Изминативе неколку години беа исполнети со бурниот и високо организиран отпор што граѓаните на југоисточна Македонија го направија со цел да ги променат централните политики за регионален развој.
Овие политики за регионален развој беа дел од генералната политика за привлекување на странски капитал во државата на тогашната Влада предводена од ВМРО – ДПМНЕ. Во основа тие подразбираа давање на концесии за геолошки испитувања и експлоатација на металични суровини во територијата на целата држава. Од стотици договори за детални геолошки истражувања и уште толку договори за концесии за експлоатација на рудни богатства денес 14 до нив се почнати со активности за отвoрање, односно се отворени и тоа на локалитети во целата држава, од кои најголем дел концентрирани во југоистичниот дел. Од нив попознати на јавноста се „Еуромакс Рисорсис“ кој има добиено две концесии и тоа во Иловица – Штука за експлоатација на баркар и злато, „Булмак“ кој исто така има добиено две концесии за експлоатација на олово и цинк во Злетово и во Тораница, „Легури“ од Скопје за експлоатација на магнан во Стогово, во Велес (Гроот) за експлоатација на никел, во Лојани за анимон, во Тамјиште железо и тн.
Во основа ваквите политики за регионален развој се во дирекна спротивност со најмалку две работи. Првата од нив е стратешката определба на државата (низ бројни документи) за развој на земјоделството во југоисточниот регион на државата (регион кој поради географските, климатските и морфолошки услови е најпогоден за еколошко производство на земјоделски култури). Втората и круцијална работа е што овие политики директно го засегаат квалитетот на животот на граѓаните од регионот преку уништување на животната средина, долгорочното загадување на почвите и водите, но и преку индустријализација на постоечкиот начин на живот во градовите и селата на регионот.
Поради овие нешта, но и поради заобиколувањето на нивното мислење по прашањето за отвoрање на вакви рудници, граѓаните од југоистокот веќе неколку години ги градат своите политички капацитети за спротивставување на овие политики. Нивниот првичен револт тие го изразија преку протести во Гевгелија, Валандово, Дојран, Богданци, Босилово и тн. Кога овие протести не влодија со плод, тие набрзо се организираа себе во организации со прилично сериозни капацитети (Спас за Валандово, Стоп за рудниците на смртта, Спас за Гевгелија и тн.). Кулминација на нивниот отпор беше организацијата на локални референдуми на кои граѓаните го искажаа својот став за отворањето на најавените рудници. Вакви референдуми се одржаа во Гевгелија, Богданци, Валандово и Дојран, каде што мнозинството на граѓани се искажаа против отварањето на рудниците. По референдумите и за време изборната кампања за локалните избори, граѓаните почнаа да добиваат подршка и од страна на власта која најсимболично беше изразена со јавното ветување на премиерот Зоран Заев дека рудници во регионот нема да има. Набргу по локалните избори на борбата против рудниците се приклучија и новите градоначалници на Валандово, Гевгелија, Дојран и Богданци.
Во 2017 имаше неколку позитивни чекори од институциите во насока на стопирање на работата на овие рудници. Меѓу нив најзначајна беше одлуката од страна на Владата за одземање на концесијата за детални геолошки истражувања на Кожуф на концесионерот „Резервоар Минералс“, а во март 2018 година таа на „Сардич МЦ“ му ја одзеде концесијата за експлоатација на злато, бакар и средбо во Казандол. Во 2019 на 32-та седница на Собранието на СРМ со 53 гласа за, 3 воздржани и еден против, по скратена постапка ги изгласа измените и дополнувањата на Законот за минерални суровини. Со измените се предвидува да не може да се додели концесија за експлоатација на минерални суровини за постапки со лужење или флотација на металични минерални суровини со цијаниди или со сулфурна киселина во рудници со отворен коп.
Но напредокот што изминатиов период беше постигнат во голема мера беше загрозен со одлуката на Уставниот суд на СРМ во 2018 година да ги поништи одлуките за распишување на референдум во општините по повод изјаснување околу рудниците. Оваа одлука Уставниот суд ја потпре врз аргументот дека овие одлуки се незаконски и неуставни бидејќи општината не е надлежна во давањето на концесии, па оттука не може да одлучува ниту за нивното одземање.
Она што е воочливо е дека иако оваа Влада презеде неколку чекори во насока на заштита на животот на граѓаните во регионот, таа сѐ уште е намерно или ненамерно неодлучна по однос на овие регионални политики на претходната Влада. Тоа е видливо во примерот со неодзeмањето на концесијата на канадската компанија „Еуромакс Рисорсис“ за експлоатација на рудникот Иловица, иако основа истата да се одземе постои. Од друга страна граѓаните од овој крај се јасни во намерата да се борат против отварањето на овој рудник. Неодамна тие организираа уште еден протест пред рудникот Иловица наречен „Жив ѕид пред рудникот на смртта“, каде што уште еднаш и порачаа на Владата да преземе решителен чекор.
Овие развојни политики на централната власт за југоисточна Македонија и граѓанската реакција на нив индикативно укажуваат на неколку социо-економски поставености во државата. Пред сѐ кај централната власт постои крајна попустливост во однос на условите кои им се поставуваат на странските инвеститори. Едноставно инвестицијата на странскиот капитал во овие рудници е во голема мера несразмерна во однос на профитот кој тие ќе го остварат од неа. Според едно истражување на Александар Јанев во весникот Капитал, до 2018 година само 12 концесионери екплоатирале руда во вредност од 180,8 милиони евра. Од нив „само 4,95 милиони евра или 2,74% уплатиле во државната каса како надоместок за концесијата, додека пак, дури 38% им останале како профит, односно 68,9 милиони евра“. Што се однесува до работните места кои овие инвестиции требаше да ги создадат, тие се далеку под прагот кој инвеститорите го ветуваа. Поточно од претходно најавуваните 13.500 вработени, во овие рудници работат само 2.175 работници. Со ова, според горе наведената статија, додадената вредност што тие ја создаваат изнесува 108 милиони евра, односно уделот во БДП-то на рудниците за метални суровини изнедува само 1.3%, што ја уништува пропорцијата на економските отстапки кои им беа доделени. Дополнително штетата врз животната средина што од овие рудници ќе биде предизвикана е непроценлива.
Она што исто така исплива на површина преку реакцијата на граѓаните за отвoрање на овие рудници е и степенот на политичка и економска демократија во нашата држава. По јасно изразеното негодување од страна на граѓаните (преку референдуми, протести и тн.) централните институции (Министерствата, Владата и судовите) преку целиот процес генерално не се ставија во одбрана на граѓаните, туку постојано се обидуваа да го амортизираат граѓанскиот револт во насока да излезе во пресрет на странскиот капитал. Владата не ги ревидираше сите договори за концесии, за кои постои основано сомнение дека ќе направат голема штета на животната средина, дополнително од страна на Владата сѐ уште не е одземена концесијата на рудникот Иловица – чекор кој беше ветен. Најсилниот удар од страна на централните институции беше онаа на Уставниот суд во 2018 со која тој експлицитно го поништи демократското изјаснување на самите граѓани.
Граѓаните остануваат на своите очекувања од оваа Влада да го реализира она што им го вети на локалните избори, односно дека рудници во југоистокот нема да има.
Автор: Стефан Видиков