СКОПЈЕ, 12.06.2018 – Веста дека Генералниот секретаријат минатата недела објави оглас за консултантски услуги и детална длабинска анализа на финансиските, оперативно техничките и правните елементи на ски-центарот „Попова Шапка”, како и подготовка на документација за продажба на истиот, помина скоро незбележително.
Еден од ретките ски-центри во државата од страна на премиерот Зоран Заев е обележан како место на кое му се потребни странски инвестиции, со цел „да се развива туризмот“. Заев веќе најави дека целосниот комплекс – сите хотели, жичниците, севкупната инфраструктура на Скијачкиот и туристички центар „Попова Шапка“ ќе бидат ставени на продажба.
Сопствениците на ски центарот во Попова Шапка, Друштвото за туризам, угостителство, рекреација и спорт „ЕЛЕМ турс” ДООЕЛ Скопје, се чини, ја поддржуваат оваа логика, затоа што според нив, наследиле кумулирани загуби од претходните години и загубите кои се континуирани носат нови тешкотии во работењето.
Без разлика дали е СДСМ или ВМРО, економскиот и политички пристап останува идентичен
Како и претходната и оваа влада продолжува континуирано со приватизација, или пак со методот на јавно приватно партнерство. Само во последниот период, „левата“ влада на Заев со гореспоментатите два методи најави дека ќе бидат опфатени MK „Железници“, „Еурокомпозит“ – Прилеп, дел од езерото „Треска“, дел од здраствените институции, Луна Парк – Скопје и.т.н.
Ваквиот пристап кон државните објекти, од самото формирање на државата не се менува без разлика кој и да е на власт. Иако, во предизборните програми тоа никогаш го нема, по доаѓањето на власт, секогаш може да слушнеме како објектите „работат со загуби“, „се само товар на буџетот“ и како „со продавањето ќе станат поефикасни“.
Искуството од ефектите од приватизацијата треба да се најочигледна контра-тежа и теза против најавените приватизации. Во било каква форма и да е, приватизацијата го влоши животот кај нас за најголем дел од граѓаните, додека едно малцинство што „излобирале“, или по народски „се снашле“, го зема цел профит, и така, услугите за народот стануваат се подалечни и недостапни.
Функционалноста на овие методи, денес, во Република Македонија, од страна на политичките партии се на сакрално ниво, и најчесто користена алатка кога треба да се „спаси“ некој објект или институција. Но, тој изговор и очекуваната ефикасност, може да помине само кај некој што не живеел тука во 90-тите или во минатиот реприватизирачки бран на ВМРО ДПМНЕ.
Ефектите остро се чувствуваат на наша кожа и разочараноста од економскиот ќор-сокак, нема да се решат со најавените политки. Ако се водиме по познатата дефиниција за глупост, „ од истиот процес, да очекуваш различни резултати, “, тогаш кај нас ова слободно може да се нарече така. Но, оваа глупост е сериозна и нема да помине безболно. Затоа, очајно ни треба нова идеја, овие мантри се веќе видени.