Тони Клиф: „Евреите, Израел и Холокаустот“

Тони Клиф е палестински Евреин кој до крајот на Втората светска војна живеел во тогашната Палестина. Откако се преселил во Британија станал еден од водечките троцкистички теоретичари. Овој текст е напишан во 1998 година и во него Клиф накратко ги изнесува своите погледи околу неколку важни прашања за израелско-палестинскиот конфликт.

 

Раѓањето на ционизмот

Француската револуција ги ослободи Евреите. Помеѓу 1789 и обединувањето на Германија и Италија по речиси еден век, исчезна физичкото, економското и интелектуалното гето. Менделсон, Хајне и Маркс, сите Евреи, беа истакнати личности во германската култура. Навистина, постоеше широко раширен антисемитизам, па дури и погроми, но тоа се случуваше во царистичка Русија, каде јаремот на феудализмот сè уште натежнуваше и каде модерниот капитализам штотуку зачекоруваше. Кога капитализмот стана стар и истрошен, особено по Големата депресија од 1930-тите, се сврте против сите демократски достигнувања на својата младост. Сега Евреите едноставно не беа потиснати во гетоа, туку уште потаму – во гасните комори.

Помеѓу овие два периоди еден ужасен случај на антисемитизам избувна во Франција. Во 1895 еден воен офицер Евреин, Драјфус, беше обвинет дека е германски шпион. Судењето што претставуваше лов на вештерки водеше кон хистерија на толпата против Евреите. Овој бран на антисемитизам беше нус производ на битката помеѓу растечкиот француски и германски империјализам. Во тоа време, во Париз живееше еден добро етаблиран виенски новинар, Теодор Херцл. Херцл извлече заклучок од фуријата дека антисемитизмот е природен и неизбежен. Во 1895 тој напиша: „Во Париз, како што кажав, усвоив послободен однос кон антисемитизмот, кого сега почнувам да го разбирам историски и да го оправдувам. Пред сè, ја сфатив празнотијата и безнадежноста на обидите за ‘борба’ против антисемитизмот.“

Херцл го критикуваше Емил Зола и останатите Французи, главно социјалисти, кои застанаа во одбрана на Драјфус. Тој се жалеше што Евреите „бараат заштита од социјалистите и од рушителите на постојниот граѓански поредок… Вистински, тие повеќе не се повеќе Евреи. Сигурно, тие не се ниту Французи. Тие веројатно ќе станат водачи на европскиот анархизам.“

Тој тврдеше дека одговорот на антисемитизмот лежи во напуштањето од страна на Евреите на земјите каде што не ги сакаат и во основањето на нивна сопствена држава. При овој потфат, тој објави, „антисемитите ќе бидат наши најзависни пријатели… наши сојузници.“ Оттука, тој отиде на средба со царистичкиот министер за внатрешни работи, Плевхе, човекот што го организира погромот во Кишињев од 1903. Тој пред него го стави мамецот дека иселувањето на Евреите од Русија ќе го ослабне револуционерното движење, непријателот на Плевхе.

Ако антагонизмот помеѓу Евреите и христијаните наводно беше природен и неизбежен, тогаш, се разбира, следеше дека и антагонизмот помеѓу Евреите и Арапите во Палестина беше природен и неизбежен. На почетокот Херцл го дефинира ционизмот како „давање на луѓето без земја, земја без луѓе“. Кога неговото внимание го стекна фактот дека во Палестина живеат Арапи, Херцл зеде здраво за готово дека работата е едноставно да се ослободи од нив. На 12 јуни 1895 тој напиша: „Ќе се обидеме да го одоброволиме сиромашното население преку границата, обезбедувајќи вработување во транзитните земји, истовремено оневозможувајќи му да се вработи во нашата сопствена земја.“ Каков бесрамен израз на намерата за етничко чистење!

 

Затворена ционистичка економија

Ционистите кои се доселија во Палестина од крајот на 19 век не сакаа да основаат економија слична на онаа на Белците во Јужна Африка. Таму Белците беа капиталистите, додека Црнците беа работниците. Ционистите сакаа целото население да биде еврејско. Со многу нискиот стандард на Арапите во споредба со Европјаните и со многу раширената и отворена и прикриена невработеност, единствениот начин за постигнување на оваа цел беше затворањето на пазарот на труд за Арапите. Имаше редица начини кои беа употребени за да се постигне тоа. Прво, Еврејскиот национален фонд, сопственик на голем дел од земјата во сопственост на Евреи, вклучувајќи, на пример, и голем дел од Тел Авив, имаше статут што инсистираше дека само Евреи можат да бидат вработени на таа земја.

