На денешен ден пред 150 години капиталистичките сили во Франција крваво ја задушиле Париската комуна. Биле убиени или егзекутирани помеѓу 6 и 7 илјади комунари, а некои извори посочуваат дека бројката достигнала до 20 илјади. Комуната 72 дена, од 18 март 1871 година, кога работниците ја презеле власта во Париз. Комуната била инспирација за марксистите, за анархистите, за Октомвриската револуција, за сите што се бореле за похуман свет од денешниот. По повод оваа важна годишнина, редакцијата на „Гласник“ претходно го објави Манифестот што Париската комуна го испрати до целиот француски народ.
Весниците веќе пренесоа глас за страшната пропаст на комуната. Нејзините бранители во последен очаен момент го запалија Париз и во тој оган и во тие урнатини или загинаа заедно со жени и деца (како што велат весниците, версајските рицари и бранители на „слободата на цивилизацијата“ убивале жени и деца, сè по ред) или, истоштени од нерамна борба и глад, паднаа во ропство и сега „во интерес на човечкиот напредок“ ќе бидат стрелани или како заточеници ќе бидат испратени во далечна Кајена [во Јужна Америка] или некаде на друга страна, каде што Французите ги испраќаат своите престапници, и таму познатата жолта треска и секаквите страдања ќе им ја донесат познатата смрт. Комуната „засекогаш“ е закопана под урнатините на Париз – така велат заштитниците на поредокот. А сега од сите страни се крева на неа хајка како обично на секоја победена партија. Наеднаш запеаја во еден глас сите: англиските богаташи, бриселските министри и депутирци (претставници на капиталистите) сите европски владетели и сите нивни маршали, генерали и останата господа, виенските чифути и белградските журналисти – со еден збор, целиот „цивилизациски свет“ (се разбира дека под „цивилизациски свет“ тие подразбираат само себеси и никој друг), како што рече еден овдешен лист, „го жигосаа палежот на Париз како најгрозно варварско дело кое било кога се случило во историјата, а припадниците на комуната како најголеми злосторници, кои било кога живееле на земјата“.
Оваа заедничка врева против комуната не е за нас ни најмалку несебична и изненадна. Напротив, тоа е многу стара и позната работа. До вчера немаше ни еден реакционерен журналист да зборува лошо за Робеспјер, Мара (на нашите читатели сигурно им се познати овие имиња од нашите реакционерни весници) и другарите како за најголеми злосторници во историјата како за вистински крволоци; а всушност во самата Кримска војна или подобро речено, самата битка кај Аустерлиц или кај Гравелот погуби, повеќе луѓе отколку сите жртви што се егзекутирани на гилотината во првата Француска револуција. Ама таму заповедаа цареви по „божјата милост“, со нивните маршали и генерали и со возвишена намера: да ја утврдат својата царска сила и власт на земјата; а ваму се дигна сиромашната раја да раскрсти со спахиите, кралевите, принцовите и принцезите. Природно е застапниците на царската сила и власт да велат дека сите оние кои сакаат да го урнат тој „природен“ строј во општеството се злосторници.
Наполеон I ја изгоре, разурна и ограби цела Италија, Германија, Русија и Шпанија; стотина села и градови се изгорени и разорени; милиони жртви, некои во битките, некои од глад, болести и други неволји пропаднаа во неговите војни, и тоа за ништо друго, туку тој да стане велик човек, „страшило на светот“, „меч божји“. За тоа Французите му го подигнаа знаменитиот „Вандомски“ споменик. Кога комуната го урна тој споменик на варварството целиот „образован“ свет тоа дело го нарече „варварство“. Наполеон III го изгоре и ограби Алжир и Мексико; неговата војска и полиција ја проголта заработувачката на француските работници, и кога тие во очајание ги оставаа работилниците и откажуваа работа, што не им донесуваше ни леб, Наполеон со куршуми и бајонети ги тераше во фабрики. Но, сепак, „образованите“ новинарски филистри и шарлатани никогаш тоа не го нарекуваа просто злосторство. Оти тоа беше „законска власт“. А кога првите востаници на Монмартр стрелаа двајца генерали, кои сакаа да ‘ѝ го одземат оружјето на народната војска, „цивилизацискиот свет“, почнувајќи од „Тајмс“ па до весниците во Србија, тоа го прогласија за најцрно дело во историјата.
