СКОПЈЕ, 23.08.2018 – Аргументите на еколошките здруженија и нивните средби со владата не вродија со плод. Вчера на прес конференција владата информираше дека магистралната гасоводна цевка Скопје – Тетово – Гостивар која, поминува преку планината Водно сепак ќе се гради, само што ќе биде малку изменет планот.
„Опфатот на интервенции врз дрвната маса се намалува од 3.000 кубни метри на 1.400 кубни метри. Со предлогот исто така трасата се намалува од 25 на 10 метри ширина и се избегнуваат деловите каде има густа дрвна маса и богат растителен свет. Со ова жртвуваме 0,07 отсто од шумата на Водно…“, изјави министер за транспорт, Горан Сугаревски.
На прес конференцијата, Директорот на Македонски енергетски ресурси (МЕР) Бајрам Реџепи, фаталистички изјави дека одлагањето или видното менување на трасата ќе ја чини Македонија многу, како финансиски така и временски.
„Со тоа во неповрат одат 20 милиони евра и она што е досега изградено“, рече Реџепи.
На истиот настан, заменик министерот за екологија, Јани Макрадули, ја аргуементираше децидната и недемократска постапка како нужна, се’ со цел да се намалат PM10 честичките.
„Доколку ништо не промениме во Скопје за 31 отсто ќе се зголеми емитувањето на ПМ10 честитки, ако се преземе нешто над 70 отсто ќе се намали емитувањето на овие честички“, потенцираше Макрадули.
И за крај, слично како на средбата со Заев и активистите против рудниците од Струмица, на прес конференцијата вчера изјавија дека сите промени што се направени на трасата на гасоводот на Водно се направени во соработка со граѓанскиот сектор, но тоа е контрадикторно со ставот на активистите од „Го сакам Водно“ кои во секоја прилика истакнуваа дека не се против гасоводот, туку се против тој гасовод да поминува низ Водно, следствено на тоа – претставниците од владата излажаа.
Но,овој политички волунтаризам од редовите на СДСМ-ДУИ, нема да остане премолчен. Голем број на организации и поединци решени се на радикални чекори само за да го спасат Водно. Ако објавените бројни нерегуларности во постапката не беа доволни владата да донесе одлука побарана од граѓаните, протестите, јавните патроли и живиот штит на Водно, се чекори кои следат во многу блиска иднина.