ТУРЦИЈА/Амасра, 08.10.2018 – Работници од рудникот во Амасра, Турција веќе четири дена протестираат на местото на рудникот, а двајца од нив протестираат качени на 65 метарска кула. Револтот на работниците е поради тоа што компанијата Хатат Холдинг пред околу две недели избрка 209 работници од работа без да им ги исплати плата и оштета.
Протестот во име на 209те работници го започнаа Сердар Арслан и Вулент Челик. Тие се качија на 65 метарската кула и оттаму порачуваат дека се’ додека не им се исполнат правата кои ги следуваат нема да го прекинат протестот.
Протестот го започнаа пред 4 дена, а останатите работници им се придружија на местото на рудникот.
„Не ни’ се исплатени плати за два месеци, не ни’ е исплатена и оштета, бараме да ни’ се плати тоа. Два месеци сме жртви и затоа протестираме“, вели еден од работниците.
Освен што протестираат, тие битката ја започнале и институционално преку министерството.
„Ќе стоиме исправено се’ додека не ни’ се исплати и последниот круш кој не’ следува и е наше право. Овде сме се’ додека не си го земеме правото од овој човек. Не само поради нас, тука сме и поради другарите кои се’ уште работат внатре, и на нив да им се плати. Овие душмани на трудот до сега ни’ ги земаа правата, но тоа веќе нема да се случи, дојде нож до коска“, порача Сердар Аслан од кулата.
Оваа приватна компанија која има повеќе фирми започна со отпуштање на работници уште од месец мај. Досега се отпуштени околу 1000 работници од повеќе фирми, меѓу кои и последните 209 отпуштени од приватниот рудник.