Се’ повеќе локални граѓански иницијативи велат „НЕ“ за изградба на рудници

Во последно време се’ повеќе се формираат локални граѓански иницијативи и здруженија, коишто се борат против плановите да се градат рудници на сметка на уништување на животната средина и земјоделските обработливи подрачја. Како новата Влада ќе одговори на ваквите изблици на активна локална партиципативна демократија, воедно ќе биде и мерило за нејзината демократичност и транспарентност. Истовремено, ќе биде и индикатор за способноста на оваа нова влада, да излезе од кусогледото приоретизирање на (негарантиран) економски развој, за сметка на еколошките и социјалните последици.

“Спас за Козјачија” е најновата локална граѓанска иницијатива која се оформи во обид да ја спречи изградбата на рудници за експлоатација на благородни метали во општина Старо Нагоричане, Куманово.

Во атарите на селата Бајловце, Аљинце и Цвиланце, по течението на реката Петрошница, во општина Старо Нагоричане, во тек е изведбата на детални геолошки истражувања за металични минерални суровини – злато, сребро, бакар и молибден.
Експлоатација на рудата за овие т.н. благородни метали, претставува една од најголемите загадувачи на природата

“Mора да кажеме НЕ за рудниците на смртта, како нашите сограѓани од Гевгелија, Валандово, Богданци, Дојран и останатите општини од југоисточна Македонија. Приклучете ни’ се! Да ја зачуваме девственоста и чистотата на планината Козјак, бисерот на Куманово,” потенцираат од новата инцијатива.

Како и во случајот со рудникот „Казандол“, против кој веќе се дигнаа две иницијативи Спас за Валандово и Спас за Богданци, и овој рудник е проект нa украинско-англиското акционерско друштво „Сардич МЦ“. Помеѓу извршните директори на фирмата се појавува Ацо Спасеноски, кој во периодот меѓу 2006-2009 беше Министер за Земјоделство во Владата на Груевски.

На oваа нова иницијатива веќе отворена поддршка и изрази иницијативата од Струмица “Здрава Котлина”, која се бори против изградба на рудникот „Иловица“, во близина на Струмица.

На новата фејсбук страна на “Спас за Козјачија”, како еден од повеќето ризици од изградбата на рудник, се посочувa загадувањето но, и опасноста од други трајни последици.

“Евентуална хаварија може да предизвика зголемување на бројот на сериозни заболувања на луѓето и домашните животни во околината на општините Старо Нагоричане, Куманово, Кратово, Скопје, Крива Паланка и сите останати поблиски населени места”, велат од „Спас за Козјачија“.

„Доколку концесијата за експлоатација на руда биде одобрена, по течението на реката Петрошница ќе се отвори огромен рудник за злато и бакар. Таквиот тип на индуструја спаѓа во Г1 тешка и загадувачка индустрија. Рудникот ќе биде со отворен коп, а рудата ќе се обработува со т.н процес на „лужење“. Тоа значи дека тони и тони експлозив секојдневно ќе се активираат врз почвата во Бајловце, што ќе резултира со ширење на опасна прашина во атмосферата, која ветерот ќе ја носи во нашите домови“, истакнуваат од „Спас за Козјачија“

Aктивистите ги посочуваат негативните примери од регионот, како тој од романскиот град Баја Маре, каде што постоел рудник од ист тип, кој во 2000 -та година како последица на пукање на брана, 70 тони токсичен цијанид и тешки метали истекле во реките Тиса и Дунав и комплетно го уништиле живиот свет. Подвлекуваат и дека, тоа претставувало најголемата еколошка катастрофа во современа Европа после Чернобил. Меѓу другото, истакнуваат дека постои голем ризик јаловината која што, низ годините ќе се насобере, да истече и да се излее во Петрошница и Пчиња, пренесувајќи ги отровите преку Вардар долж цела Македонија па се до вливот во Солунскиот Залив.

Големиот број на рудници кои се или вo процес на изградба, или пак се во најава, се резултат на економската политика на претходната Влада, која имаше за цел природните ресурси, да ги претвори од јавна во приватна сопственост на надворешен капитал. Од 2012 година, кога Владата на Груевски донесе нов закон за зголемување на инвестициите во рударскиот сектор, доделени се најмалку 80 концесии. Според новата регулатива, беа скратени и поедноставени процедурите за добивање рударски дозволи и концесии. Што е уште поважно, со промените осигурано е скоро автоматско претворање на концесијата за експлорација (детално истражување) во концесија за експлоатација (за ископување на метали), која е последната пречка за започнување на екстракцијата.

На обележаниот дел со црвено може да се види во кои оштини се планира да се градат рудници, доколку граѓаните не кажат „НЕ“.

Концесионерите против кои почнаа локални иницијативи држат концесии за кои плаќаат само околу 50.000 евра годишно, што е меѓу најниските во светот. Покрај последиците врз животната средина, ваквиот обид за развој на рударската индустрија е штетен и од економски аспект. Секој од планираните рудници би го загрозил потенцијалот за алтернативни поодржливи и поисплатливи економски модели. Па така, во Дојран би се уништил потенцијалот за развој на летен туризам, во Кожуф за развој на зимски туризам, a во југоисточна Македонија потенцијалот за органско земјоделство.

Концесијата за детални истражувања во Старо Нагоричане истекува кон крајот на оваа година. Целта на иницијативата ќе биде да се спречи доделување на концесија за експлоатација, a со тоа и да се превенира изградбата на рудникот.  Досега, локалните референдуми беа користени како инструмент за искажување граѓански револт поради степенот на нивно исклучување од досегашниот процес на одлучување, но и како инструмент за блокирање на работата на рудниците.

Бранот на активен локален отпор започна во Гевгелија, каде на локалниот референдум на 23. април, 98% од населението гласаше против изградба на рудници на Кожуф. Успешен референдум беше одржан и во Богданци на 11. јуни, а во Дојран ќе се одржи на 23. Јули, додека пак во Валандово референдум ќе се одржи на 20. август.

Како новата Влада ќе одговори на ваквите изблици на активна локална партиципативна демократија, воедно ќе биде и мерило за нејзината демократичност и транспарентност. Истовремено, ќе биде и индикатор за способноста на новата Влада да излезе од кусогледото приоретизирање на (негарантиран) економски развој, за сметка на еколошките и социјалните последици. Исто така, ќе претставува начин за изнаоѓање на решенија кои внимателно ќе ги разгледуваат ризиците и предностите на сите проекти, од различни аспекти, a одлуките би се носеле по пат на консултација на граѓаните и граѓанските иницијативи и здруженија.

Авторка: Сенада Ибраимова

|2020-05-22T07:43:01+00:0017 јули 2017|Актуелно, Вести|