Самоуништувањeто на другите – идеолошка differentia specifica

Лево – десничарските ксенфоби, панично повторувајќи ги етноцентричните фрази, го доведуваат и бистрит ум и дух во матна и бледа сенка на себе која свиткана пред метастазираниот капиталистички светоглед, станува метаморфоза на суштината, идејата за човечко суштетсво, хибрид кој под притисок се пали, без притисок се гасне. По потреба. Нешто како условениот рефлекс кај животните. Како роботизирано зомби.

Исклучоците, и општествени и индивидуални изблици некаде „таму“ се земаат како пример дека „таму“ нешто не е во ред. На ова „тука“ треба сите да се угледаат, да нѐ земат за пример, бидејќи тоа и сме – најпаметни, најстари, први. Парадоксалност поставена како вообичаеност, па така вообичаеноста станува парадокс. Априори контрадикторност која е востановена како најлогичен каузалитет. Налик – „Прво се скрши, а потоа падна.“ Вината за себеуништувањето барајќи ја во Сартровиот пекол – другите, секогаш рефлектира со толку силен блесок, што никој до сега не го издржал тоа на нозе. Клекнува, во лелек се препелка потоа. Себеперцепцијата и себеспознанието се стара филозофска тешкотија. Генерална, но и индивидуална. Уништувачкиот комплекс на хибридите од луѓе само чека погоден момент да се воздигне над човековото, над есенцијата да се биде човек, па да го покаже својот хидролик деградирачки потенцијал, распрснувачката нуклерна енергија од која и самите тие ќе настрадаат. Но, не е тоа толку важно – поважно е другите да ги снема. Не е проблем себежртвувањето. Само целите се незнајни. И за нив самите.

Освен, ако перцепцијата ја ставиме низ призмата на капиталистичкиот дискурс на владеење со масовната свест, кој под превезот на уништување на нација, јазик, религија, ја шокира матрицата, бидејќи инпутите се премногу за да успее со таа конфигурација да ги обработи, па преминува на читање и интерпретација на само едноставни и добро познати програми, поминати и повторени којзне колку пати. Дури во ситуацијава и антивирусот си има свој вирус – Сакајќи да ја спаси свеста која тоне во жива кал, сугерира дека за нејзино добро е онака, бледо – весело да си потсвирнува и потпевнува сѐ до самиот крај. – Сцената од Терминатор 2 кога Арнолд се самоуништува покажувајќи „лајк“.

Повторно поставени разумно спротивни каузални односи – за егзистенција на афтотрофните, потребни се хетеротрофните. Дури ни реторичката слабост во обидот за маркетингшки пермутации не се гледа со потсмев – напротив со воскликнувачки восхит.

Димитар Даскалов

|2021-08-28T08:59:56+00:0028 август 2021|Актуелно, Став|