Mинатата година беа убиени 197 лица во одбрана на заедничкото земјиште, природните ресурси или дивите животни, откриваат нови податоци од Global Witness. Запишувајќи ја смртта на секој еко-активист, Гардијан се надева дека ќе ја подигне свеста за смртоносната борба на еколошкиот фронт.
Убиството на луѓе кои си го бранат своето живеалиште продолжи со несмалено темпо во 2017 година, речиси четири луѓе неделно беа убивани во битката против рудниците, плантажите, ловокрадците и инфраструктурните проекти, открива новата студија.
Бројот на жртвите во 2017 година, што се зголеми четири пати од почетокот на броењето во 2002 година, го нагласува насилството на границите на глобалната економија, поттикнато од проширувањето и потрошувачката.
“Ситуацијата останува критична. Додека заедниците навистина не се вклучени во одлуките за користење на нивната земја и природни ресурси, оние што зборуваат ќе продолжат да се соочуваат со омраза, затвор и закана по својот живот”, рече Бен Летр, активист од Global Witness.
Меѓутоа, имаше надеж дека по четири последователни зголемувања, бројот на смртни случаи ќе почне да се намалува, поради растечката глобална свест за оваа криза и обновениот притисок кон мултинационалните компании да преземат поголема одговорност и кон владите да се справат со неказнивоста.
Поголемиот дел од убиствата се случиле во оддалечените шумски области во земјите во развој, особено во Латинска Америка, каде изобилството на ресурси е често обратно пропрционално со авторитетот на законот или регулативите за заштита на животната средина.
Ископувачките индустрии се едни од најсмртоносните генератори на насилство, според бројките, кои беа споделени со Гардијан во тековна соработка со Global Witness, за да може се именува секоја жртва.
Конфликтите во рударството донесоа 36 убиства, неколку од нив се поврзани со зголемената глобална побарувачка за градежни материјали.
Во Индија, тројца членови на семејството Јадав, Ниранџан, Удај и Вимлех, беа убиени минатиот мај, кога се обидоа да го спречат извлекувањето на песок од брегот на реката од нивното село Јатпура.
Во Турција, пензионираната двојка, Али и Ајсин Бујукнохутчу, биле застрелани во нивниот дом откако ја добиле правната битка за затворање на мермерен каменолом кој снабдувал блокови на хотели и општински споменици.
Гладот за минерали беше обвинет и за претворање на Андите во “воена зона” со конфликти од висок профил меѓу домородните групи и сопствениците на рудникот за бакар Лас Бамбас во Перу и рудникот за јаглен Ел Черејон во Колумбија.
Агробизнисот беше најголемиот причинител на насилство, бидејќи побарувачката на супермаркетите за соја, палмино масло, шеќерна трска и говедско месо обезбеди финансиски поттик за насади и фарми кои ќе протуркаат подлабоко во домородните територии и во други комунални земји.
Со многу од тензиите фокусирани на Амазон, Бразил, со 46 убиства повторно беше најсмртоносната земја за бранители. Сепак, во однос на големината, помалите амазонски соседи беа поопасни.
Колумбија претрпе 32 смртни случаи, во голема мера поради зголемените судири и атентати врз земјата по мировниот договор од 2015 година, со што остави вакуум на моќ во регионите што претходно ги управуваа герилците на ФАРК. Меѓу најистакнатите жртви беше Ефигенија Васкес, радио и видео новинар од заедницата Коконуко, која беше застрелана за време на протестот “за ослободување на Мајката Земја”.
Перу беше сведок на еден од најлошите масакри на годината во септември, кога шест фармери беа убиени од криминална банда, кои сакаше полесно да ја превземе нивната земја и да ја продаде со огромна добивка за бизнисите со палмино масло.
Бандите и владите во голема мера беа одговорни за крвопролевањето во втората и четвртата земја на листата. Мексико со 15 убиства (повеќе од петкратно зголемување во однос на претходната година), а Филипините, со 41 смртни случаеви повторно беа најмногу убиствена земја за бранителите во Азија.
