Студентското домување претставува еден од најгорливите проблеми на балканските држави. Уште поголем е парадоксот дека ова премрежје се јавува во општествата кои до пред три децении живееја во социјалистички политички систем. Имено, станува збор за проблемите со кои се соочуваат студентите во овие држави околу нивното сместување. Егалитарниот дистрибуиран систем на станбениот фонд кој овие држави, вклучително и нашата, требаше да го проследат во комбинација со политиката на социјалната изградба на станови и државната регулација на пазарот на недвижности, не беше усвоен од постсоцијалистичките држави.
Во Романија, после падот на Социјализмот, ситуацијата со станбените простори за сместување се влошува драстично. Приватизацијата на државните станови е само еден од чекорите, коишто доведуваат до влошувањето на оваа ситуација . Со влезот на Романија во ЕУ, градежниот сектор расте, но исто така расте и контролата врз пазарот. Малиот раст на животниот стандард паѓа во рацете на приватните градежни фирми. Со избивањето на економската криза, паѓа и цената на трудот, работниците и пензионерите земаат за 25% пониски примања. Со тоа, плаќањето на станбените кредити се намалува и проблемот со станбениот простор останува нерешен.
„Сите престижни и за младите привлечни романски универзитети се наоѓаат по градови кои според извештајот на Светската банка од 2008, се категоризирани како степени на растење на романската економија. Така, најголемиот дел на студенти гравитира во Цлуј, Темишвар или Лашиј, градови кои немаат само важна економска функција, туку и статус на традиционални историски „метрополи“. Тие градови се позначајно атрактивни за студентската популација, отколку работничките градови развиени во Социјализмот. Така, моменталното разместување на универзитетите своите корени ги има во нееднаквиот историски развој на државата. Денес, таа нееднаквост се манифестира во тоа што само десет од 42 области произведуваат околу 60% од бруто домашниот производ и вработуваат околу 85% од работниците“, пишува за Билтен Александро Богуш.
Критериумите во Хрватска несензибилни со најранливите
Ништо не е подобра ситуацијата и во Хрватска. Во Хрватска, сместувањето на студентите во студентските домови го прави државата, иако нема доволно места за сместување, додека алтернативата е скапа и доста анксиозна за студентите. Право на државно сместување во Хрватска имаат само редовните студенти, додека повеќе од 40.000 студенти, што во проценти се 27,6 отсто, според студентската популација во 2015/2016, тоа право не го остваруваат, и покрај тоа што припаѓаат на социјално загрозените групи.
„Подеднакво од трката ќе испаднат и тие кои ќе се покажат дека имаат одредена аномалија во однос на почитување на строгите процедури на болоњската програма, на пример немаат обезбедено доволен број на ЕКТС – поените, промениле студии, или годината ја оставиле во мирување“, пишува за Билтен, Ана Врангаловиќ.
Според неа, вдомувањето во студентските домови треба да биде право на студентите кои доаѓаат од материјално загрозените семејства, додека критериумите за доделување на таа бенефиција се прилично нечувствителни. Еден од главните критериуми за прием на студенти по студентските домови се оценките, а не социо-економскиот статус, кој доаѓа како дополнување, но не и како главен критериум.
„Истражувањето на ЕУРОСТУДЕНТ (2011.) покажува дека во студентските домови многу често се сместени студенти од универзитетските студии (кои главно доаѓаат од средни семејства и високи приходи), чиишто трошоци се помали отколку трошоците на студентите на стручните студии, на одличните студенти, на студентите со деца итн. Од сето ова може да се види дека, натпреварот за дом претставува дополнителен механизам за класно детерминирано образование во состав кој само перпетуира класни нееднаквости во општеството, наместо да се потруди да ги редуцира“, заклучува Врангаловиќ.
Македонија и Хрватска беа рамноправни единки во состав на социјалистичка Југославија. Искуствата од Југославија со многу социјален сенс, се заобиколени и во Хрватска, која од пред неколку години е и членка на ЕУ. Во Хрватска, студентите не го ползуваат статусот, којшто им следува.
Во Македонија студентите жртви на сиромаштијата
Во Република Македонија, една од најзагрозените и систематски маргинализираните групи се и студентите. Особено тие студенти кои доаѓаат од внатрешноста на Македонија. Различните кампањи за продолжување со школувањето и стекнување на високо образование со повисок квалитет, македонските студенти ги принудува од градовите на периферијата да се запишуваат на Универзитетот св. Кирил и Методиј во Скопје.
Едно од подлабоките премрежја со кои се соочуваат студентите кои доаѓаат од останатите градови на Македонија во Скопје е нивното сместување. Земајќи го предвид долгогодишното деиндустриализирање и осиромашување на градовите од периферијата, Скопје-центризмот на економијата, но и политичката моќ, културата, а со тоа и цела лепеза на социјални прекршени интеракции, оваа категорија на граѓани нема стабилна социјална и економска перспектива за достоен живот во главниот град. Особено може да се истакне периодот на дивата приватизација како причина и различните миграции, за кои извештајот на Светска банка до 2013. година говори дека, од Македонија мигрирале околу 626.312 граѓани.
Во Македонија, цената на пазарот на недвижности по 2008. година останува стабилна, а парадоксално е тоа што бројот на нови станбени објекти расте, додека цената на истите останува иста. Неколку години по ред, цената на издавање на двособен стан во Скопје ја надминува дури и високата граница од 200 евра. Животните трошоци се уште поголеми, особено доколку се земе предвид дека студентите претставуваат група на граѓани кои не се вработени и не заработуваат, а земајќи ја предвид економската ситуација во државава истите не можат ниту да заработат доволно за да преживеат.
Студентските домови во Македонија
Ситуацијата со студентските домови во Македонија е запрепастувачка. Во 2014 година, иницијативата „Операција студентски дом“ фотографираше, а со тоа и алармираше за состојбата на студентските домови. Конкретно станува збор за студентскиот дом „Гоце Делчев“. Лебарки насекаде, соби неваросани со декади, исхрана под нивото на луѓе кои живеат во свет преполн со прехрамбени индустрии и храна која се фрла насекаде, некоректен однос на раководителите на домовите и партиските активисти кои со промена на секоја политичка партија доаѓаа нови, приврзаници на партијата на власт и уценуваат на најразлични начини за легло. Често можат да се просведочат и примери на намерно отфрлање на студенти по студентските домови со цел обезбедување на празни места кои подоцна дури се продаваат од сто до триста евра од легло.
Политичките партии ја злоупотребуваат оваа тема
Политичките партии по инерција го злоупотребуваат прашањето на вдомувањето на младите од Македонија, особено проблемот кој се јавува со студентите.
Ниту сегашната влада, на чело со СДСМ, ниту пак претходната на ВМРО-ДПМНЕ, не биле заинтересирани за решавање на овој проблем. Во предизборната кампања претставници на СДСМ дадоа неколку ветувања за изградба на студентски град во Скопје со нов модерен архитектонски дизајн, кој ќе вклучува спортски центри, читални, книжари, ресторани итн. Исто така, најавени беа и кампуси во Битола, Штип и Тетово.
Додека пак, претходната влада постојано се фотографираше со реновирани оддели во некои од студентските домови, но сепак не се подобри ниту стандардот на студентите кои престојуваат во истите, ниту пак се промени принципот на селекција и критериумот како да се влезе во студентските домови.