Секоја војна е една низа од насилства, убиства и палежи. Ние не можеме да замислиме дека може да се војува на друг начин. Пред малку време ја имавме пруската војна. Прусите палеа село само ако им се убиеше еден војник или ограбеше еден воз; тие бомбардираа градови, полни со мирни граѓани, жени и деца – само ако тоа го бараа нивните војнички операции; тие ги уриваа најславните историски споменици само ако им дојдеа случајно под удар, како што ја урнаа знаменитата штразбуршка камбанарија; тие ги ограбуваа сите места низ кои поминуваа, а на тоа уште по војната го затврдија своето право на ограбување со тоа што на Франција ѝ ја наметнаа нечуената во историјата воена контрибуција од 5 милијарди; најпосле, тие го бомбардираа Париз штом довлекоа големи топови што им беа потребни за бомбардирање. Што не го урнаа и изгореа со топови пред да се појави комуната, тоа не е поради нивната великодушност и човечност, туку поради тоа што Париз се предаде порано поради предавство на своите заповедници. Никој од овие нежни, човечки господа, кои сега ја навредуваат комуната, тие дела не ги нарекуваше просто злосторство. Па и самите Версајци го бомбардираа Париз неколку дена, па дури и кога влегоа во самиот град, настапувајќи од една улица во друга, ги бомбардираа сите улици и сите куќи што им се противеа; уриваа со топовите сè што им беше на пат (па и сега уште не е покажано и одвоено што урнале и изгореле версајските топови, а што е запалено со петролеј). Онаа стара Наполеонова војска со нејзините срамни генерали кои онака кукавички како стадо говеда се предаваа во рацете на Прусите, сега одеднаш стана бранител на слободата и цивилизацијата.
Таа истата војска, која Наполеон ја подготви само за тоа да ги бие граѓаните и да ја држи својата тиранија, ги убиваше и самите заробеници, па и мртвите тела ги сакатеше и грозно ги малтретираше – па и тоа никој не го нарече просто злосторство. Она мнозинство, што само чека човекот од законот Тјер и неговите помошници Жил-Фаври и други да го убијат и последниот востаник, па да му натакнат круна на некаков си Орлеанец, Бурбонец или Наполеон – кој ќе им плати повеќе – тоа мнозинство стана спасител на редот и слободата! Тоа мнозинство во името на таа слобода ја брани папската непогрешивост, која денес ја осудуваат најглупавите католици – Баварците; тоа мнозинство веќе го напаѓа министерот на внатрешните работи Пикара оти бил благ спрема востаниците; тоа мнозинство веќе објавува дека Базен, Конрабер и сите Наполеонови маршали и генерали, кои ја продадоа и упропастија Франција, се невини, а целата вина за онаа срамна пропаст ја симнуваат на сиромашкиот безгласен народ во Франција. Тиранија, уште погрозна од онаа што ја беше срушила седанската парада, се надигна во Франција; последните јуначки бранители на слободата, мажи и жени, се дават во својата крв со извикот: ДА ЖИВЕЕ КОМУНАТА, а образованите журналисти не можат да изнајдат зборови со кои ќе ги нагрдат овие јуначки борци. Тие самите зборуваат како се убиваат илјадници луѓе, како од солдатските кундаци со гордост и херојски умираат жени и девојки, па сепак тие убиства не ги нарекуваат злосторство. А и што е тоа да убиеш простак – сиромав – работник! Злосторство е само да палиш палати и уриваш „споменици“ на цивилизацијата. Такви се човечните поими и кај нашите „цивилизирани“ журналисти. Тие имаат две мерки со кои ги мерат светските настани. Со едната ги мерат делата на владетелите, нивните битки, ограбувања, насилства итн., а со другата мерка ги мерат народните востанија и оние крвави последици кои секое востание, како и секоја војна, ги донесува со себеси.
