СТРУГА, 23.08.2017 – Вечерава, во 20:30 часот, по 56. пат во Струга, ќе се одржи манифестацијата на отворањето на „Струшките вечери на поезијата“. Фестивалските денови, ќе траат до 27. август, додека на 28. август, ќе се одржи Поетско матине на Матка во Скопје.
Добитникот на златниот венец на овогодишното издание на најпрестижниот домашен поетски фестивал е Чарлс Симиќ. Симиќ е роден во Кралска Југославија, но поголемиот дел од животот го живее во Америка, со што стана еден од најистакнатите современи американски поети.
Овогодишното издание на фестивалот го потресоа низа скандалозни одлуки околу претседателството на управниот одбор на фестивалот и начинот на избирање на истиот. Откако, минстерот Алаѓозовски првично за претседател на управниот одбор на фестивалот го назначи Дарко Лешоски, во јавноста се јавија многу реакции. Реакциите беа упатени од страна на професионалното и еснафско миље, но и од страна на пошироката публика, љубители на поезијата. Се спореше делот како се носат одлуките и критериумите за тоа кој треба да биде член во управниот одбор.
По долгите и бурни реакции на социјалните мрежи, министерот ја промени одлуката и како членови на управниот одбор сега се Лидија Димковска, Димитрие Дурацоски и Елизабета Шелева како претседателка на одборот.
Може да се забележи дека и ова е една мала победа на граѓанските иницијативи коишто претставуваат една од браните на квалитет но и коректив на одлуките коишто власта, многу често во минатото ги носеше на произволен начин.