Револуционерниот дух на Ленин и денешниот историски момент

Не сум приврзаник на Ленин. Далеку од тоа. Тој бил исклучитeлно нетолерантен, барал слепа послушност, бил подготвен да го прогласи за класен непријател секој оној комунист/социјалист/анархист што поинаку размислувал од него. Неговото практикување на власта по Октомвриската револуција ги воспоставило темелите на обезвластувањето на работничката класа (Brinton, 1970) и на диктатурата на партијата, што скапо ги чинеше и социјалистичката/комунистичката идеја и социјалистичката/комунистичката пракса. Покрај тоа, неговото сфаќање на социјализмот/комунизмот не досегало многу подалеку од онаа негово популарно дефинирање на комунизмот како „власт на советите плус електрификација“ (Lenin, 1920). А, сепак, има нешто кај него што во денешниот историски момент е исклучително важно, нешто што се превидува, дури и од неговите приврзаници и обожаватели, замавот на неговиот револуционерен дух, намирусувањето на револуционерната ситуација, осмелувањето да се оди по неизгазени патеки, а од што денешните антикапиталисти можат многу да научат.

Марксизмот како упатство за делување

Се разбира, марксизмот е многу повеќе од само упатство за делување. Но пристапот кон марксизмот како упатство за делување е најправилниот пристап кон марксизмот. Зашто, недоволно е светот само да се толкува, тој треба да се промени. Целиот оној длабок увид во капиталистичкото општество што го извршил Маркс немал за цел зголемување на општото знаење само по себе, туку радикална промена, за „да се срушат сите односи во кои човекот е понижено, поробено, беспомошно, презрено суштество“ (Маркс, 1843) и „на местото на старото буржоаско општество со неговите класи и класни спротивности [да стапи] здружувањето, во кое слободниот развиток на секој поединец е услов за слободниот развиток на сите“ (Маркс, Енгелс, 1848).

Во однос на пристапот кон учењето, Ленин далеку поправилно се поставил од многу други марксисти, од неговото време и денес. За него она што го напишале Маркс и Енгелс не било Библија, а тој не се гледал како проповедник на таа Библија. Ако нешто што го напишале овие втемелувачи на марксизмот ги попречувало напорите за антикапиталистичко делување, Ленин тоа го напуштал. Без да биде поради тоа помалку марксист, туку бидувајќи марксист токму зашто постапувал на тој начин. Нема да се согласам со доста од неговите ревизии на марксизмот, но во однос на пристапот кон учењето ќе кажам дека тоа бил единствениот правилен согласно критичкиот и телеолошки карактер на марксизмот.

А знаел Ленин да изненадува со своите анализи и промени на курсот. Во таквите прилики, кога она што станало догма во марксизмот му се испречувало на патот, тој милувал да се повикува на едно писмо од Енгелс каде тој пишува против третирањето на теоријата „на доктринарен и догматски начин, како нешто што мора да се научи на памет… како кредо, а не како упатство за делување“ (Engels, 1886). Ќе посочиме на една од повеќето важни прилики кога тоа се случило.

Веднаш кога Ленин се вратил во Русија по победата на револуцијата (Февруарската), ги изненадил своите сопартијци со инсистирањето дека треба да се напушти она што со години се агитирало и дека треба да се организира втора, пролетерска револуција. Тоа одело спротивно на еден од најважните постулати на ортодоксниот марксизам, околу тоа каде ќе се случат првите социјалистички револуции, имено, во развиените западноевропски земји, а не во Русија. Уште повеќе, со своите „Априлски тези“ (Lenin, 1917а) ја напуштил својата дотогашна концепција за „демократска диктатура на пролетаријатот и селанството“ и ја прифатил – иако тоа отворено не го истакнал – линијата на (дотогашниот политички противник) Троцки за перманентна револуција (North, 2001). Неговите приврзаници негодувале поради ова „троцкистичко свртување” на Ленин (Deutscher, 1977, 136 и 139) и коментирале дека „Илич премногу долго бил во странство, немал доволно време да разгледа и да се запознае со работите“ (Trotsky, 1930, Vol. I, Ch. 15). А Ленин вака ја објаснувал својата неортодоксност: „’Нашата теорија не е догма, туку упатство за делување’, секогаш кажувале Маркс и Енгелс, со право исмевајќи го празното меморирање и повторување на ‘формулите’, кои во најдобар случај можат само да ги означат нашите општи задачи, кои нужно се менливи од конкретните економски и политички услови на секој посебен период од историскиот процес“ (Lenin, 1917b).

