Утре, во кафе-барот Концепт 37, со почеток во 19:00 часот, Здружението за пенална и постпенална помош на осудени лица и социјална адаптација, реинтеграција и рехабилитација на ранливи групи ПРОСОЦИЈАЛ од Скопје организира дискусија за теми кои се однесуваат на пеналната политика и на начинот на функционирање на затворите.
Тие, како повод на ова дискусија и дружба ја користат реализацијата на нивната идеја за донација на книги за КПД Идризово и КПУ Затвор Скопје.
„Собравме околу 500 книги со најразлични теми, од неколку македонски издавачки куќи кои изразија желба да донираат книга – Топер, Или Или, Три, Култура и Ѓурѓа. Целта на проектот е да се збогати библиотечниот фонд на овие институции со цел осудените лица барем да имаат можност дел од своето време да го поминат со книги кои ќе им помогнат да се оттргнат од затвореничката монотонија.“ потенцираа во нивниот Фејсбук настан.
ПРОСОЦИЈАЛ е новоформирано здружение на граѓани создадено од ресоциолози кои работат во КПД Идризово, за да се олесни адаптацијата на осудените лица и на лицата од ранливите категории во современото општество.