За Кина пристапот до здравството е ’основно човеково право’

За Кина, чиј здравствен систем во последните години постепено се подобрува, еднаков пристап до здравството е „предуслов за опстанок на човештвото”.

Кинеската влада во петокот објави документ за анализа на развојот на јавното здравство, нагласувајќи дека здравјето е „основно човеково право”.

Според кинеската новинска агенција Шинхуа (Xinhua), документот нагласува дека „здравјето е предуслов за опстанокот на човештвото и развојот на човечно општество”, и дека тоа е „гаранција за достоинствен живот”.

Документот, одобрен и објавен од страна на Државниот совет за информации, нагласува дека сите луѓе имаат право на најдобрата здравствена заштита што е на располагање, и дека таа треба да биде „подеднакво достапна”.

Имајќи го ова на ум, документот вклучува клаузули кои гарантираат дека Кина ќе продолжи да ги развива и подобрува здравствениот пристап и технологија.

Документот исто така ги вклучува фактите и податоците за тековните здравствени состојби во Кина, како и „постојаното подобрување” на ова поле за да се придонесе кон повисок квалитет и достапност во најнаселената држава на светот.

Просечниот животен век на кинезите се искачил на 76,5 години во 2016 година од 67,9 години во 1981 година, се вели во извештајот.

Смртноста кај родилките е падната од 88,9 на 100.000 лица во 1990 година на 19,9 на 100,000 лица во 2016 година; и смртноста кај доенчињата е намалена од 34,7 на 1.000 во 1981 година на 7,5 на 1.000 во 2016 година, покажаа податоците од документот.

Кинеската Комунистичка партија се подготвува за својот 19-ти Национален конгрес, кој се одржува на секои пет години и на кој се решава за главните стратегии и политики што ќе ја водат земјата.

Овој конгрес се очекува да биде особено амбициозен, бидејќи лидерите бараат да разговараат за тоа како да ја постигнат својата петгодишна цел за создавање „умерено просперитетно општество” преку целосно елиминирање на сиромаштијата во наредните пет години, а наредната цел ќе биде амбициозната изградба на „модерна социјалистичка држава” до 2049 година.

|2017-09-29T12:55:18+00:0029 септември 2017|Актуелно, Вести, Свет|