Троцки во својот дневник запишал: „Ако јас не бев присутен во 1917 година во Петерсбург, Октомвриската револуција сепак ќе се случеше – под услов Ленин да беше присутен и да командуваше. Ако ниту Ленин ниту јас не бевме присутни во Петерсбург, нема да имаше Октомвриска револуција: раководството на Болшевичката партија ќе ја спречеше да се случи“ (North, 2001). Ова не е ниту преценување на сопствената улога од страна на Троцки, ниту преувеличување на важноста на Ленин за Октомвриската револуција. Откако во април ги шокирал своите сопартијци со инсистирањето за втора револуција, во периодот до ноември 1917 година Ленин морал со судни маки, до последно, да се бори во Болшевичката партија за да ги убеди и натера своите сопартијци да организираат нова револуција. Грамши со право ја поздравил како револуција против „Капиталот“ (Грамши, 1917). Таа била најдобрата примена на духот на марксизмот против словото на марксизмот. Словото на марксизмот, во тие моменти правоверно застапувано од Плеханов, едноставно не водело кон социјализам/комунизам.

Марксизмот како религија?

Енгелс го контрастирал разбирањето на теоријата како упатство за делување не со догмата, како што пренесувал Ленин во низа наврати, туку со нешто уште посеопфатно, со кредото (Marx, Engels, 1979, Band 36, 578). Кредото е верување, не само догматско верување. Проблематичното за Енгелс било третирањето на нивната теорија не само како догма, туку и како нешто во што се верува. И тоа е целосно во линија со претензиите на марксизмот да биде научен социјализам.

Доста марксисти себеси си дозволуваат да ги исмејуваат религиозните луѓе поради нивната верба во постоењето на Бог и при тоа, истите тие марксисти сопствениот марксизам го сведуваат на религија. Тие веруваат дека после капитализмот ќе дојде комунизам, веруваат дека Маркс, Енгелс, Ленин биле во право кога го кажале ова или она. За нив табу е, светогрдие, доведувањето во прашање на некој став на некој признат марксист или комунист, во кого веруваат. Која е разликата помеѓу третманот на светите списи од страна на еден верник и еден атеист кој вака постапува кон сопствената идеологија? Дали само вербата во натприродни битија ја прави религијата религија, или односот кон системот на вредности е она што го разликува нерелигиозниот од религиозниот пристап? Ќе го цитираме во овој контекст уште еднаш Енгелс, како ја критикува британската Социјалдемократска федерација, зашто „успеа да ја преобрази нашата теорија во ригидна догма на една ортодоксна секта“ (Engels, 1894).

Тони Клиф на едно место објаснува: „Традицијата игра голема улога во револуционерното движење – како позитивна така и негативна. Традицијата е нужна за револуционерната класа, како богат арсенал од кој може да се позајми оружје. Сепак, таа може да биде инхибирачки фактор: може да се изберат погрешните оружја“ (Cliff, 1976, Vol. 2, Ch. 7)

Традицијата и идеологијата можат да помогнат за правилно разбирање на сегашноста, за правилно делување во насока на нејзиното менување, како и во однос на одредувањето на целта на делувањето. Но, тие можат да бидат и тешко бреме, токму тие да го оневозможуваат правилното разбирање на сегашноста, да одмагаат наместо да помагаат, да ги врзуваат рацете наместо да даваат ветер во грб. Религиозниот пристап кон марксизмот токму тоа го прави. Од тој религиозен пристап, од тој тотемизам, од третманот на напишаното како свети списи, на Маркс во една прилика му дошло преку глава па за себе кажал дека не е марксист (Зин, 1988). Ништо што напишале Маркс, Енгелс, Ленин итн. не смее да се сфати како вечна вистина и да биде пречка на патот во борбата за социјализам. Треба теоријата да помага да се разбере и менува стварноста, а не стварноста да се легнува на Прокрустровата постела на теоријата или теоријата да се деградира до религиозно кредо, нудејќи изговор преку мантрањето и славењето за неделувањето.

