„Солидарна кујна“ во Битола како аларм за трагичната ситуација со сиромаштијата во Македонија

БИТОЛА, 30.11.2017 – Во Битола од јануари 2017 година е формиран автономен колектив „Солидарна кујна“, којшто има за цел заедничко готвење на храна на јавен простор, за да им се подели на оние, коишто се најсиромашни. Оваа иницијатива нема формален организатор, туку функционира брз база на меѓусебна координација водена од идејата за егалитарен свет базиран на солидарност и поддршка.

Секоја недела кај Саат – кулата во Битола, во временскиот период од 13часот до 16часот, членовите на „Солидарна кујна“ заедно готват, а на ручек додаѓаат луѓе коишто немаат да си обезбедат храна, најчесто роми. Дел од членовите на колективот работат со ромските деца кои доаѓаат на цртање, боење и учење на азбуката.

 

 

 

 

 

„Солидарна кујна“ не сака да се претставува како хуманитарна организација која само дели храна како милостина, туку од принципот на рамноправност и солидарност. Многу често луѓето што доаѓаат да јадат помагаат во готвењето, така што хиерархиските елементи се тргаат на страна и целиот настан преминува во дружба и меѓусебно запознавање. Нивните маки и радости се споделени со колективот, за потоа да има препознавање на привилегиите на самите членови од иницијативата.

Начинот на кој „Солидарна кујна“ ги донесува одлуките е по пат на консензус или по линија на  директна демократија т.н. „еден човек – еден глас“. Во колективот готват сите, без разлика на препишаните традиционални улоги. Иницијативата се самофинансира или прима анонимни донации.  Се стремат целосно својот извор на храна да го земаат од храната што се фрла по пазарите и рестораните. Оттаму истакнуваат дека не соработуваат со политички партии, невладини организации, фондации и слично.

Ако е точен податокот дека во Македонија се фрла 80.000 тони храна годишно, а 100.000 граѓани живеат во апсолутна сиромаштија, очигледно е дека треба подобра општествена организација и (ре)дистрибуцијата на производите. Овој проблем не може да се реши преку ноќ, но оваа иницијатива е еден (симболичен) чекор напред и аларм за трагичната ситуација во која се наоѓа сиромашниот народ во Македонија.

Текст: Ѓорѓи Пулевски

Фотографии: Сенада Ибраимова

|2020-05-22T14:09:22+00:0030 ноември 2017|Актуелно, Вести, Економија|