СКОПЈЕ, 04.05.2018 – Денес, со почеток во 15:00 часот, жителите на општина Карпош протестираа пред Уставниот суд затоа што 8 месеци нема донесено никаква одлука за нивнита иницијатива за законитоста на четири Детални урбанистички планови. Тие на овој протест ја повикаа и владата и градоначалниците да ги одржат своите предизборни ветувања за стопирање на урбаната мафија.
Бранко Ристов, советникот во општина Карпош од партијата Левица, смета дека кога веќе владеачките политичари потфрлаат во своите ветувања за стопирање на градежната мафија, притисокот мора да се направи до Уставен суд, за да ги постави на дневен ред и преку судска одлука да ја успори законитоста на плановите за Тафталиџе 1, Карпош 3, Влае 2 и планот за потегот покрај реката Вардар од поранешниот ресторан „Имес“ до хотелот „Александар Палас“.
„Политичарите досега се покажаа како без волја или немоќни да се спротистават на крупниот капитал, па останува судот да пресече. Предметите се чисти, генерално не гледам јас причина зошто би се изјасниле негативно. Сите докази се донесени, вклучително со тоа што и Општината се сложува дека овие ДУП-ови се донесени бесправно“, изјави Ристов.
Карпошани покажуваат и разочарување од новите градоначалници кои во последниот период се правдаат со тоа што велат дека нив им се врзани рацете. Според активистите од Карпош, нејасно е како може градоначалницте да ветуваат нешто, па потоа откако ќе дојдат на функција да се правдаат дека нема начин да се реализира тоа. Тие велат дека ако градоначлниците биле сериозни во своите намери, требаше прво да ги модифицираат законите, па потоа да се нафатат со решавање на градежниот хаос и уништување на зеленилото.
„Според мене, кога дојдоа (на власт) требаше да направат промена на законите, па да почнат постапките да ги решаваат, а не сега да викаат: немаме законски можности.“ потенцира Невена Георгиевска, подносител на иницијативата за оценување на законитоста на плановите.
Активистите од Карпош побараа од Уставниот суд да се запре градењето на овие спорни места се’ додека не се донесе конечната одлука. Тие веруваат дека ако овие протести достигнат бројка од две до три илјади луѓе, можно е да има побрзи одлуки кои ќе бидат во корист на граѓаните.