СКОПЈЕ, 23.05.2018 – Деновиве се руши зградата на поранешната Стоковна куќа БЕКО (Београдска конфекција), а денешен хотел ТЦЦ Плаза. Во медиумите излезе реакција од авторката на првичната архитектура на оваа зграда, Мимоза Томиќ Несторова. „Богати финансиски моќници си дозволуваат луксуз на рушење… Скапо не’ чини немањето слух за почитување на претходните вредности. Сето тоа е историја на еден град“, вели таа во својата реакција.
Претходната влада го започна менувањето на изгледот на градот со проектот „Скопје 2014“ , а сегашната продолжува со непланско градење и дозволува понатамошно менување и обезличување на поважни историски места како што е некогашната Стоковна куќа Беко, Бит пазар, Кале (со најава за градење на тунел под него) и други места во и околу централното подрачје.
Здрадата на поранешното култно Беко е во приватна сопственост, а дозвола за рушење е издадена од Општина Центар со изговор дека има проблеми во конструкцијата. На таа површина е предвидена поголема површина за градење, односно 12.824 м2 за градба од шест ката, со приземје и мезанин, а намената е за комерцијални деловни објекти.
Архитектката Несторова којашто е автор на поранешната Стоковна куќа Беко револтирана од она што се случува со нејзиното дело за порталот Марх вели:
Читам деновиве дека во Америка, Германија се рушат објекти за да се градат нови. Па ете и ние го следиме трендот?? Но, големо прашање на една земја (поготово Македонија која нема висок стандард) е: – Колку чини рушењето на една наследена, солидно градена, адаптабилна конструкција како основно средство, која може да се искористи креативно?
Несторова пренесува дека претходните купци на зградата го испочитувале правилото и стручно се консултирале со нејзе за евентуални измени, но сега вели таа, „иако не ги знам следните купци, нивна обврска е да бараат дозвола за преправки во авторски архитектонски проект, а секако и дозвола за рушење.“
Таа исто така нагласува дека немањето слух за почитувањето на историјата на градот, скапо ќе не’ чини.
Богати финансиски моќници си дозволуваат луксуз на рушење, а воопшто патриотски не делува деструктивниот став кој ни стана начин на размислување. Исплатливоста на рушење на ваков габарит како овој објект, веројатно е утростручување на површината и габаритот. Тоа е навистина непознато. Но каде ова води? Каков град сакаме?
Скапо не чини немањето слух за почитување на претходните вредности. Сето тоа е историја на еден град. Цивилизациски е да ги почитуваме, сочуваме и да ги негуваме наследените вредности на градот.
Инаку, поранешната Стоковна куќа Беко, односно Београдска конфекција, била една од трите најпопуларни стоковни куќи (Центротекстил-денес во сопственост на групација Zepter и Стоковна куќа Скопје-НАМА) од поранешниот систем. Беко важела за фирма со одлична репутација поради квалитетот и изборот на производите. Во подрумот биле изложени производи за домаќинството, па таму можело да се купи се’ за домот, вклучувајќи бела техника, ТВ и аудио опрема, кујнски предмети… Имало неколку оддели, меѓунив оддел за деца, долен веш, козметика, оддел за рачна изработка, кадешто имало понуда на волница за плетење, конец за везење, гоблени и хеклање.
Во тоа време ниту една друга продавница во Скопје не работела во недела. Работното време во трговијата завршувало во сабота најдоцна до 13 или 14 часот.
Уште четири стоковни куќи беа лоцирани близу до центарот на градот, но на левиот брег на Вардар: „Илинден“, која концепциски и според дизајнот беше најслична на главната „Стоковна“, па „26 јули“, сместена на главната улица пред Бит пазар, „8 март“, на влезот во Старата чаршија од кај „Илинден“, и „Мост“, сместена на влезот во чаршијата од кај Даут Пашин Амам.
Во Скопје одамна не се почитува историското наследство на градот па властите си дозволуваат да приватизираат и продаваат објекти, кои подоцна или биват рушени, или обезличувани. Ова само укажува на тоа дека народот, односно работниците не се учесници во обликувањето на градот и одлучувањето за урбаната средина, односно во овој неолиберален капиталистички систем тие немаат право на град. Покрај зградата на некогашната Стоковна куќа БЕКО, таков е случајот и со Бит пазар, кој со новите планови на властите за изградба на зграда во облик на трговски центар, паркинзи, такси станица, зграда за деловен простор и слично, го негираат работникот, до мера на дислоцирање, со цел остваурање на профит за елитата. Со сите овие габаритни градби ќе се наруши автентичноста на пазарот, а со тоа и на самата Скопска чаршија која е поврзана со овој пазар. Слично нешто го очекува и Скопско Кале, кадешто според најавите на градоначалникот Петре Шилегов се планира да се гради тунел под самото кале.
Авторка: Сенада Ибраимова