Во таа насока, ционистичката синдикална федерација, Хистадрут (Општа федерација на еврејскиот труд)м наметна врз сите свои членови два издатоци: еден за одбрана на еврејскиот труд и еден за одбрана на еврејскиот производ. Хистадрутот организираше протести против сопствениците на расадници што вработуваа работници Арапи, принудувајќи ги сопствениците да ги отпуштат. Исто така, вообичаено беше да се видат младинци како одат низ еврејскиот пазар помеѓу жените што продаваат зеленчук или јајца и ако најдеа некоја што беше Арапка, истураа парафин врз зеленчукот или ги кршеа јајцата.

Се сеќавам дека во 1945 една кафетерија во Тел Авив беше нападната и речиси целосно беше искршена поради гласина дека имало некој Арап што работи во кујната, миејќи ги чиниите. Исто така ги паметам, од времето кога бев на Хебрејскиот универзитет во Ерусалим помеѓу 1936 и 1939, постојаните демонстрации против продеканот на универзитетот, д-р Магнус. Тој беше богат американски Евреин и либерал, а неговиот криминал беше тоа што беше закупец на еден арапски земјопоседник.

 

Зависноста од империјализмот

Знаејќи дека ќе се соочат со отпор од Палестинците, на ционистите секогаш им беше јасно дека им е потребна помошта на империјалистичката сила што имаше главно влијание во Палестина во тоа време.

На 19 октомври 1898 Херцл замина за Цариград на прием кај кајзерот Вилхелм. Во тоа време Палестина беше дел од Отоманската империја, која беше помлад партнер на Германија. Херцл му кажа на кајзерот дека ционистичкото населување во Израел ќе го зголеми германското влијание, бидејќи центарот на ционизмот е во Австрија, која беше партнер на Германската империја. Тој исто така покажа уште еден морков: „Објаснив дека ги одвлекуваме Евреите од револуционерните партии.“

Кон крајот на Првата светска војна, кога беше јасно дека Британија ќе ја преземе Палестина, водачот на ционистите во тоа време, Хаим Вајцман, контактира со британскиот секретар за надворешни работи, Артур Балфур, добивајќи од него, на 2 ноември 1917, декларација со која на Евреите им ветува татковина во Палестина. Сер Роналд Сторс, првиот британски воен гувернер на Ерусалим, објасни дека ционистичкиот „потфат беше потфат што тој го благослови поради тоа што формира за Англија ‘мал, лојален еврејски Алстер’ во морето од потенцијално непријателски арабизам.“ Ционистите станаа Портокаловиот ред на Палестина.

Во Втората светска војна стана јасно дека главна сила на Блискиот Исток ќе престане да биде Британија и ќе стане САД. Поради тоа Бен Гурион, ционистичкиот водач во тоа време, побрза во Вашингтон да ги зацврсти договорите со САД. Израел сега е најдоверчивиот сателит на САД. Не е за ништо тоа што Израел добива повеќе економска помош од САД отколку која било друга земја, иако е толку мал. Исто така добива повеќе воена помош од која било друга земја во светот.

 

Холокаустот

Сфаќајќи го варварството на нацизмот, Троцки го предвиде искоренувањето на Евреите. На 22 декември 1938 тој напиша: „Можно е да се замисли без потешкотии што ги очекува Евреите на самиот почеток на идната војна. Но дури и без војна следниот развој на светската реакција со сигурност означува физичко истребување на Евреите… Само смелата мобилизација на работниците против реакцијата, создавањето на работнички милиции, непосредниот физички отпор на фашистичките банди, растечката самодоверба, активност и смелост помеѓу сите потиснати може да предизвика промена во односите на силите, да го запре светскиот бран на фашизам и да отвори ново поглавје во историјата на човештвото.“

До Втората светска војна преовладувачкото мнозинство од Евреите во светот, особено Евреите од работничката класа, не беа поддржувачи на ционизмот. Така, во Полска, каде што постоеше најголемата заедница на Евреи во Европа, во декември 1938 и јануари 1939 беа одржани избори за советот во Варшава, Лоџ, Краков, Лвов, Вилнус и други градови. Бундот, еврејската социјалистичка работничка антиционистичка организација, доби 70% од гласовите во еврејските области. Бундот доби 17 од 20 мандати во Варшава, додека ционистите добија само еден.

