Доколку за градот и понатаму се одлучува зад затворени врати, во градски совети и владини кабинети, проектот „Скопје 2014“, ќе продолжи да живее. А со него и се’ она што го донесе
„Скопје 2014“ е производ на акумулација на капиталот и политичката моќ во рацете на неколкумина, процес кој започна и пред 2010, годината кога проектот беше обзнанен.
Годините на авторитарно владеење не случајно започнаа со овој проект. Тој беше параванот зад кој се материјализаше идеата за комплетно приватизирање на јавниот простор, уништување на секој обид за граѓанско или работничко организирање и воспоставување на доминантен националистички наратив со кој се парализираа социјалните и економски барања на осиромашените Македонци, Албанци, Роми, Турци… Да не заборавиме, паралелно со изградбата на „Скопје 2014“ дефакто се приватизираа илјадници хектари државно земјоделско земјиште, кое се додели на приватни компании и поединци на повеќе децениско користење. Мултинационални компании беа изземени од националното законодаство, парламентот се претвори во нем посматрач, наместо законодавно тело.
„Скопје 2014“ беше алатка со која се настојуваше да се уништи главниот град како простор за политичка борба. Овој проект го претвори градот во продукт за конзумеризам, во објект за продажба, во простор за шпекулација. Заедно со барокните гротески врз колку ли детски игралишта, паркови и парк-шуми се изградија деловни објекти, станбени згради, хотели во последниве неколку години!? Колку од нив денес зјаат празни!? Која е вистинската цена што Скопјани ја платија со своето здравје? Дали оние што го изградија „Скопје 2014“, ќе го дозволат неговото разградување, ќе го признаат криминалот и споделат со оние коишто немаат, она што на коруптивен начин го стекнаа? Како може да се спротиставиме на оваа економска и политичка хегемонија? Ова се дел од прашањата на кои треба да се даде одговор и решение.
СДСМ пред да дојде на власт најавуваше прекин и ревизија на „Скопје 2014“, откако дојде на власт не покажува многу интерес околу ова значајно прашање
Спомениците, објектите на мостовите, галиите и се’ она што е изградено околу Камен мост, претставуваат закана за овој најзначаен споменик во градот. Во моментов Камениот мост стои задскириен од сите овие објекти, а тој имено, е амблем на градот и е еден од најстарите мостови на Балканот и во Европа. Изграден е во 15. век, за време на владеењето на султанот Мехмед Освојувачот. Доколку се продолжи со изградбата на панорамското тркало, ова ќе претставува закана за Камениот Мост. Во коритото на Вардар се натрупаа еден куп објекти, кои во период на опасност од поплави ќе го спречуваат текот на реката Вардар и ќе создадат дополнителен притисок на Камениот мост и неговата конструкција.
Скопско Кале е исто така задскриено зад новоизградените објекти. И тоа е сомбол на градот и тврдина којашто датира од средниот век. Се поставува прашањето дали уништувањето на овие историски споменици од светско значење како што се Камениот Мост и Калето и понатаму ќе продолжи? Дали доколку министерет за култура во новата влада на Зоран Заев не ги отстрани опасностите за овие културни споменици истиот ќе биде соучесник во уништувањето на културноте наследство на Македонија на ист начин како што тоа го направи неговиот претходник?
Јавна дискусија за „Скопје 2014“: „Што да се прави со Скопје 2014“
Минатата недела, на 30. јуни, во Кино Култура, се одржа јавна дискусија во организација на „Плоштад Слобода“, а покрај претседателката на Асоцијација на Архитекти на Македонија, Сања Раѓеновиќ и претседателката на Центарот за културно наследство, Донка Барџиева присуствуваше и новиот министер за култура, Роберт Алаѓозовски.
Бидејќи станува збор за јавна дискусија побаравме и ние да поставиме неколку прашања. По чекање од еден час, дојдовме до збор, при што го запрашавме министерот за тоа, кои се ставовите на новата влада и лично неговите ставови околу прашањето за отстранување на спомениците, галиите и другите скулптури околу Камен мост, со цел да не се наруши неговиот изглед.
