
Поминаа три години од најмасовните студентски протести во Македонија
Стефан Дојчиновски е студент на магистерски студии на Правниот факултет „Јустинијан први“ при УКИМ. Беше дел од Студентскиот Пленум (СП) и од групата којашто го пишуваше предлог Законот за високо образование (ЗВО), посебно делот посветен на студентите и студентското организирање. Редакцијата на Гласник разговараше со Дојчиновски на оваа тема, во очи на донесувањето на измените на Законот за високо образование.
Гласник: Проблематичните измени на Законот за високо образование беа поводот за студентските протести и окупации на факултетите. Освен што си член на СП, исто така си дел и од работната група која го пишуваше делот за студентите за предлот Законот за високо образование. Очигледно дека постојниов закон со измените од 2011 година не го испорачува потребниот волумен на права, обврски и слободи на академската заедница и студентите. Неодамна во јавноста излезе информација дека паралелно се подготвуваат предлог закони од други инстанци. Што ќе се случи доколку вашиот дел од предлог законот не биде земен предвид, односно игнориран на сметка на другите?
СД: Презентирањето на атмосферата и околностите во кои се одвиваше процесот е исклучително важно, бидејќи предлозите на СП и Професорскиот Пленум (ПП) за новиот ЗВО преку кои тие ги поставуваат барањата во сега новоформираната работна група од Министерството за образование и наука (МОН) кореспондираат со овој концепт кој произлезе од работната група на УКИМ. Имено, ние имаме ставови по сите останати прашања, покрај оние кои исклучиво се однесуваат на студентите и студентското организирање, а кои се клучни за високото образование ( автономија, квалитет, финансирање…) кои пак се застапени во концептот од УКИМ и во најголем дел кореспондираат со предлозите кои ги дава ПП.
Работната група формирана од МОН е создадена од претставници од сите засегнати страни ( претставници од останатите универзитетити..) и има за цел, да изготви предлог закон за високото образование. Претпоставката е дека оваа работна група се заснова на принципите на инклузивност и делиберација, така што предлозите кои ги застапуваме аргументирано ќе ги браниме низ расправите кои ќе следат. Она што можам веднаш да го забележам од првичните средби е дека, постои консензус околу проблемите кои го мачат високото образование, но ќе видиме колку таквата атмосфера ќе се задржи и при понудата од учесниците за нивно решавање.
Она што во јавноста се лиферуваа информации дека постојат повеќе предлози за тоа како треба да изгледа ЗВО е прашање кое не треба да не’ вознемирува се’ додека дискусијата во работната група се држи отворена и транспарентна и на таквите предлози им е овозможен мегдан пред очите на јавноста. Доколку алудирате конкретно на мој став по предлогот кој неодамна го извади ректоратот на УКИМ vis a vis предлогот на СП ( и претпоставувам ПП ), сметам дека е само обид од изнемоштениот менаџмент на универзитетот, да се ревоспостави како фактор и да го поврати изгубеното место кое го заземаа претставниците кои се субјективизираа низ борбите. Што се однесува до нашиот предлог, кој несомнено претставува одржливо решение посебно за студентското организирање и обезбедува права и заштити за студентите, го отворивме за критика и постојано за него се дискутира на сите универзитети. Доколку вака квалификуван биде отфрлен за сметка на други предлози и сето тоа се одвива во манир на предходната владејачка гарнитура повторно ќе бидат ставени во игра сите форми на отпор и искажување револт кон таквото однесување.
Гласник: До кој обем ги имате опфатено проблемите на студентите во овој предлог закон? Дали воопшто се земени предвид проблемите со кои се соочуваат студентите како нискиот стандард, тешкотиите при апликација и добивање на легла по студентските домови, партизацијата на тие тела, па дури и студентите како прекарни работници?
СД: Овие прашања се исклучително важни во погледот на она што претставува статусот Студент во денешните услови на нашето општество, меѓутоа сите овие прашања се регулирани со Законот за студентски стандард, а работната група во МОН е формирана со мандат да изготви предлог Закон за високото образование. Иницијатива за негова промена постои, меѓутоа главниот деманд, главното барање мора да дојде, како што можам да видам, повторно од основата, од самите студенти особено оние кои најмногу се тангирани од ова прашање, односно оние кои престојуваат во студентските домови.
