Во текот на вчерашниот ден протече веста дека ќерката на министерот за надворешни работи, Никола Димитров, минатата година, добила стипендија од 40.000 евра за студии во Холандија. Универзитетот кадешто се запишала е еден од 100те најдобри Универзитети, според Шангајската листа на рангирање.
Од страна на Владата се јавија со допис, со што ги демантираат сите обвинувања за привилегирање и за дискриминирање, било позитивно било негативно.
Јавноста не стивнува со реакции, по обелоденувањето на овој податок. Спорни се многу моменти, иако поголемиот дел од т.н. експертска јавност се „фати“ за судирот на интереси и за коректноста на постапката. Односно, дали постапката била согласно законите и критериумите, со што од Влада беше одговорено дека сите параметри се запазени. Одговорот на јавноста е дека дури и доколку легалните аспекти се запазени, моралните не се.
Покрај сите легислативни и процедурални замерки, сепак остануваат некои прашања да висат во воздух. Имено, законот кој ја овозможува оваа привилегија на сите ученици/студенти коишто сакаат своите студии да ги продолжат на еден од најдобрите 100 Универзитети во светот е донесен во време на претходната власт. Односно, во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, оттука откажувањето од лошите политики на претходната власт би требало да биде приоритет, а после и обврска за една нова и различна дистрибуција на средствата. Неодговорното трошење на буџетските пари, се чини станува пракса и на оваа влада, која постојано се бунеше во минатото како опозиција за злоупотреба и за неодговорно трошење на буџетот на Република Македонија.
Сумите коишто се доделуваат на студентите со цел да студираат надвор од државата, знае да скокне дури и на 40.000 евра. Тоа е релативно висока сума, за држава којашто се соочува со проблеми од овој вид:
–Студентски домови се во супстандардни услови, студентите се соочени со лоша храна, корупција и со различни видови на притисоци при добивање на легла
– Девет од седумнаесет училишта во Битола се со блокирана сметка поради долгови (за тоа кој ги правел долговите е ирелевантно, ако се земе предвид дека сметките сеуште не се платени)
– Ниските плати на наставниците во основните и средните училишта
– Две третини од Универзитетските професори сакаат да ја напуштат државата поради егзистенцијални причини, односно поради нискиот стандард кој е последица и на ниските плати
– Ниските плати за асистентите и лошите услови за работа
Во услови на катастрофално основно, средно и високо образование, средствата коишто треба да бидат можност за подобрување на овие институции, коишто претставуваат неизбежно човеково право, високите суми за стипендирање надвор од државава се малку неумесни. Особено, доколку се земе предвид фактот дека токму Универзитетите коишто се во границите на 100те најдобри во светот, доделуваат целосни стипендии за талентираните ученици/студенти.
Многу ученици и студенти, кои живеат надвор од Скопје, немаат ни приближно квалитетно и пристојно образование ниту услови за нејзино стекнување. Еднаквите права, значат и еднакви можности, за кои државата не само во формална смисла како законска процедура, туку и во материјална смисла треба да го овозможи и имплементира.