СКОПЈЕ, 03.08.2017 – На местото на опожарениот Завод за урбанизам и архитектура и Институтот за социолошки и политичко правни студии, кој се наоѓа веднаш до СГГУС „Здравко Цветковски“ – ГУЦ во Карпош, е поставена заштитна градежна ограда. Причините за пожарот во кој беа зафатени бараките на Заводот за урбанизам и архитектура, како и дел од Институтот, не се познати, а професорите од институтот алармираа дека, според ДУП-от донесен пред две години, на местото, кое се’ уште е во државна сопственост, треба да се гради висококатница
Граѓанската иницијатива „Зелено Тафталиџе“ на својот фејсбук профил упатија јавно прашање во врска со просторот, кадешто на 21. Април, во пожарот кој избувна целосно изгоре една од напуштените бараки на Заводот за урбанизам и архитектура.
„Со оглед на изминатите случувања во општина Карпош и фактот што нема транспарентност при изведувањето на градежни објекти, логично е да го поставиме прашањето: Што всушност се случува со овој простор? Ќе добие ли своја рестарвација, или пак ова е уште една игра на урбаната мафија?“, прашуваат од иницијативата.
Со пожарот беа зафатени три напуштени бараки кои се наоѓаат во близина на булеварот „Партизански одреди“ во скопската населба Карпош. Едната од нив е целосно изгорена. Просториите се од Институтот за социолошки и политичко-правно истражување при УКИМ, Скопје.
Бараките беа напуштени, а внатре се населувале и бездомници. Но, по стечајот на заводот, внатре останале и вредни урбанистички планови и макети, кои изгореа во овој пожар, а со нив замина и дел од историјата на Град Скопје.
Инспектори на МВР тогаш ја започнаа истрагата, но причините за пожарот се’ уште не се познати во јавноста. Професорите од Институтот тврдеа дека, според ДУП-от донесен пред две години, на местото, кое се’ уште е во државна сопственост, треба да се гради висококатница.
Авторка: Сенада Ибраимова