20.10.2017 – На синоќешниот митинг одржан во општина Шуто оризари, премиерот, Зоран Заев пред присутните меѓудругото порача, „не може да се истураат милиони евра во Центар, а овде да нема вода за децата“. Екипата на Гласник пред неколку дена ја посети оваа општина, а при разговорот со некои од жителите, тие се пожалија дека, ниту еден од политичарите не презема ништо, оти жителите се дават во смет, канализацијата се излева по раскопаните улици и оти немаат соодветна амбуланта и лекари
На синоќешниот митинг што го одржа СДСМ, Заев пред собраните граѓани рече дека, потпишале договор со ДУИ, со цел да го поддржат нивниот кандидат за градоначалник во Шуто Оризари, Курто Дудуш.
Заев даде многу ветувања, како што е нова градинка за децата, подобрување на условите за работа на Пазарот, дека ќе се грижат за младите и дека, општината ќе им служи еднакво на сите граѓани.
„Не може да се истураат милиони евра во градот Скопје, а овде да нема вода за децата светилка да нема“, истакна Заев.
Нашата екипа пред неколку дена го посети ова место, при што посведочивме за сиромаштијата, бедата и сметот во кој живеат овие луѓе.
Во разговор со некои од жителите, тие се пожалија дека немаат контејнери за ѓубрето, никој не го собира сметот, улиците не им се асфалтирани, канализацијата се излева на улиците, а во амбулантата нема гинеколог.
Тие исто така се жалат дека, политичарите немаат слух за нивната состојба.
„Политичарите пред избори ветуваат многу, но кога ќе дојдат на власт забораваат што ветиле“, вели една од жителките.
Очигледно е дека, двајцата кандидати за градоначалник на овие избори настапуваат со агресивна кампања, бидејќи нема место кадешто нема плакат во општината, особено во централното подрачје. Дека во оваа општина се случуваат големи кршења на гласачкото право на избори, со поткуп, но и со други притисоци, јавноста дозна преку т.н. „бомби“, коишто во 2015 година ги објавуваше СДСМ. Токму ромите беа една од темите на телефонските разговори на кои се слушаше како поранешната министерка на МВР, Гордана Јанкуловска се исмева со тоа што нивниот коалициски партнер „ги влечел ромите за уши“, за да гласаат.
На синоќешниот митинг, премиерот рече дека, не смее да се трошат милиони во центарот на Скопје, а во Шуто оризари да не се инвестира за елементарни услови за живот. Дали нивниот кандидат, или пак неговиот противник, ќе се заложи за изедначување на условите за живот на овие граѓани со оние од центарот на Скопје, останува да видиме по изборите.
Автор: Мариглен Демири
Фотографии: Сенада Ибраимова