Гласник: За време на т.н. окупација која се случи на факултетите, особено првоослободениот, Филозофски факултет, скандирањата на студентите се поврзуваа со идејата за Автономија на Универзитетот. Автономијата била во минатите децении парче по парче редуцирана, моќта концентрирана во различни домени, пред се’ во врвот на универзитетот, имено Ректорот, а потем и владата, министрите и.т.н. Како вие ја дефинирате во вашиот предлог закон Автономијата и академските слободи? Што значат поимите слобода и автономија за еден студент?
СД: Универзитетот мора да опонира до последниот атом на својата сила на државата, економската и медиумската моќ, на идеологијата и религијата во име на правдата и вистината. Тоа е безмалку невозможно барање упатено кон него, мора да признаеме. Но, самата можност на универзитетот е базирана токму на ова невозможно дистанцирање од моќта. Ова е таа невозможност која го прави универзитетот можен, тоа добро Дерида го брани низ неговите излагања по повод академското образование.
Во тој контекст, дополнително, Автономијата фундира на нејзиниот првобитен грев, и во таа смисла таа содржи пукнатина, процеп во самата себе како концепт. Таа никогаш не може да се затвори како целост и на некој начин е инхерентно антагонистичка, отворена во постојана борба. Академската заедница мора да стане свесна за конститутивната празнина на автономијата и да ја реобновува и ревоспоставува при секој можен пробив на власта, но и кон внатре да ја реосвојува и надградува како сопствен reason d’etre, при што ќе и придава нови значења, цел и дестинација. Ваквото сфаќање на автономија отвара можност за самопоставување на нови обврски во академската заедница, кои можеби нема да бидат чисто академски, туку пред се’ како мислечка заедница ќе се трансформира пред нападите на нео-либерализмот, кој според мене во денешни услови се поставува како најголем нејзин противник и со својата нормативна сила стреми по секоја цена да ја економизира, да ја направи пресметлива…
Поради тоа е исклучително важно во новиот закон, што е и наш предлог во тој дел, да се релаксира централизираниот модел на управување со универзитетот, овој кој денес егзистира од класичен менаџерски тип, и да се демократизира одвнатре, како би се обезбедиле нужните осигурачи и претпоставки на внатрешниот систем, за да се спречи негова узурпација од страна на ректорите, на кои овој закон им овозможува создавање на свои пашалаци и неограничени можности преку таквата концентрација на моќта да ја редуцираат автономијата. (најверојатно кога од нив тоа ќе биде побарано)
Секогаш постои можност она што е репресирано во академската заедница (како првобитен грев) да возврати и тоа најчесто се случува кога темелите на автономијата се разнишани, системот од внатре не успева да одржи кохеренција околу пиларите преку кои оди нејзината одбрана, механизмите за спречување се тотално блокирани од центарот во кој е концентрирана моќта (иако формално стојат на располагање)и таа почнува да се распродава кон надвор. Тоа се тие, според мене опасни ситуации, при кои што секој професор се впушта во уживањето да си придава себе си значење на носител на автономијата, но не во смисла на повнатрешнување на идејата, туку на аликвотен дел од неа, па со неа нормално си располага на “ тржиштето” …
Поради ваквите состојби кои можеби се и пролонгирана стварност , сметам дека автономијата не е возможна без сериозна интервенција во устројството на универзитетот, негово втемелување на демократски (не менаџерски) основи за да обезбеди академска заедница со капацитет да работи во полн погон за остварување на автономијата.
Гласник: Каков е твојот/вашиот став за бесплатното високо образование? Колку Универзитетот во вашиот предлог закон задржува од потенцијалот да стане високо образовна институција, која ќе обезбеди бесплатно високо образование?
СД: Прашањето на бесплатно високо образование е проблематизирање на високото образование како јавно добро, а на универзитетот како институција која припаѓа на политичкото, на јавното користење на разумот. Веднаш во вака поставен контекст излегува на виделина приватниот универзитет, кој се јавува како симптом и преку чија анализа треба да се постави дијагнозата. Како може да е бесплатно образованието, а да постојат приватни универзитети кои се профитно ориентирани, добро тогаш има ли разлика помеѓу јавните и приватните универзитети, која е целта да постојат приватни универзитети… и цела низа прашања која се судира со доминантниот политички принцип.
