се потсетуваат на стихот на Бора Чорба: „За идеалите гинат будалите.“

Да, имало и има луѓе подготвени дури и да загинат за својот идеал. Во денешната преокупација со историјата, на многумина им се полни устите со нивните имиња, величајќи ги нив во политичките пресметки, но фактички сметајќи ги за – будали. Гоце, Мирче, Страшо, сите тие ги положија и своите животи за она во што веруваа. Зошто тие направија нешто апсолутно неразбирливо од гледна точка на малограѓанинот? Наместо да се трудат да се снајдат некако во дадената ситуација и со полесно да си го истераат животот, тие не само што биле подготвени да го жртвуваат и личниот интерес и сопствената благосостојба, туку биле подготвени да ја жртвуваат и својата слобода, да скапуваат по затвори, ѕверски да ги измачуваат, па дури и да го дадат својот живот.

Боже, можно ли е некој да бил толку апсолутно глуп? Што би се случило ако Гоце, Мирче, Страшо му се исправат денес на типичниот малограѓанин, самозадоволен со својот сарказам, цинизам, егоизам, и му кажат дека има нешто поголемо од личниот интерес, од малограѓанското терање на животот, нешто за што вреди да го ризикуваш не само работното место, туку и слободата, па дури и животот? Шетај, Гоце! И ти Мирче, а и ти Страшо! За идеалите гинат будалите! Ние знаеме многу подобро од вас дека нема ништо што може да стои повисоко од мојот личен интерес и личниот интерес на мојата фамилија!

Што може друго да каже малограѓанинот? Но, што е тоа идеал, за кого некои го жртвувале и сопствениот живот, а за кого малограѓанинот има толку надмен презир? Идеалот не е нешто што подразбира да имаш некоја лична цел во животот или да извлечеш лична корист за себе. Не може да имаш „идеал“ да си купиш подобра кола, да имаш поголема куќа. Ниту пак имаш „идеал“ да дојдеш на власт и сите да ти се клањаат. Идеал значи нешто што е поголемо од тебе, нешто што е толку важно за тебе што си подготвен да се вложиш и да се жртвуваш за тоа. Уште две важни дистинкции ќе направиме. Првата е во однос на убедувањето. Идеалот не е само просто убедување (пасивен став дека нешто е вака или така), туку е убедување кое вклучува и стремеж за делување кон неговото остварување. Втората дистинкција е во однос на целта. Идeалот нe e нeшто ситно, некое мало политичко поместување во позитивна насока. Тој не е ниту само долгорочна цел. Тој е таква долгорочна цел, која го инспирира политичкото делување и претставува неговата смисла. За луѓето со идеал, нивниот идеал не е нешто додатно, надворешно во однос на она што тие се, туку е дел од нивниот живот, тој ги прави она што тие се.

Во политиката има два силни мотиви: егоизмот и идеалот. Ако го нема едното или другото, политичкото делување станува килаво. Повеќе време ќе потрошиш да го убедиш да мрдне со прст оној што нема ниту личен интерес ниту идеал отколку сам да ја завршиш работата. За тоа колку силен мотив е личниот интерес во политичкото делување, има неброени примери. Ако некој гледа личен интерес во своето политичко делување (добивање/зачувување работно место, функција, профит), дури и лидерот да му го фатат со двете раце во медот, кадарен е да тврди (па и да верува!) дека црното е бело. Се разбира, никој, барем декларативно, не сака партиите да бидат вакви. Но, чист утопизам е мислењето дека е можно да се формира успешна партија која нема да биде корумпирано здружение, а која исто така нема да се потпира врз постоењето на идеал кај своите членови. Уште пак доколку идеалот презирливо се отфрла, а целите се поставуваат трошкаџиски ниско, тогаш или членовите нема да гледаат мотив за своето делување или ќе се накотат кариеристите кои, настрана декларативната антикорупциска реторика, ќе се ангажираат заради лична корист. Во отсуство на идеал, секоја „идеалистичка“ некоруптивна партија се соочува со спирала на надолен ангажман, продуциран и репродуциран од мерењето на својот ангажман во однос на ангажманот на другите, рекреативниот пристап кон активностите, потклекнувањето при првата и најситна препрека и слично. А имањето идеал, меѓу другото, е и силна брана против корупцијата. Никој не може да поткупи човек со идеал, сѐ додека тој му е верен на својот идеал.

Идеалот не е рамномерно распределен на политичкиот спектар. Тој главно се јавува кај левицата и десницата, додека во центарот тој ретко се јавува. Затоа и центарот е толку безбоен и „прагматичен“. Точно, има случаи либералната демократија, владеењето на правото, слободниот пазар, либералните човекови права да ја имаат тежината на идеал за кои луѓето се подготвени да гнијат по затвори и да го ризикуваат својот живот. Но тие случаи се ретки, повеќе исклучок отколку правило. Луѓето со идеал најчесто биле или убедени левичари или убедени десничари. А денес, вторите се далеку побројни од првите, особено во земји како Македонија.

