СТРУМИЦА, 07.02.2018 – Здружението „Здрава Котлина“ од Струмица преку соопштение реагира дека деновиве концесионерот за рудник во Иловица – Штука, Еуромакс Рисорсис со својот ПИ-АР тим прават пропаганда и манипулација со свикување на брифинг за новинари, кадешто велат дека немало да се користи Цијанид и Сулфурна киселина, златото ќе го лужеле во Бугарија, како и дека населението се’ повеќе ги прифаќало. Некои од новинарите паѓаат на овие манипулации, додека пак дел од нив веројатно се потплатени директно или индиректно, велат од „Здрава Котлина“.
Деновиве неколку медиуми како што се Плус инфо, Телма и Нова Македонија излегоа со трите точки со кои манипулира Еуромакс Рисорсис, дека немало да користат цијанид и сулфурна киселина, дека златото ќе го лужеле во Бугарија и дека населението се’ повеќе ги прифаќало.
Од „Здрава Котлина“ велат дека сите три елементи се неточни, или полувистинити, или пак невозможни да се изведат.
„Прво, за некористењето цијанид немаат направено никаква валидна студија, ниту приложиле доказ, туку само тврдат. Сулфирната киселина ќе ја има како резултат на копањето, бидејќи секаде каде што има бакар и злато, без исклучок се појавуваат сулфати, кои во допир со вода се претвораат во сулфурна киселина, смртоносна. Преку ПМ2,5 честички може да се распространува до 2000 км.
Второ, за да го преработуваат златото во Бугарија, т.е. да ја транспортираат енормната количина руда од овој рудник кој би бил најголем во Југоисточна Европа, нашите пресметки покажуваат дека ќе им бидат потребни дури над 2000 камионски тури дневно, што е невозможна мисија. Освен тоа, немаат инфраструктура за тоа, и не кажале ништо каде во Бугарија ќе преработуваат, во кој град, со која компанија склучиле договор.
Трето, населението во струмичко не само што не ги прифаќа, туку е се порадикално настроено против рудникот. Ние сме постојано на терен, и ја следиме ситуацијата одблиску. Нашите собири, протести, и други акции, вклучително и ланските референдуми, покажуваат дека населението е во огромно мнозинство против рудникот и е подготвено да се заштити од него. Ние тоа расположение на населението и јавно ќе го манифестираме, на организиран начин“, се вели во соопштението.
Исто така наведуваат дека Еуромакс Рисорсис не се рударска компанија во вистинска смисла, туку дека тие само сакаат по секоја цена да ја добијат дозволата за работа и потоа да ја продадат концесијата.
„Затоа лажат во јавноста, бидејќи оној што ќе ја купи концесијата од нив може да употребува и цијанид и се друго, а Еуромакс да тврдат дека тие немаат ништо со тоа“, велат од „Здрава Котлина“.
Освен тоа тие пренесуваат дека деновиве Еуромакс Рисорсис го смениле својот ПИ-АР тим, ова го прават веќе трети пат.
На крај тие упатуваат апел до медиумите и јавноста да не подлегнуваат на манипулациите на оваа како што велат, докажано бескрупулозна компанија, која има само еден нтерес а тоа е профитот по цена и на масовно труење и уништување на Струмичката котлина.