Во тој неизбежен судир со нео-либералната политичка рационалност воочливо е дека, високообразовните институции се ремоделирани и загубиле од својата орегинерна битност и се препуштаат на логиката на компетитивниот капитализам. Во таа смисла универзитетите се козервирани во таа логика и се пазарно ориентирани, па приватните универзитети во развиените земји преку своите вртоглави школарини нудат експресно лансирање на пазарот на труд по стекнување со дипломата и соодветна исплатливост на првичната инвестиција. Во оваа рашимонијада на пресметливоста државата стреми да го потисне проблемот па креира политики на некаква си божемна достапност на високото образование со сведување на трошоците за студентот на минимум. Токму во оваа дарежловост на државата е суштината на приказната и се наоѓа изворот на нејзиниот порив да го држи на овој начин отворено (безмалку затворено) прашањето за бесплатно образование. Достапноста другари е сведена на достапност на ништото, на курс, на обука, на сега многу популарните практични вештини, кои без сомнеж ќе ти помогнат полесно да се продадеш на пазарот.
Кај нас, бидејќи задржуваме ниво на некоја рудиментирана форма на капиталистичко општество во кое се препознатливи се’ уште ‘сталешките привилегии’, логиката на приватните универзитети е дополнително первертирана, па тие се воспоставени како канали преку кои легално може да се инвестира во парчето хартија за да се легитимира предходно гарантираното место, а ако бидеме искрени не можеме да говориме за високи трошоци за високо образование на држваните универзитети…
Секако тука нема простор да се оди во повеќе детали и да се опфатат сите аспекти на проблемот, но она што е важно според мене е тој правилно да се постави. И секако дека сум за бесплатно високо образование, но сметам дека поставувањето на тоа прашање мора да биде отворено во неговиот вистински потенцијал,(во да речам некаква перспектива на надеж..)кој го поставува хоризонтот за ревоспоставување на “универзитетот на слободата”…
Новиот закон всушност треба да го втемели високото образование на стабилни основи и мислам дека негова најголема грижа треба да биде јакнење по фундаменталните линии, да постави стабилни и одржливи правила во однос на правата и обврските на високообразовните инстиуции, бидејќи денес за такво нешто не можеме да говориме, зашто самиот систем е колабиран и функционира во еден заматен домен на полуисчезната институција. Мое мислење е дека, ваквата навидум умерена реформа ќе предизвика огромни поместувања и ќе претставува момент, ќе креира позиција, од која појасно ќе бидат видени работите и само одтаму може да зборуваме за можноста за поставување на прашањето за бесплатно високо образование..
Гласник: Често во јавнота причината за намалувањето на квалитетот на образованието се поврзува со Болоњската Декларација. Студентите често зборуваат за „пазарење на оценката“, односно две семинарски и една презентација го едначат со прелазна 6-ка или 7-ка. Кои се перспективите околу оваа област? Ќе има интервенции во овој дел? Колку имате посветено внимание на делот околу квалитетот на образованието?
СД: Ние припаѓаме на Европскиот образовен простор и секако дека ќе ги следиме европските стандарди, но тоа не значи нужно прифаќање на Болоњската декларација безусловно, што и го прави овој предлог концепт, но задржува на ЕКТС системот кој примарно ја обезбедува размената на студенти, што е придобивка од декларацијата. Сега тоа важи и за европскиот пазар на труд што е експлицитно наведено во декларацијата, меѓутоа ние сме доведени во ситуација на борба за минимум пристојни стандарди за мерење на квалитет и обезбедување услови за одржливи високообразовни институции. Радикален пробив преку законско решение е можен, но само како мртво слово на хартија. Создавањето на неопходните претпоставки за целосна промена се прашање на историја на борби и негување на автономијата и академските слободи и ова законско решение по мене е нормализација на ситуацијата и наговестување на можноста за создавање вистинска критичка академска заедница, која ќе умее да го проблематизира своето место во рамки на системот и да го предизвика постоечкиот пазарен консензус.
Универзитетот мора да ја обезбеди за себе позицијата на моќ во општеството за да може да ја даде потребната критика, за да може да ја интернализира формативната улога. Во таа смисла клучен момент во новото законско решение се финансиите кои треба да го оттргнат универзитетот од субординираната положба во која се наоѓа и гарантирањето автономија како можност за пресоздавање на сопствениот простор за внатрешна делиберација. Единствено во таква позиција, тој е способен да понуди квалитет, кој ќе оди и отаде надворешната евалуација…