Крушево е мал град во Северна Македонија. Се наоѓа на западниот дел на котлината Пелагонија, западно од Прилеп, а северно од Битола. До него се пристигнува исклучиво со автобус од Битола, Прилеп и Скопје, а повеќе поврзаност има само со градот Прилеп, па доколку сакате да сте одговорни и да користите јавен превоз треба добро да го испланирате патувањето. Крушевските улички и така се стрмни, па веројатно вашиот автомобил само би им сметал и би ги затрупал, но нема да ги исполни.
Најважно за Крушево е што градот е доста чист во споредба со сите други македонски градови. Во самиот град нема воопшто ѓубре по улиците како што сме навикнати да гледаме, а во непосредната околина, на пример покрај езерцето и по планинските патеки на брдата над градот сѐ е сосема неизвалкано од отпадоци. Чистиот воздух пак, веројатно прв ќе биде заприметен од секој што доаѓа од Скопје. Овде се дише. Можноста да се дише, во екот на загадувањето во зима е прекрасна активност за престојот во Крушево.
Крушево делува како гратче со десетина илјади жители споредбено со неговата ширина и високите и големи куќи што ги красат ридовите на градот, но веројатно бранот на иселување ги однел Крушевчани некаде далеку. Дење има доста раздвиженост, а особено има раздвиженост на полицијата. Полицаец имаше на секој сокак во чаршијата, а ноќе нема многу раздвиженост, сопатници ќе ви бидат кучињата кои пријателски ги отпоздрауваат сите кои наминуваат.
Со состојбите од глобалното затоплување снег нема, а жичарницата веројатно работи само за викенд сега кога е приватна или под концесија. Покрај езерото имаше неколкумина кои учеа да јаваат коњи, а имаше и знак за јавачки клуб. Тоа е веројатно одличен начин квалитетно да се потроши слободното време во Крушево. Доколку сакате да пешачите можете лесно да стигнете и до месноста Мечкин камен каде што можете да одморите и да се напиете чај, кафе, да испушите цигара или џоинт или, пак, напросто да уживате во природата иако Мечкин камен е за нијанса понесредено од другиот дел од Крушево.
Она што лесно може да го забележи секој е нечистотијата надвор од градот, односно нечистотијата покрај влезот во Крушево, како од Битола, така и од прилепската страна на градот. Веројатно Крушево би можела да биде првата општина кај нас што е толку чиста и зелена со само малку повеќе вложување и грижа за животната средина. Така, нема само да има повеќе туристи, туку ќе има и подобар живот во самиот град.
Во Крушево има многу паркови, повеќето од нив се навистина чисти и средени. Паркот на споменикот на Никола Карев, на Питу Гули и други малечки зелени оази во самиот град каде што има клупа за да се отпочине, но најважно има и чешма од која што можеш да се напиеш бистра планинска ладна вода. Ова искуство со сигурност е поинтензивно во лето кога е топло и кога сакаме да го избегнеме припекот, ама и во зима не е лошо човек да гледа зеленило.
Крушево е мало гратче, па затоа културните установи им работат само до 16 часот, но бидејќи секаде се стигнува ептен брзо тоа не е никаков проблем
да се погледнат повеќе работи во еден ден. Но, Споменикот „Македониум“, дело на архитектката Искра Грабул, вајарот Симон Грабул и сликарот Борко Лазевски затворен поради реновирање. Тоа е голема штета за сите кои сакаат да ја доживеат уметноста и културата од социјализмот што се градела низ помалите места во републиката. Ако е за утеха, и од надвор се убави витражите на Лазевски, фините и заоблените линии на Грабул што успеваат да прикажат дека убавото може да биде и мазно и големо истовремено.
Музејот на НОВ не работи воопшто, еден мештан ни кажа дека не е отворен веќе некое подолго време. Така, споменикот на првиот Илинден, но и тој на вториот што би рекле од власта не можете да ги видите. Третиот Илинден го живееме, а од четвртиот ќе остане само Преспанската бара. Сепак, природата околу спомениците, низ шумичката, покрај езерото е прекрасна можност да уживате на сонце и ветар и да соберете енергија за да се вратите во вашиот загаден град.
Во градот има и дом на култура, а во истиот објект се наоаѓа и градската библиотека на Крушево. Во Крушево можат да се видат и куќите на познатите македонски револуционерни дејци, но и уметници, како на Никола Карев и на Никола Мартиноски. За жал, сите овие куќи, во кои што живееле и твореле револуционерите, сликарите, интелектуалците не се претворени во спомен соби за да може да се учи повеќе за животот на луѓето кои оставиле печат врз македонската историја.
Галеријата „Мартиновски“ е сместена во убава староградска крушевска куќа од 1832 година, која што како што ни посочи кустосот сликарот сам ја избрал и донирал повеќе дела во спомен куќата. Таму се наоѓа најпознатиот автопортрет на Мартиноски, „Доилка“ и многу други значајни негови дела, како за неговото лично дело, така и за нас како општество. Секој би посакал во иднина државата да дава повеќе пари за да се развива нашата култура и наместо само спомен соби да гледаме и нови млади потенцијални големи автори како Мартиноски.
Главно место за отседнување во Крушево е хотел „Монтана“ што е добро одржан уште од социјализмот, па така и ова здание над Влашко и Ѓупско маало е сосема во склад со тогашната промовирана идеја дека повеќето луѓе треба да можат да си дозволат престој во одморалиште кое што нема сосема да загадува и нема да го пореметува локалниот развој, но ќе го дополнува. Погледот е кон градот и сите соби гледаат натаму, но и заедничката трпезарија. Ноќе е сосема тивко и ќе ви треба време само да се навикнете на тишината.
Низ градот има многу викенд куќи, вили и места за преноќување исто така. Веројатно честото навраќање на патници низ Крушево им дало можност на локалците да заработат нешто повеќе, но и да учесвуваат во развојот на еколошкиот, селскиот и планинскиот туризам во Крушево и околината. Низ градот имаи неколку ресторани, кафулиња и кафеани каде што можете да изберете што да јадете, традиционална крушевска кујна или пак нешто сосема очекувано. Сепак, немојте да си заминете без локум и свежи целуфки од Крушево, тоа ќе ви биде голема грешка.
Се насетува дека Крушевчани знаат да аплицираат за европски проекти затоа што многу од реновираните решенија низ градот се финансираи од ЕУ или САД, но, нешто значително смета во ова планирање на градот. Тоа е негрижата за она што претходно било создавано. На пример, покрај езерцето има сосема нови игралишта и патеки, а старите се оставени да траат без да се одржуваат. Кој знае како ли ќе изгледаат и новите ако така ги остават како старите.
На крајот, пред да тргнете за назад од лошата автобуска станица, која што нема соодветни услови за ваков туристички град, вдишете чист воздух и фрлете поглед на еден од најзелените градови и сетете се дека низ Крушево видовте можеби десетина јавни чешми од кои што може да се напиете чиса и бистра планинска вода, а никој да не ви наплати за тоа задоволство. Веројатно, Крушевчани пропатени од нивната бурна историја на ова мало градче знаат дека нема ништо подобро од чист воздух, бистра вода и зелена земја.
Одете, дајте му дух на овој „хипстерски“ град и раскажете ни како сте си поминале.
Никола Шиндре