Алаѓозовски кратко одговори дека, имаат во план да создадат работна група од експерти, кадешто треба да се слушне експертското мислење и потоа да се донесе одреден заклучок за понатамошните активности.
На прашањето, дали се планира релокација на Државниот Архив, чиешто депо моментално се наоѓа во подрумот на новиот Археолошки музеј на кејот на Вардар и дали се планира негово повторно враќање на старото место, министерот го даде истиот одговор, односно, дека тоа е работа на експерти, а не негова.
Во изминативе година експертите предупредуваат дека, складирањето на документи коишто се од првокласно значење за Македонската историја во депо за кое постои можност да биде поплавено од подземните води околу Вардар може да доведе до уништување на драгоцената архивска збирка. Постојат индиции дека депото во изминативе две години било неколку пати поплавено.
„Прво треба стручно тело да укаже на таа опасност, којашто постои и се разбира ние потоа, нашите надлежни министерства ќе постапиме. Ние собираме индиции и потоа ги проверуваме во рамките на надлежните служби. Тоа е и идеата на ревизијата, да формираме стручни тимови, коишто ќе не’ информираат за сите аспекти, одржливост на проектот, опасност и слично. Само врз база на собрани релевантни стручни мислења ќе постапиме“, изјави министерот и додаде дека, прашање е на време, а оти нивната политичка волја воопшто не е доведена во прашање.
Моментално на старото место, кадешто претходно беше сместен Државниот Архив, има работници, кои се најмени од приватната скопска фирма БАУЕР БГ, за местото да се пренамени во Јавно обвинителство за организиран криминал и корупција. Според имотниот лист, објектот на Архивот е во државна сопственост и има 1314 м2 простор и двор од 7565 м2.
Во однос на тоа, дали министерството за култура приложува во моментов документи до Специјалното Јавно Обвинителство (СЈО) околу корумптивните договори поврзани со „Скопје 2014“, Алаѓозовски потвдри дека, соработуваат со СЈО и достапноста на документите е отворена.
Во секој случај „Скопје 2014“ е проблематичен проект со кој автократските тенденции на неговиот нарачател се обидоа да создадат еден етнички и религиозно поделен град. Поголемиот број од спомениците се однесуваат на историјата на една етничка група што долгорочно би се одразило на создавање на еден поделен град. Се поставува прашањето дали со неотстарнувањето на спомениците новата влада ќе ја продолжи опасната игра со меѓуетничките односи што беше случајот со речиси сите влади на ВМРО ДПМНЕ? Се поставува и прашањето за безбедноста на објектите, коишто се преоблекоа со нови фасади. Дали сите згради се во опасност, односно дали се правени од лесно заппалив материјал!? Пред две години се случија големи пожари во Баку, кадешто градот беше на сличен начин „облечен“ како што беше тоа направано со Скопје. Во овие пожари загинаа голем број на луѓе, по што владата донесе одлука сите тие фасади да се демонтираат.
Што по „Скопје 2014“?
Заедно со дебатата за отстранување на објектите изградени со проектот „Скопје 2014“, ќе мора да се воспостави нов демократски систем според кој граѓаните ќе одлучуваат како ќе се троши градскиот и државниот буџет и на тој начин, ќе се спречи можноста во иднина истото да се повтори. Да не заборавиме, за проектот се потрошија повеќе од половина милијарда евра. Дали можеби треба да учиме од градовите Бело Хоризонте и Порто Алегре во Бразил каде граѓаните и граѓанските пленуми решаваат како и каде да се трошат народните пари? Отпорот против „Скопје 2014“ не може да биде ексклузивно насочен кон отстранување на објектите, иако тоа треба да биде еден од приоритетите. Тој мора да биде насочен и кон создавање на нови начини на демократско организирање, тема којашто не е присутна во денешната јавна дебата.