Зошто кај левичарите (борци за социјална правда, за работнички права, социјалисти, комунисти, анархисти) постоењето на идеал порано било доста застапено, а денес тоа е значително поретко? Левичарите едногласно ја отфрлаат, и тоа со право, тезата на Френсис Фукујама од раните 1990-ти дека дошол крајот на историјата и дека либерализмот станал конечен победник во историската битка на идеите и идеологиите. Но, многумина од нив не се свесни колку самите се под влијание на либералните идеи, вклучително и во поглед на интернализирањето на либералниот цинизам во однос на идеалите. Па и тие, како и центристите, немаат идеал што ги води во нивното делување, станати се затвореници на неподносливиот имобилизам на инкрементализмот (трошкаџиството), робје на статус-квото. Импотентно делува самодекларирањето за социјалисти/комунисти/анархисти, ако тоа е сведено на декларација на верба, дека некаде таму далеку во иднината, онака автоматски, капитализмот ќе биде заменет со бескласно општество. Не е доволно некој да има само уверување дека капитализмот е лош систем, а истовремено да мисли дека тој не може да биде променет. Во тој случај капитализмот добива негативна легитимација, односно сепак се легитимира. Иако негативната легитимација е чекор напред во однос на позитивната, од гледна точка на стабилноста на капитализмот, дали легитимацијата е позитивна или негативна – малку менува. Во таква ситуација, антикапиталистичкото декларирање станува беззабо, празно, лишено од сопствената содржина. А тезата на Фукујама и целиот либерален естаблишмент, дека немало алтернатива, се смета за даденост, за константа, за појдовна претпоставка и крајна точка на активизмот.

Но, зарем може капитализмот да биде заменет со друг, похуман систем? Колку е тоа реална политичка цел? Ние во Македонија, дури и на левицата, се однесуваме како денес уште да е 1990 година, како да сме немале 30 години капитализам и како тоа да не е доволен временски период да се оценува неговата (не)успешност. Доста раширени се имбицилните мислења дека ова кај нас не било капитализам, туку било феудализам, социјализам, коруптивизам и не знам што друго. И дека, по влезот во ЕУ, кога-тогаш ќе ни дадат на тацна капитализам со истите благодети како и во западните земји. Но, ваквите ступидни тези без основа во реалноста, мора да бидеме самокритични, се поради ниското теоретско ниво на самата левица, слабото спротивставување на либералната пропаганда помеѓу луѓето и прифаќањето на капитализмот како даденост. Дури и во редовите на левицата!

Но, што, ние во Македонија ќе го смениме капитализмот? Повторно дефетизам кој се темели на заглибеноста во интелектуалната бара во која е потоната Македонија! Многу вода протече од 1990 година. Денес, глобалниот капитализам можеби се чини дека е на врвот од својата доминација, но тој е станат крајно опасен и, поради тоа, ранлив. Тој успеа да создаде легитимитет за себе, подигнувајќи го животниот стандард на голем дел од населението, пред сѐ на глобалниот Север, но и пошироко. Меѓутоа, тој тоа го направи на огромна штета на природата, опасно нарушувајќи го капацитетот за издршка на Земјата и создавајќи климатска криза со капацитет, меѓу другото, да го наруши статус-квото, носејќи незамисливи страдања, во прв ред на оние што не се дел од владејачката класа и на оние во посиромашните земји. Капитализмот веќе 30 години ја решава климатската криза, но не успева да ја реши. Ниту пак може да успее да ја реши. Неговата експлоататорската природа му стои на патот, а капитализмот не може да се откаже од експлоатацијата без да се негира себеси. Капитализмот сега живее само на својата стара слава. Во реалноста, тој денес претставува егзистенцијален ризик за човештвото и за останатиот живот на Земјата и, ако под итно не се фатиме во костец со него, изборот што сѐ уште го имаме, социјализам или варварство, ќе биде разрешен во корист на второто.

Во услови на максимална делегитимација на капитализмот (кој дојде на тоа дереџе да биде ризик по животот на Земјата), стана должност да се поведе неодложна борба против него. Социјалистите/комунистите/анархистите имаат одговорност да ја предводат таа битка. Денес повеќе од кога било има потреба да се раскрсти со либералниот потценувачки однос кон идеалот, кон големиот наратив, и тој да се врати на голема врата во јавниот дискурс. Кризата на глобалниот капитализам е шанса да се изгради ново општество втемелено на негација на екплоатацијата, како во однос на луѓето така и кон природата. Социјалистите/комунистите/анархистите можат да продолжат да живеат заробени во рамките на либералните ограничувања, вклучително и да се придружат во негирањето на реалноста на надоаѓачкото нарушување на статус-квото под влијание на забрзувачката климатска криза. Или можат повторно да станат достојни на термините што ги прифатиле за сопствена идентификација, оживувајќи ги и спроведувајќи ги.

Здравко Савески

|2021-01-02T11:03:03+00:002 јануари 2021|Актуелно, Вести, Став|