Како што рековме, одамна нам ни е позната оваа стара песна. Знаеме од каде се создаде и знаеме кон што е насочена. Бизмарковиот лист „Општ северо-германски весник“ јасно ја протолкува таа општа реакционерна песна. Тој лист смело изрече една реченица, што ја прифатија и раструбија сите незначителни журналисти европски од Темза до Дунав и Сава, „либерализмот ја запали Франција, така што не е чудно што во тој пламен изгореа Тиљериите“. Ете тука е јазелот. Тоа е старата тактика на сите реакционери: тие сега не напаѓаат само на комуната и социјалистите, туку сакаат да ги зацрнат напредните политички принципи, па им ги подметнуваат сите најгрозни последици, убиства, палежи и сите најлоши злосторства. Но, тие не се зафаќаат да ги критикуваат самите тие принципи, па да докажат дека токму тие принципи бараат да се убива, ограбува, пали итн. Тие не смеат тоа да го прават, бидејќи би излегло вакво умување: кој не сака да му плаќа на императорот и неговиот двор годишно 200 милиони гроша, тој сака да краде; кој не сака да издржува половина милион чиновници, и уште толку солдати, само по себе се разбира дека тој сака да убива; кој не сака да работи за друг безделник, кој само се вози на каруца, пие шампањско итн., тој очигледно сака да пали туѓи куќи; кој сака да живее како човек, да го јаде својот леб со потта на своето лице, а да биде свој господар и сите свои граѓански односи да ги уредува со рамните нему производители – тој е прост разбојник, за кого ништо свето нема на светот; тој е непријател на човештвото, предавник на слободата и цивилизацијата итн. Таква нова логика би морале да пронајдат нашите „цивилизирани“ кога би сакале да ги нападнат оние принципи што ги изнесе комуната на своето знаме и за кои се трудеше до својата страшна пропаст. Ама тие се мудри па не ги изнесуваат тие принципи на јавност, ниту ги соборуваат. Тие ги изнесуваат на видело само крвавите слики на војната, па викаат: „Еве ги овие слободарци! Гледај како палат, убиваат, ограбуваат!“ Како да можат луѓето еден со друг да се тепаат и убиваат, а да не се мразат и да не си одмаздуваат еден на друг со сите возможни средства. Правилото на војната: „Употреби сè што му прави штета на твојот непријател“, важи за сите борци на светот, само не за бранителите на комуната. И што е уште погнасно, истите господа не кажуваат кој ја започна борбата. Дали комуната некого нападна, или таа е нападната? Дали таа го предизвика крвавиот, варварски колеж, или го предизвикаа оние што нападнаа на неа?
Мислиме дека им е познато на читателите како започна оваа крвава граѓанска војна. Таа е непосредно предизвикана со тоа што версајската влада сакаше да им го одземе оружјето на граѓаните. Се разбира дека граѓаните, особено фабричките работници, знаеја што ги чека од реакционерното глупаво мнозинство на собранието, па затоа не го дадоа оружјето, туку ја прогласија својата општинска самоуправа. Но, како што се гледа, тоа беше само непосреден повод за војната. А, вистинската причина за граѓанската војна лежи многу подлабоко во самата општествена поцепканост на францускиот народ. Тие уште во првиот момент го прогласија востанието во Париз за прост бунт против законскиот поредок, значи ги прогласија востаниците како прости злосторници и ги повикаа да го положат оружјето на милоста на „законската“ влада. Владата навистина ветува дека ќе ги казни главатарите како злосторници, но, се разбира, владата остави по своја волја да го смета кого сака за главатар и да го казни како најде за арно. Попусто посредуваа разни дружини и неколку најголеми и најобразовани француски општини да се прекине граѓанската војна – владата не сакаше ни да води преговори со бунтовниците. Со заробениците таа постапуваше како со прости злосторници. Сите заробени старешини веднаш ги убиваше, без никаков суд, а останатите ги фрлаше во затвор. Еве што ја предизвика онаа страшна омраза на комуната кон версајската влада и што го подготви овој ужасен колеж и палеж на Париз. Нека секој застане во положбата на еден работник и член на Париската комуна. Како живееше тој во тој „законски поредок“, што му го наметнуваше владата со оружена сила? Тој што правеше најфина свила и кадифе, немаше ни здрава кошула; тој што ги строеше најубавите палати, чудесиите на градежната уметност, немаше ни глава каде да склони; тој што работејќи во многубројните фабрики ги создаваше сите богатства на културниот свет, немаше ни леб да се најаде како треба. Ете, тој поредок после толку борби требаше пак да се врати. Од работникот се бараше да го положи оружјето; да чека од милоста на своите господари ќе го стрелаат ли, ќе го пратат ли во заточение во некоја страна или ќе го остават во Париз да робува, како што робуваше; да гледа како сјајните господа даваат господски балови, како се лизгаат по паркетите на великолепните палати или главечки летаат по широките булевари; да работи по 16 часови на ден, а штом, изморен од работа и страдање, падне болен, да гледа како неговата ќерка или сестра се продава на булеварот за парче леб, и се продава како предмет за наслада на тие истите сјајни господа кои живеат во оние великолепни палати, што уживаат гледајќи „Венери од Милес“ и други производи на уметноста… Ете, тоа се бара од работникот. Но, работникот повеќе сакаше да ги запали тие великолепни палати и да изгори заедно со нив, отколку да го остави оружјето и да се врати во стариот „поредок“.
