Соопштение за печат: Трибина по повод заостанувањето на Македонија во борбата против пластичното ѓубре

Денес, 5 јули, со почеток во 19:30 часот, во Социјалниот центар „Дуња“ ќе се одржи трибина, организирана од Иницијативата за забрана на пластични кеси, под наслов: „ЕУ ја забранува пластиката, а ние?“

Има два поводи за организирањето на трибината. Првиот повод е стапувањето во сила во Европската Унија на забраната за пуштање во промет на 10 видови производи од еднократна пластика. Ова се случи на 3 јули и претставува важен чекор во борбата против создавањето енормни количини пластично ѓубре што го трујат живиот свет, вклучително загрозувајќи го и здравјето на луѓето.

Вториот повод е огромното заостанување во борбата против пластичното ѓубре на нашата земја, чии политичари не пропуштаат да кажуваат дека Македонија се стреми кон членство во Европската Унија, иако енормно заостанува на планот на еколошките стандарди што таа ги спроведува. Во Македонија целата борба против еднократната пластика е сведена на адресирањето на проблемот со пластичните кеси, а и тоа се прави толку килаво што:

1) Досегашните „забрани“ на пластичните кеси доведоа до двојно зголемување на производството на пластични кеси во периодот од донесувањето на првата „забрана“ во 2008 година (од 2.779 тони во 2008 на 5.333 тони во 2019 година).

2) Новата забрана на пластичните кеси стои заглавена во институционалните лавиринти повеќе од година и половина. Имено, на прес-конференција во декември 2019 година министерот за животна средина Насер Нуредини кажа дека од 1 јануари 2021 година, со новиот Закон за управување со пакување и отпад од пакување, ќе се забранат пластичните кеси за пазарување и во промет ќе се пуштаат само биоразградливи кеси. Неспособноста да се донесе овој закон повеќе од година и половина јасно ја покажува незаинтересираноста на институциите и на политичарите во нив да се обрне дури и минорно внимание на заштитата на животната средина. И тоа во контекст на застрашувачката климатска криза!

Повеќе за настанот, можете да прочитате на нашата веб страница, на следниот линк.

Социјалниот центар „Дуња“ се наоѓа на улица „Рајко Жинзифов“, број 22 во Скопје, позади автобуската постојка спроти Архитектонскиот факултет. Настанот ќе биде организиран со почитување на важечките протоколи поврзани со пандемијата на ковид-19.

Иницијатива за забрана на пластични кеси

[email protected]