Сето тоа радикално се промени со Холокаустот. Едвај да има Евреин во Европа што не загубил членови од неговото или нејзиното семејство во него. Се сеќавам дека кратко време пред него една моја тетка од Данциг дојде да нè посети во Палестина. Не се сретнав со останатите од нејзиното семејство, но таа, заедно со сите останати, исчезна во Холокаустот. Една моја роднина, која ја познавав многу добро, се пресели во Европа со својот маж и со петгодишното дете веднаш пред војната и тие исто така беа убиени во гасните комори.

Денес, преовладувачкото мнозинство од Евреите се ционисти и тоа е доста разбирливо.

 

Катастрофата

Ова е терминот што го употребуваат Палестинците кога упатуваат на основањето на израелската држава во 1948. Оттогаш, во трите војни помеѓу Израел и Арапите во 1948, 1967 и 1973, имаше масовно етничко чистење на Палестинците. Денес има 3,4 милиони палестински бегалци, далеку повеќе отколку бројот на Палестинци кои останаа во областите во кои живееја порано. Бројките за сопственост над земјата сведочат за нивното елиминирање: во 1917 Евреите поседуваа 2,5% од земјиштето во земјата. Во 1948 тоа се зголеми на 5,7%, а денес е околу 95% во границите пред 1967, додека Арапите поседуваат само 5%.

Еден е од најтрагичните случаи во историјата тоа што еден угнетуван народ како Евреите, кој страдаше од варварството на нацистите, наметна угнетување и варварство врз друг народ – Палестинците, народ што на никој начин не беше вмешан во извршувањето на Холокаустот.

 

Решението

Палестинците немаат моќ да се ослободат самите. Тие дури немаат сила да постигнат какви било реформи. Тие не се како Црнците во Јужна Африка, кои постигнаа многу важни реформи. Тие се откачија од апартхејдот, го освоија правото да гласаат и избраа црнечки претседател. Точно е дека економскиот апартхејд сè уште постои. Богатството сè уште е концентрирано во рацете на мала група на Белци, сега покрај малиот број богати Црнци. Преовладувачкото мнозинство од Црнците сè уште живеат во бедна сиромаштија. Црнците во Јужна Африка се неспоредливо посилни од Палестинците. Пред сè, има пет до шест пати повеќе Црнци отколку Белци во Јужна Африка, додека бројот на Палестинците повеќе или помалку е ист на бројот на Израелци (мнозинството од Палестинците се бегалци). Второ, црните работници се срцевината на јужноафриканската економија, додека Палестинците се многу маргинални за економијата. Јужноафриканскиот синдикат Косату е броен синдикат што играше клучна улога во соборувањето на апартхејдот. Палестинците немаат соодветна синдикална организација.

Ако постои ситуација каде што теоријата на Троцки за перманентна револуција совршено е применлива, тоа е таа на Палестинците. Неговата теорија тврди дека не може да се постигнат демократските барања и национално ослободување без пролетерска револуција. Клучот за судбината на Палестинците и на секого друг на Блискиот Исток лежи во рацете на арапската работничка класа, чии главни центри на моќта се во Египет, а помалку во Сирија, Ирак, Либан и во другите земји. Трагично, потенцијалот на арапската работничка класа не стана стварност, поради штетниот ефект на сталинизмот што долго време доминираше на левицата на Блискиот Исток. Сталинистите беа тие што им ја отворија вратата на партијата БААС и на Садам Хусеин во Ирак, кои го доведоа Асад и сириската БААС на власт, кои ја отворија вратата за Насер и за подоцнежните исламисти во Египет.

Една револуција на арапската работничка класа ќе му стави крај на империјализмот и на ционизмот. Едноставна дволичност е да се тврди дека ова ќе ги загрози Евреите во тој регион. Кога режимот на апартхејдот доминираше со Јужна Африка, поддржувачите на режимот тврдеа дека Африканскиот национален конгрес се залага за колежи над Белците. Ништо од тој вид не се случи.

 

Текстот е преземен од Марксистичката интернет архива на македонски јазик.

|2021-05-14T10:12:55+00:0014 мај 2021|Актуелно, Свет|