СТРУМИЦА, 04.06.2018 – Активистите од здружението „Здрава Котлина“ од Струмица го најавија протестениот марш кој треба да се одржи на 16-ти јуни во 12:00ч. со маршрута од струмичкиот плоштад до седиштето на концесионерот Еуромакс Рисорсис. Маршот се организира со една јасна цел: уште еднаш да се испрати јасна порака до владата на Република Македонија да го раскине договорот за дозвола за експлотација на руда во Иловица-Штука со инвеститорот „Еуромакс Рисорсис“.
Организаторите на маршот предупредуваат дека потенцијалното отворање на рудникот ќе донесе профит за малкумина, додека пак од друга страна тотално ќе се уништи Струмичката котлина.
„Сите можни рокови изминаа. Ние досега многу зборувавме и пишувавме за тоа какви погубни последици ќе произведе тој рудник за животната средина, за земјоделието, економијата и за животите и здравјето на граѓаните. Со еден збор доведен е во прашање целокупниот опстанок на струмичкиот регион. Изградбата на тој рудник ќе значи опустошување на Котлината, со што ќе отпочне неповратен процес на иселување и деградација, за сметка на бескрупулозни туѓински експлоататори, чија единствена цел е профит и ништо друго“, напишаа тие во својот проглас.
„Здрава Котлина“ во својот проглас посебно ја истакна штетата по здравјето што ќе настане ако се отвори овој рудник. Контаминацијата која ќе ги опфати воздухот, водата и почвата нема да поштеди никој во струмичкиот крај.
„Нив не ги занима дали вие или вашите деца ќе се разболите од рак или од некоја друга смртоносна болест, како резултат на бројните отрови кои ќе произлезат од работата на рудникот. Нив ги интересира да ископаат злато и да заминат, оставајќи зад себе апокалиптична пустелија. Загрозени ни’ се трите основни елементи на животот – воздухот, водата и почвата. Со тој рудник, ние немаме иднина“, потенцираа од „Здрава Котлина“.
Маршот ќе трае два часа, од 12:00 до 14:00 часот, а на него се очекуваат да присуствуваат граѓани од целиот Југоисток и од цела Македонија, затоа што ова не е само изолиран локален проблем, туку – проблем на цела држава.