СТРУМИЦА, 25.06.2018 – Активистите од Здрава Котлина по масовниот протест одржан на 16-ти јуни и понатаму будно ја следат ситуацијата со потенцијалното отворање на рудникот Иловица-Штука. Тие за протестот чиешто мото гласеше „Стоп за рудникот Иловица, да го сопреме пред да не’ сотре“ истакнуваат дека е еден вид на апел до владата само да си го исполни ветениот збор што го даде пред избори. Иако не се од еколошки побуди, на владата и се достапни сите прекршувања од законски аспект. Имено, целиот процес околу добивањето на дозволи и студии испорачани со цел да се добие лиценца за експлотација на руда се направени на дубиозни фундаменти.
„Овој протест е само потсетување за дадените ветувања во повеќе наврати дека владата ќе го реши овој проблем на институционално ниво во согласност со законите. Сепак решение нема се’ уште, а веќе имаме цврсти докази за прекршувањата на законите за животната средина и законите за минерални суровини како и просторно планирање во делот на добивањето на концесијата но и по добивањето на истата. Понатаму имаме основани сомнежи за прекршувања и на други закони кои ја третираат корупцијата, непостапување по службена дожност, злоупотреба на службена должност, злосторничко здружување, финансиски криминал“, велат од Здрава Котлина за Гласник.
Згора на сето ова има и голем меѓународен притисок да се направи „превид“ на гореспоменатите пропусти, но ако се дозволи тоа, од Здрава Котлина потенцираат дека тогаш само уште повеќе ќе ги разгори и радикализира граѓаните од Југоисток.
„Знаеме за притисоци од меѓународен фактор со цел да се премине преку овие правни проблеми на манипулативен начин но, веднаш ќе кажеме дека вакво сценарио ќе предизвика отворен бунт и блокади во југоистокот како и правни реперкусии на меѓународни инстанци каде јавно и директно ќе бидат откриени сите замешани“, додаваат тие.
Само како потсетување, рудникот е под оперативен зафат на Еуромакс Рисорсис заедно со Европската банка за обнова и развој која е најголем поединечен акционер.
Имајќи ги на ум залагањата на Европската банка за еколошки напредок и зелени градови, обидот за отворање на рудникот во Иловица покажува дека тоа е само празна декларативност или двојни стандарди кои важат само за центарот на Европа, додека во периферијата важат други или поточно кажано – не важат никакви.