По соопштението на власта за средбата на премиерот Зоран Заев со активистите на “Здрава котлина” и рударското лоби со кое се направи обид да се искомпромитираат активистите, јасно е дека рударското лоби си излобирало владата да дозволи отворање на рудникот во Иловица. По поништувањата на референдумите од Уставниот суд, јасно е дека ова лоби си излобирало Судот да му го расчисти патот за отворање нови рудници.
Локалните референдуми се најефикасно оружје против рудниците
Да се разбереме, одлуката донесена на локален референдум не ја обврзува Владата на Република Македонија. Таа ги обврзува советите на општините да даваат негативни мислења, а мислењата пак не ја обврзуваат владата. Тогаш зошто отпор кон локалните референдуми. Тоа е од причина што по распишување на референдум целото внимание на локалното население е насочено кон оваа тема. Во таква ситуација искуството покажа дека со информативна кампања дури и во целосен медиумски мрак, локалното население може да се информира за штетните последици од ваквите рудници. Кога граѓаните се информирани за штетните последици, давањето дозвола на владејачката партија за отворање на рудник во нивната локална заедница значи губење на поддршката на таа партија или просто кажано, значи голем број изгубени гласови. И тоа е само доколку населението е информирано, ако пак референдумот заврши успешно и на него мнозниство гласало против рудници, тогаш давањето дозвола за отворање на таков рудник е еднакво на политичко самоубиство. Затоа по успешен референдум ниту советниците во општините ќе си дозволат да гласаат за позитивно мислење за издавање концесии, ниту пак владата ќе се дрзне спротивно на негативно мислење од општина, да даде дозвола за отворање на рудник. Затоа на територијата на општините Гевгелија, Богданци, Дојран и Валандово никогаш нема да има рудници и покрај тоа што негативните мислењата дадени од општината не се обврзувачки за владата и без разлика дали Уставен суд ги поништил референдумите. Единствено сценарио во кое е можно отворање на рудници во овие општини е само ако вонземјани ги киднапираат граѓаните со право на глас.
Намерата на Уставен суд е да спречи идни локални референдуми
Можеби работата во Гевгелија, Богданци, Дојран и Валандово е завршена, но има општини кадешто се планираат рудници, а се’ уште се немаат одржано локални референдуми. Од таа причина е ангажиран Уставениот суд. Судот во мај и јуни ги поништи одлуките за распишување на референдуми во Валандово, Ново Село, Дојран и Босилово, а поништувањето на референдумот во Гевгелија е во тек. Сите референдуми се поништени со образложение дека експлоатацијата на минерални суровини не е во надлежност на општините, а општините можат да распишуваат референдуми само за работи кои се во нивна надлежност. И навистина, согласно законската регулатива одлука за отворање рудник носи владата, не општините, а локални референдуми може да се распишат само за работи кои се во надлежност на општините. Арно ама на локалните референдуми не се одлучуваше за тоа, дали владата да донесе одлука за затворање или отворање на рудници, туку се носеше одлука општините да ги поништат позитивните мислења за издавање концесии за рудници и во иднина секогаш да не даваат негативно мислење. Давањето на мислење за концесија не е носење конечна одлука за тоа, дали ќе се отвори рудник или не, и е ексклузивна надлежност на општините согласно Законот за минерални суровини. Дури и Уставниот суд во одлуките У.бр.105/2017-1, У.бр.72/2017-1 и У.бр.106/2017-1 со кои ги поништил референдумите во Босилово, Валандово и Ново Село утврдил дека советите на општините јасно дефинирале што значи гласање против на тие референдуми. А тоа е дека општините ќе ги поништат предходно дадените позитивни мислења за концесии и дека во иднина ќе даваат само негативни мислења.
Но, и покрај тоа Уставен суд со намера да им го одземе на општините правото на референдум се фатил само за поставените прашања на референдумите. Прашањата беа во стилот, дали сте за или против започнување со работа на рудникот Казандол/Иловица и дали сте за или против на територијата на општината да има рудници. Ако се читаат само прашањата без да се читаат образложенијата што значи глас против и кого обврзуваат одлуките од референдумот, тогаш се добива заклучок дека навистина општините на локален референдум одлучувале за работа која не е во нивна надлежност. Арно ама во одлуките за распишување на референдуми кај што се дефинирани референдумските прашања, еден ред подолу е дефинирано и дека резултатите ја обврзуваат само општината во делот на давањето мислења, а тоа е ексклузивна надлежност на општините. Затоа сега се’ што треба да направат граѓаните и активистите во општините кај што се планираат рудници е да бараат советите на нивните општини да распишат референдуми, ама овој пат со следново прашање: “Дали сте “ЗА” или ”ПРОТИВ” општината да дава само негативни мислења за издавање на концесии за експлоатација на минерални суровини согласно членовите 14 став 4, 19 став 12, 26 став 8, 41 став 4 и член 42 од Законот за минерални суровини?”. Во тој случај Уставен суд ќе биде немоќен да го поништи референдумот. Се’ додека овие членови стојат во Законот за минерални суровини, општините ќе имаат право на референдум по ова прашање.
Што со Иловица – Штука?
Уставниот суд, сакајќи да им забие нож на активистите и граѓаните кои се против рудниците на смртта, всушност му заби нож на инвеститорот Еуромакс Рисорсис. Како што е познато, референдумите во Босилово и Ново Село (општините кои се најдиректно засегнати) беа неуспешни, што е аргумент за владата да не го раскине договорот. А Законот за референдум забранува во рок од две години да се одржи повторно референдум за исто прашање. Меѓутоа Уставен суд ги поништи одлуките за референдуми во Босилово и во Ново Село и со тоа создаде ситуација како референдумите воопшто да не се одржале. А штом не се одржале, забраната од две години не важи. Тоа значи дека сега се’ што треба активистите и граѓаните да направат е да побараат од советите на општините повторно да распишат референдуми во Ново Село и Босилово, само што овој пат на референдумите ќе биде поставено горенаведеното референдумско прашање за да не може Уставен да ги поништи и овој пат референдумите ќе бидат успешни. По успехот на референдумите владејачката партија ќе се стави во позиција да бира помеѓу рудникот Иловица – Штука и политичка смрт. А со тоа ќе се направи финалниот притисок врз власта за раскинување на договорот.
Автор: Сашко Јанчев – правник, активист во „Спас за нас“ и модератор на Правниот сектор на Левица