Клучен фактор беше пошироката казна од страна на претседателот на државата, Родриго Дутерте. Кога неговите војници масакрираа осуммина Лумади во езерото Себу на 3-ти декември, владата тврдеше дека тие загинале во пожар со бунтовници, но другите активисти инсистираа дека тие биле убиени поради тоа што се спротивставувале на рудникот за јаглен и плантажите за кафе на нивната прадедна земја.
Во Африка, најголема закана дојде од ловокрадците и нелегалната трговија со диви животни, особено во Демократска Република Конго, кадешто четворицата ренџери и портерот беа убиени во јули. Но, жртвата со највисок профил минатата година во ловечкиот конфликт беше Вејн Лотер, влијателен конзерватор кој беше убиен во Танзанија откако добивал смртни закани.
Global witness верува дека многу убиства не се пријавени. Eко активистите исто така се тепани, криминализирани, загрозени или малтретирани. Во еден неодамнешен пример, активистката за заштита на шумата во Парагвај, Патриција Гуалинга објави дека минатиот месец напаѓачи и’ фрлале камења на прозорите и’ извикувале смртни закани кон неа.
Ова е вообичаено. Финансираниот од ЕУ Атлас за еко правда , идентификуваше повеќе од 2.335 случаи на тензии за вода, територија, загадување или ископувачки индустрии, а истражувачите велат дека бројот и интензитетот се зголемува.
Правдата е ретка. Атентаторите најчесто се ангажирани од бизнисмени или политичари и во најголем дел од случаите остануваат неказнети. Еко активистите, кои имаат тенденција да бидат од сиромашни или домородни заедници, се криминализирани и згора на тоа се малтеретирани од полицијата или обезбедувањето на корпорациите. Кога ќе бидат убиени, нивните семејства немаат доволно средства за да ја „истуркаат“ правдата до крај или да го изложат нивниот случај во медиуми.
Но, постојат фрагменти на напредок. Некои земји забележаа намалување на убиствата, особено Хондурас и Никарагва, иако мора да се каже дека активистите се’ уште остануваат во ранлива ситуација.
Групите на граѓанското општество и меѓународните институции, исто така, се’ повеќе се мобилизираат зад правата на животната средина. Минатиот месец, 116 организации на Филипините започнаа петиција во која се посочува: „Не е кривично дело да се брани животната средина“.
Активистите кои се борат за правата на домородните заедници ја пренесоа својата борба на глобалните климатски разговори и во Обединетите нации.
Некои меѓународни институции се подготвени да слушаат. По критиките кон Холандската Развојна банка (FMO) за нивната поддршка за хидро проектот во Хондурас поврзан со убиството на активистката Берта Касерес, банката истапи со прогласување на безбедноста на бранителите на човековите права како клучен фактор во идните одлуки за инвестиции. “Дојде време за повеќе инвеститори да направат исчекор и да преземат мерки со кои се гарантира дека нивните пари не придонесуваат кон напади врз активисти”, рече Ледр.
Специјалниот известувач на ОН за човекови права и животна средина, Џон Нокс, ги повика владите да aдресираат на културата на неказнивост и рече дека медиумите имаат важна улога во зголемувањето на транспарентноста.
“Еко активистите се изложени на ризик многу години, но целосниот степен на глобалната криза со убиствата стана популарен само како резултат на работата на Global Witness и на Гардијан за да се идентификува секој еко бранител убиен поради неговата активност”, рече Нокс.
“Како резултат на тоа, можно е појасно да се согледаат основните причини и фактори на ризик, вклучувајќи ги и потфрлањата на владите да ги заштитат еко активистите од закани и насилство. Мислам дека има некои сигнали дека владите почнуваат да реагираат повеќе на зголеменото меѓународно внимание на овие случаи, но треба да се направи многу повеќе”