(Видео) Воените активности на Криволак ја уништуваат единствената полупустина и полустепа на Балканот и нејзините 8 ендемични видови

СКОПЈЕ, 05.09.2018 – Институтот за комуникациски студии го промовираше првиот документарец “Кој ги штити заштитените подрачја?”  од серијалот на еколошки документарни филмови „Дома“. Серијалот ќе ја истражува состојбата на 86 подрачја во Македонија кои се правно заштитени поради нивната специфична биолошка разновидност.  Заштитените подрачја не се доволно заштитени, повеќето општини кои управуваат со заштитените подрачја, немаат пари да ги штитат. Доволно средства за нив не одвојува ниту Министерството за животна средина. Доколку се пружи доволна заштита овие подрачја со нивното промовирање како локации за туризам, или региони кои би допринеле за развој на фармацијата, медицината, текстилната, па дури и филмската индустрија, може да ја намалат невработеноста и да го подигнат животниот стандард на населението. Еден очигледен пример за континуирано уништување на заштитено подрачје е Шумата Парк Водно на кое последните две децении и се нанесе огромна штета со изградбата на крст, кула, пат до Сопиште, жичарница а деновиве дури и гасовод.

Првиот документарец од серијалот „Дома“ е во изработка на новинарот Павле Беловски и се однесува на Орлово Брдо кај Криволак и Лесново. Според биологот Александар Настов кој како експерт гостува во документарецот, Орлово Брдо и регионот околу Криволак е уникатен еко систем во земјата и пошироко:  “единствен тип на екосистем и хабитат не само во Македoнија туку и пошироко на Балканот…Орлово гнездо е најинтересниот ботанички локалитет, таму растат 8 ендемични растителни водови и други ретки растенија…”

Биологот Настов ја истакнува огромната вредност на ова подрачје и според него истиот заслужува да биде туристичка атракција: “Во срцето на Балканот имате полупустина, полустепа и секој кој би сакал да види такво нешто, живеалиште на хабитати или на екосистем би бил заинтересиран.”

Во документарецот новинарот Белов разговара и со претставници на локалната власт од Неготино. Орлово Брдо е заштитено подрчје под надлежност на општина Неготина којашто пак нема финансиси средства да го заштити и промовира ова ендемично подрачје. Дополнителна закана според новинарот Беловски се воените активности на Криволак. Според Беловски: “поголемиот дел од областа е наменет само за воена употреба, што е меч со две острици. Од една страна регионот е затворен за општата јавност, ископување и пасење на овци, што ја зачувало биолошката разновидност. Од друга страна воената активност и пукањето предизвикуваат пожари, ерозија и деградација на вегетацијата и почвата.”

Јавноста со нетрпение ги очекува и останатите документарци од серијалот. Македонија се соочува со еколошка криза и секој новинарски проект кој ги акцентира проблемите со заштитата на животната средина наоѓа на одобрување во пошироката јавност.

Она што е новина во документарецот на Беловски е приказот на Криволак во сосема друго светло. Регион којшто е синоним за воени вежби и армиски активности е всушност уникатен екосистем на Балканот. Се поставува прашањето дали можеби пренамената на воената база и полигон Криволак во национален парк би допринело за заштита на ендемските видови и подигнување на економската положба на жителите од тој регион. Дополнителна причина за еден таков потег е и загадувањето коешто произлегува од воените активности и употребата на муницијата. Дали со продолжување на воените активности на тоа подрачје Македонија ќе загуби уште еден еко систем од непроценливо национално и светско значење?

 

 

|2018-09-04T21:27:08+00:004 септември 2018|Актуелно, Вести|