ВАЛАНДОВО, 06. 11. 2017 – Иницијативата за „Спас на Валандово“ објави фотографии на кои се гледа дека рудникот „Казандол“ продолжува да се гради. Тие алармираат за штетноста на материјалот којшто се користи при одвојувањето на рудата и металот. Се чека од локалните власти да дејствуваат согласно законите и дадените ветувања пред локалните избори.
Откако пропадна референдумот во Валандово за рударскиот комплекс „Казандол“, поради неисполнување на цензусот, инвеститорите продолжија со изградбата. Активистите од иницијативата за „Спас на Валандово“ на нивната страница на фејсбук објавија фотографии, а до Гласник испратија видеа на кои може да се види изградбата и започнатиот ископ на руда.
Од иницијативата истакнуваат дека веќе се ставени геo-мембраните коишто би требало да ја заштитат почвата.
„Почитувани, изградбата на Рударскиот комплекс Казандол се’ уште е во тек. Оваа црна фолија е фамозната гео-мембрана од финско потекло која инвеститорот и институциите нè убедуваа дека ќе ја заштити почвата и подземните води од загадување со сулфурна киселина. Погледнете ги фотографиите и проценете колку е ова безбедно. Појавени огромни процепи насекаде во езерото обележани со црвени кругови уште во фаза на изградба. Се прашуваме како ова го нема констатирано Државен инспекторат за животна средина во неодамнешната инспекција?“, потенцираа на официјалната фејсбук страница од иницијативата.
Редакцијата на Гласник го контактираше новоизбраниот градоначалник на Валандово, Перо Костадинов во врска со прашањето. до каде е процедурата за негативното мислење за рудникот, преку кое може да дојде до стопирањето на изградбата на рудникот. Тоа впрочем беше и едно од главните ветувања на предизборните избори како кандидат.
Според законот за металични и минерални суровини, општината има должност да даде мислење. Претходниот градоначалник и советот на општина Валандово дадоа позитивно мислење за изградба на рудникот. Сега, по локалните избори се очекува од новиот градоначалник и совет на општина Валандово да дадат негативно мислење за рудникот, а рокот според потпишаната платформа е 15 ноември.
„Јас сум бил дел од иницијативата за Спас на Валандово и се’ уште ќе продолжам да ги поддржувам иницијативите, коишто се борат против оваа појава во нашава држава. Во моментов ја прегледуваме целосната документација и за брзо ќе треба да излеземе со став“, изјави за Гласник градоначалникот на Валандово.
Каков е процесот на лужење на металот од рудата?
Со изразот „лужење“ се дефинира начинот на одвојување на металот, како бакарот или златото од рудата. За одвојување на бакарот од рудата најчесто се користи сулфурна киселина, додека пак за одвојување на злато се користи цијанидот којшто е многу поопасен.
Според студијата, којашто е направена од страна на инвеститорите, во Казандол ќе се употребува само сулфурната киселина со која може да се лужи само бакар. Парадоксално е тоа што концесијата е дадена за ископ на злато, сребро и бакар.
Сулфурната киселина, во отворениот коп се става врз куповите руда со оросување преку распрскувачи или со црева по принципот капка по капка. Со самото оросување на рудата за сулфурната киселина се врзува бакарот и настанува соединение CUSO4. Тоа соединение оди во огромни „езера“ од кадешто преку цевки се носи до фабриката каде со процес на електролиза се вади бакарот од сулфурот.
На крај бакарот се продава, додека киселината која останува се користи за повторно прскање на ридовите. Овој начин е лесен и евтин, меѓутоа како што пренесуваат од иницјативата, со големи последици.
Автор: Мариглен Демири
Фотографии и видео: Ѓорѓи Пулевски