Социјализмот/комунизмот како прашање на минатото?

За оние себепрогласени марксисти, комунисти, социјалисти за кои е карактеристичен религиозниот третман на марксизмот, карактеристично е и третирањето на социјализмот и комунизмот како дел од минатото, а не од иднината. Носталгично се пристапува кон старите добри времиња на Октомвриската револуција, на Шпанската граѓанска војна, на Титова Југославија, на Че… Тогаш Господ одел по земја, денес е полошо за разлика од тогаш и… толку. Бидувањето социјалист/комунист се сфаќа како одбележување и славење на минатите борби, историчарско интересирање за нив, хвалоспев за формата и наоѓање во неа замена (!?) за суштината.

Социјализмот/комунизмот претрпе тежок пораз од капитализмот на крајот на 1980-тите. Дали тоа значи дека треба погледот да остане вечно фиксиран за минатото, дали во тоа се исцрпува бидувањето социјалист/комунист? Или социјализмот/комунизмот треба да се третира како нешто што (повторно) допрва ќе се случи во иднината? Се разбира, ако оние што себеси се сметаат за марксисти, социјалисти, комунисти, анархисти, антикапиталисти работат во таа насока. Но, дали може капитализмот да се надмине?

Марксизмот како посибилизам?

Многумина себепрогласени марксисти наоѓаат задоволство во етикетирањето „реформисти“. Себеси сметајќи се за револуционери. Но, што значи да се биде револуционер? Револуционерноста значи да се има религиски однос кон марксистичките светци? Револуционерноста значи да се има конзервативен и конзерваторски однос кон сопствената идеологија? Револуционерноста значи социјализмот/комунизмот да се третира како нешто што било, а не нешто што ќе биде?

Многу од овие револуционери гаат презир кон оние реформисти од историјата на марксизмот како Кауцки, како Бернштајн. Зашто тие веруваат во Ленин, во Троцки. Но, колку и да биле Кауцки и Бернштајн реформисти, тие се залагале за воведување социјализам. Ако некој де факто, без разлика колку и да се повикува на Ленин и останатите марксистички револуционери, не делува во насока на надминување на капитализмот и својот активизам го сведува на борба за подобрување на некое работничко право во капитализмот, за коригирање на неолиберализмот за тој да не биде толку социјално неправеден – тој е полош од Кауцки и Бернштајн. Фактички, „реформистите“ Кауцки и Бернштајн повеќекратно го надминуваат во радикализмот. Она на што се сведуваат тие силни „ленинисти“ е посибилизам. Посибилизмот бил правец во работничкото движење во 19 век кој се залагал да се извојуваат подобрувања за работничката класа, онолку колку што е можно. Социјализмот било нешто далечно и неопипливо за посибилистите. Затоа тие се концентрирале на подобрување на положбата на работничката класа во рамките на капитализмот.

Овој посибилизам во македонски денешни прилики го нарекувам трошкаџиство. Не само што нашите работници се задоволуваат со трошките што ги добиваат и се радуваат на секоја нова трошка што ќе им ја фрлат властодршците и капиталистите, туку овој трошкаџиски менталитет е широко раширен и во круговите на себепрокламираните социјалисти, комунисти и анархисти.

Уништувањето на капитализмот како нужност

Она економицистичко сфаќање на марксизмот според кое промената на производните односи ќе дојде (речиси сама од себе) откако производните сили ќе достигнат одредено ниво, веќе одамна се покажа како наивно. Од времето на Маркс, производните сили се развиле толку многукратно што ако ова економицистичко сфаќање беше точно, ние одамна ќе живеевме во комунизам. Посткапитализмот секогаш бил можност, а не некаков автоматизам. Можност која не може да стане стварност ако антикапиталистичките сили тоа не го направат.