Има луѓе кои го знаат сето тоа, ама пак велат дека комуната направила злосторство што уништила споменици, што изгорела научни збирки и библиотеки и други производи на цивилизацијата. Ама тие господа не сакаат да се прашаат: што му донесе таа цивилизација на работникот? Работникот не се користеше ниту со научни збирки, ниту со библиотеки; тој не се насладуваше со производи на живописта и архитектурата и др.; тој не можеше да знае каква цена имаат тие богатства на цивилизацијата. Работникот среде цивилизацијата останал суров и необразован; тој само мораше да работи за сите оние кои се користеа со тие предмети – тој го изгоре тоа за да се одмазди. Неговата одмазда е последица на неговата суровост. Но, колку посурови и погрозни мораат да бидат оние луѓе кои уживаа од тие богатства, и пак во името на „поредокот“ и „цивилизацијата“ ги принудија работниците на таков очајнички отпор! Па, велат тие, тоа е „природен закон“ (несреќниот природен закон – кој уште нема да го прави на парчиња!) дека мора да има богати и сиромаси; луѓе кои работат и не работат; кои уживаат и кои страдаат. Тоа е вистина, ама тоа е едната половина на природниот закон, а другата истите господа ја премолчуваат. Другата половина гласи: исто така е природен закон оној што е сиромав, кој работи и се мачи, да го мрази оној што е богат, кој ужива а ништо не работи, а од таа омраза по природниот закон доаѓа луѓето постојано да се недоразбираат, да се тепаат, да грабат еден од друг, а кога веќе ќе се поделат на партии, тие масовно се дигаат еден против друг – се колат и убиваат. Ете, сето тоа е природен закон. Врз основа на ваков природен закон истите господа би морале да го оправдаат токму сето тоа што се случи во Париз – до најмалата ситница. Врз основа на истиот природен закон може да се прорекне што ќе биде понатаму во Париз. Едно од двете: или господата Тјер, Жил Фавро, Пикар, Мак-Махон и други сами ќе носат малтер и тули и ќе го градат разрушениот Париз, сами ќе влезат во сите фабрики, ќе ги палат печките и ќе произведуваат сè што му треба на едно цивилизирано општество, и тогаш комуната си ја постигнала својата цел – нема веќе поделба на работници и капиталисти; или сите тие работи пак ќе ги работат работниците како и порано, и тогаш пак ќе остане старата омраза меѓу работник и господар, од која пак ќе изникнат старите револуции и старите колежи. По 10, по 20 години – кога и да е, ама навистина ќе дојдат, и тоа многу пострашни и поголеми отколку што беше овој последниот. 1848 година во Париз беше работничко востание поради истите причини и со истата цел како и денешното. По тродневна борба тоа беше задушено. Народната гарда, во која беа повеќето „свои синови“, беше тогаш против работниците. Денешното востание траеше 72 дена, и народната гарда беше главна сила на востанието. Таков напредок направи социјализмот од 1848 година, а неговите кусогледи противници мислеа дека уште тогаш тој беше закопан на јунските барикади.
А зарем нема пат на мирен начин да се реши оваа спротивност што постои во општеството? Зарем луѓето се осудени вечно да се тепаат и колат? Се разбира дека има пат и начин ама треба најпрвин да се признае дека навистина постои оваа противност кај високообразованите народи; дека има милиони луѓе во тоа општество, и тоа не скитници и безделници, туку работници, кои не можат со својата работа да живеат како луѓе; дека нивната положба е неправедна – значи дека постои работничко прашање кое треба да се реши. Треба еднаш да се признае дека тоа не се фантазии родени во главите на неколкумина луѓе кои го бунтуваат мирниот свет, туку обратно дека рамнотежата во општеството е нарушена, иако има нешто фантастично во предлозите на тој или оној одделен човек, дека тоа се родило поради оние општествени зла кои веќе постојат. Волку рековме за пропаста на Париската комуна, за да им ја осветлиме вистинската положба на работите на оние кои сакаат да ја знаат вистината.
Текстот е преземен од Марксистичката интернет архива на македонски јазик.