Васко Гичевски: „Кон денешните состојби“

Суштината на материјалното постоење е постојаното надградување, постојана промена во духот на онаа старата „panta rei“ – сè тече. Доколку се следи оној имагинарен праволински развој, кој секогаш оди во нагорна смисла, современото општество, она во кое што ние живееме, треба да е најсовршеното кое постои. Во определена историска смисла на развојот на процесите, оваа оценка може да се прифати како точна. Историјата многупати ни покажала дека секое општество настапува егоцентрично и длабоко субјективно кон себе па така секоја „сегашност“ која изминала била најдобра. Дали навистина е тоа така и зарем може субјективноста да се претвори во безсмислена догма? Објективно гледано ова е апсолутна пракса, пракса која не води кон ништо друго освен пропаст. Пропаста е единственото нешто што навистина постои и опстојува на овие простори, пропаста е единствената инвестиција која се остварува.

Најновиот век е век на големи контроверзи, судир на екстремно богати и екстремно сиромашни со таа разлика што сега и двете категории се глобално поврзани. Далеки се времињата кога секоја од овие групи беше заробен во една определена територија, без можност да се кооптира во широки рамки. Токму овој факт ни овозможува веќе да не зборуваме за изолирани случаеви туку за два големи дела на кои материјалната логика им налага судир. Судир кој секогаш е на работ, но никогаш не зачекорува кон бездната. Опстојувајќи вака во една вештачка рамнотежа единствено што опстојува е потиштеноста и бесперспективноста, односно убедувањето дека поинакво решение нема. Ние сме убедувани дека нормалниот живот е луксуз, дека поседувањето дом не е природно човеково право, туку нешто што едвај може да се стекне. Во овие услови нормално е да постојат луѓе кои живеат длабоко под работ на сиромаштијата, луѓе кои немаат право ниту на личен документ, а камоли на било што останато. Нормално е кога претпоставениот ќе ви побара определена сума потписи придружени со фотокопии од лични карти како доказ дека тие од списокот навистина ќе гласаат. Постапувањето или непостапувањето, сходно на овие директиви, ќе ви ја осигура или пак ќе ве лиши од заработувачка. Накратко ова е реалноста на она што се нарекува „државна работа“ или поинаку кажано на она што се нарекува, основно гласачко ткиво (во наши услови). Присилата е она што ја води иднината во оваа или онаа насока, за среќа или за жал и двете насоки се поеднакво безсмилени и реално, не носат ништо ново.

Друга особено голема контроверза на денешницата е желбата за промена, но немање на никаква иницијатива за подобрување, никаков план за конкретна акција. Секоја акција е придружена со жртви, но веројатно токму стравот од таа жртва е уште една решетка кон прилично добро армираниот затвор. Подобро бесмислен мир и беда, отколку борба и зрак надеж за подобро утре! Ова е дегенеративната логика на современоста! Подобро убиствен мир отколку бескруполозна борба! Ваквата ментална позиција главно се должи на фактот што во суштина нема доволно сила помеѓу народот кој од оваа година влезе во негативен природен прираст. Сходно на ова, ниту идејата го има оружјето односно народот, а ниту пак народот ја има идејата. Во овие услови единствено владее нагонот, опстојувањето ден за ден, се додека  меѓусебно не се истребат, оние кои денот треба да го дочекаат. Таква е денешницата, за која веќе не се знае дали е на зазор, пладне или квечерина.

Катастрофалната ситуација на духот е можеби најсилна во постсоцијалистичките земји кои пред три децении тргнаа со една мисла за поинакво, посреќно општество. Одејќи по тој пат веројатно заборавија, дека за да го промениш општеството не е доволно само да ги промениш знамето и политичкото уредување. Во суштина, во овие земји промената беше формалистичка а суштината остана иста. Некогашните менаџери на општествено поседуваните претпријатија, сега станаа великопоседници на истите тие претпријатија и се наметнаа како власт врз остатите. Кажано во стилот на некогашниот претседател на САД, Труман, мнозинството е тероризирано од олигархиското малцинство. Ваквиот тероризам воопшто и не е најголемиот проблем, како и се друго во историјата и на оваа состојба ќе ѝ дојде крајот. Поголемиот проблем е во културолошката трага која,  останува во менталитетот на народот. Народот како што беше опишано погоре, овие ништовни генерации на политичари, кои се регенерираат со секој изборен циклус, го моделираат според нивната лика и прилика. Колку човек е полесно свитлив, со поголемо его, а со помалку умствен капацитет, знаеење и умеење, толку неговата иднина ќе биде посреќна. Што поголем индивидуализам на сметка на колективното добро, тоа поуспешен човек. Ваквите морално прагматични дискрепанци немаат крај!

Во услови на светска пандемија и веќе присутна економска криза, особено е опасно во општесвата каде што и пред тоа основна водилка во опстојувањето била голиот и несанкциониран нагон. Изминативе месеци сосема јасно ни го потврдија фактот дека ние како и мнозина други, сме само една егоистички надувана слика, која час поскоро ќе се распадне. Ударот кој ја распрсна беше оваа криза. Сега можеби за прв пат на сите ни е јасно дека живееме во нефункционална држава, во држава која има само форма, а нема суштина. Интересно е да се видат резултатите од анкетите каде преку 40 % од граѓаните, немаат доверба во политичарите. Ротирајќи го овој факт, многу лесно е да се разбере дека не е само носителот на функцијата оној во кого граѓаните немаат доверба, туку тие во суштина немаат доверба во системот како целина. Масовната сиромаштија, големиот пристап до разни информации, проверени и непроверени, големиот проток на разни идеи, сè она од што акуелните власти, доколку ја познаваат историјата, треба да се плашат. Ваквата состојба е молотов коктел за социјални немири, кои можат да избувнат во секој момент, но политичарите не водат грижа за ова. Тие се заробени во својот егоцентричен меур, верувајќи дека  со своите говори омамуват илјадници луѓе, а во суштина омамиле стотина јадни, кои ситуацијата ги тера да се омамуваат од „мудростите“ на комичарите т.е. политичарите.

Крајниот исход на денешните состојби е јасен, не е ниту малку едноставен ниту пак мирен процес. Бидејќи оние кои се предводници на „народот“ се „доволно мудри“, ним и не им треба дополнителен совет. Главниот аспект треба да го свртиме кон оние кои живеат, го трпат и му овозможуваат на овој систем да фунцкионира. Народот не смее да си го дозволи луксузот да е заведен и замаен од сликите кои му се сервираат. Време е да се презре и отфрли трулиот систем! Едно потполно хаотично, нефункционално општество кое со децении доживува стагнација, дијалектички гледано, единствено можен исход е  потполн распад на истото. Оној кој мисли дека општеството дерогирано до овој степен може да се реформира, се лаже и само вештачки ќе го пролонгира векот на страданието. Тоа што секој човек мора да го направи е да придонесе кон распадот на овој трул свет, да одбие да учествува во трулите политички игри, да размислува со своја глава врз основа на јасно видливите факти.

Пишува: Васко Гичевски

Ставовите изразени во колумната не нужно се поклопуваат со ставовите на редакцијата на „Гласник“.

|2020-07-12T15:22:12+00:0012 јули 2020|Актуелно, Став|