Денес, во контекст на влегувањето на климатската криза во нејзината завршна фаза, во услови кога капитализмот со својот мотив и глад за профит го турка целото човештво и целата планета во пропаст, надминувањето на капитализмот не е само можност, туку и нужност. Да го уништиме капитализмот пред тој да нѐ уништи. Ова далеку од тоа да е празно паролаштво. Тоа е правилно лоцирање на ургентноста на проблемот и правилно поставување на излезното решение.

И во овој историски момент, кога ние сме последната генерација која може да ја спречи катастрофата, нас ни е потребно Лениновото осмелување да чекориме кон социјализам, неговата способност да забележи револуционерна ситуација. Нас ни треба неговиот пристап кон теоријата како упатство за делување, а не како свето слово. Да се слави Ленинивото (и Марксовото и Енгелсовото итн.) слово, лик и дело, а да не се сфати дека тоа е вредно денес само и само доколку го помага чекорењето понатаму од капитализмот – е баш тоа е светогрдие маскирано како величање на Светецот. „Револуционерна концепција без револуционерна волја е како часовник со скината пружина“ (Trotsky, 1930, Vol. I, Ch. 15).

Референци

Brinton, M. (1970). The Bolsheviks and Workers’ Control: The State and Counter-Revolution. Пристапено на 1.5.2020 на https://www.marxists.org/archive/brinton/1970/workers-control/

Cliff, T. (1976). Lenin. Пристапено на 2.5.2020 на https://www.marxists.org/archive/cliff/works/1976/lenin2/07-rearm2.htm

Deutscher, I. (1977). Staljin – politička biografija. “Globus”, Zagreb, 1977.

Engels, F. (1886). To Friedrich Adolph Sorge. Пристапено на 1.5.2020 на https://www.marxists.org/archive/marx/works/1886/letters/86_11_29.htm

Engels, F. (1894). To Friedrich Adolph Sorge. Пристапено на 2.5.2020 на https://www.marxists.org/archive/marx/works/1894/letters/94_11_10.htm

Грамши, А. (1917). Револуција против „Капиталот“?. Пристапено на 1.5.2020 на https://www.marxists.org/makedonski/gramsci/1917/protiv_kapitalot.htm

Lenin V. I. (1917а). The Tasks of the Proletariat in the Present Revolution. Пристапено на 1.5.2020 на https://www.marxists.org/archive/lenin/works/1917/apr/04.htm

Lenin V. I. (1917b). Letters on Tactics. Пристапено на 1.5.2020 на https://www.marxists.org/archive/lenin/works/1917/apr/x01.htm

Lenin V. I. (1920). Our Foreign and Domestic Position and Party Tasks. Пристапено на 1.5.2020 на https://www.marxists.org/archive/lenin/works/1920/nov/21.htm

Marx K., Engels, F. (1979) Werke. Diеtz, Bеrlin, 1979.

Маркс, К. (1843) Кон критиката на Хегеловата филозофија на правото. Увод. Пристапено на 1.5.2020 на https://www.marxists.org/makedonski/m-e/1843/uvod.htm

Маркс, К., Енгелс, Ф. (1948). Mанифест на Комунистичката партија. Пристапено на 1.5.2020 на https://www.marxists.org/makedonski/m-e/1848/index.htm

North, D. (2001). Toward a reconsideration of Trotsky’s legacy and his place in the history of the 20th century. Пристапено на 1.5.2020 на https://www.wsws.org/en/articles/2001/06/dn-j29.html

Trotsky, L. (1930). The History of the Russian Revolution. Пристапено на 1.5.2020 на https://www.marxists.org/archive/trotsky/1930/hrr/index.htm

Зин, Х. (1988) Je ne suis pas Marxiste. Пристапено на 2.5.2020 на https://www.marxists.org/makedonski/zin/1988/marks.htm

Автор:Здравко Савески

Извор: „Револуција: македонско е-списание за историјата, теоријата и праксата на марксизмот“, „19 Ноември“, 2020, бр. 3.

|2020-11-07T09:07:54+00:007 ноември 2020|Актуелно, Став|