Во сабота во 11 часот, антирасистички протест пред Чешка Амбасада

СКОПЈЕ, 01. 07. 2021 – Поради убиството на младиот Ром од Чешка, Станислав Томаш, граѓанската иницијатива АВАЈА организира протест пред седиштето на Амбасадата на Република Чешка. Собирното место ќе биде ширинката пред основното училиште “Koчо Рацин“ на улица “Мајка Тереза” (Водњанска) и ќе заврши пред амбасадата.

Поради убиството на младиот Станислав Томаш од Теплице од страна на полициските службеници, од Република Чешка, граѓанското движење Аваја организира протест пред седиштето на Чешката Амбасата во Скопје. Како што најавуваат од иницијативата на настанот објавен на фејсбук:

„Чешките власти предводени од Премиерот, Андреј Бабиш, Претседателот, Милош Земан и Министерот за внатрешни работи, Јан Хамашек не ја осудија полициската бруталност од полициските припадници туку напротив се заблагодарија за нивната реакција и дадоа поддршка на полицијата од Теплице. Ова е последен случај на полициската бруталност со кој Ромите низ Европа се соочуваат. Во полициска бруталност во септември 2020 во Битола беа претепани тројца Роми за кои сеуште нема судска разрешница.“

Од Аваја пренесуваат дека иако чешките власти се обидуваат да го оправдаат инцидентот, префрлајќи ја вината за истиот врз жртвата, Станислав Томаш, кој за претставниците од министерството за внатрешни работи на Република Чешка бил под психотропни супстанции постојат докази дека полициските службеници користеле прекумерна сила која завршила со смрт. Од иницијативата сметаат дека доволно е видеото коешто кружи низ социјалните мрежи и на кое може да се види како полициските службеници со колена притискаат на вратот на Томаш. Овој инцидент потсетува на минатогодишниот расистички однос на полицаецот Дерек Шовин врз Џорџ Флојд во Соединетите Американски Држави, каде полицаецот Шовин 9 минути го притискаше на вратот Флојд со што заврши фатално за животот на Флојд. Сето ова накрај повлече неколку месечни протести низ Америка и светот.

Слични се познатите или непознатите случаи врз Ромите во Македонија и регионот, низ годините. Физичкиот, етничкиот и системско-структурниот расизам со кој се соочуваат Ромите во ова поднебје, укажува на тоа дека потребата за протестирање е доста присутна и оправдана. Особено кога станува збор за полициската бруталност која ниту се евидентира, ниту пак се санкционира и казнува во рамки на надлежните органи.

Од Аваја бараат:

„Ние покажуваме сила и решителност да ги заштитиме нашите животи и да се ослободиме од страв и од насилство. Нашата слобода сеуште е под постојана закана. Дојдете во знак на солидарност и поддршка на правдата! Ова не е изолиран случај, туку е случај што може да се случи секому!

На протестот од Чешката влада ќе бараме:

  1. Независна истрага со што ќе истражува случајот на полициска бруталност во кој беше убиен Станислав Томаш

  2. Креирање на независна комисија што ќе ги разоткрива прекршувањата на полициските правила и практика во ромските заедници.“

Протестот ќе се одржи пред седиштето на Амбасадата на Република Чешка на 3 јули (сабота) со почеток во 11 часот. Собирно место на протестот ќе биде ширинката пред основното училиште “Koчо Рацин“ на улица “Мајка Тереза” (Водњанска) по што протестот ќе продолжи пред амбасадата.

|2021-07-01T14:43:18+00:001 јули 2021|Актуелно, Вести|