Реалноста на 21-от век

Ирационалниот историографски спор меѓу Македонија и Бугарија предизвика многумина да заглават во минатото. Наместо да се занимаваат со сегашноста и иднината, со реалните животи свои и на своите најблиски, тие се жестат на историски теми. Но, оваа заглавеност во минатото е многу подлабока отколку што кажува увидот во површната дневна политика со која се занимаваат и политичарите и оние што „ја пратат политиката“. Ни повеќе ни помалку, може да се зборува за масовно раширена илузија дека се живее во 1990 година!

Како може да се тврди вакво нешто? Не е ли навреда на интелигенцијата на секој човек да му се каже дека не е свесен во која година живее? Сите се свесни дека е 2022 година! Но, дали…? Ако ја земеме предвид најповршната перцепција на календарската реалност, тогаш јасно дека нема разумен човек што не е свесен дека денес е 2022 година. Ако на тоа се придодаде и стремежот да се биде „модерен“, да се пратат најновите светски трендови во поглед на техничките гаџети, колите, модата, филмовите, тогаш, повторно, нема основа да се тврди дека постои каква била заглавеност во минатото. А, сепак… иако во однос на техничките гаџети, колите, модата, филмовите, во Македонија нема заостаток, во однос на разбирањето на политиката, економијата и екологијата остана закочена работата во 1990 година. И нема мрднато од тогаш!

Оваа илузија најлесно може да се воочи кај политиката. Како да е денес 1990 година, како допрва да претстои воведувањето „демократија“, од секои избори многумина очекуваат да испорачаат некорумпирана власт, чиј примарен интерес ќе биде општото добро. Како од 1990 година досега да не се случиле десетпати избори, чиј резултат повторно и повторно бил истиот: корумпирана власт, клиентелизам, автократија, аматеризам. Како да не се изреди неброена низа политичари на фотелјите без ништо да се промени. И повторно истата песна: другите биле помало зло, ни требале нови луѓе, требало да има правна држава, демократија итн. итн. Триесет години (30 години!) за многумина не беа доволни да заклучат дека нешто е гнило во самиот систем, дека самиот систем им дозволува само на корумпирани партии да доаѓаат на власт и дека, за поинаку, мора да се промени самиот систем. Ама не! Игнорирајќи ја емпиријата, игнорирајќи ја логиката, како воопшто да сме немале искуство со „демократски“ избори, значи како да е 1990, а не 2022 година, многумина сметаат дека не е системот тој што доведува само корумпирани и неморални луѓе на власт. И дека е можно, при ваков систем и при отсуство на широко народна мобилизација, да дојде Годо и ќе нѐ избави од маките. Прикаски за мали деца! Прикаски на кои можат да паднат само луѓе што се кадарни да игнорираат 30-годишно искуство. А земањето предвид на сознанието дека техничките можности во 21 век конечно ја направија изводлива непосредната демократија во голем обем, сведувајќи ја претставничката демократија на (во најдобар случај) модел на недоволна демократија? Околу тоа не се ниту мисли! И после, не, немало илузија дека се живеело во 1990 година!

Истото важи и за економскиот систем. Да го фати човек срам од широко распространетото убедување дека економскиот систем во кој живееме преку 30 години не бил капитализам, туку – феудализам (!?). Колкаво треба да биде отсуството на основни познавања, колку треба да биде успешна пропагандата, колку треба да биде темелно самозалажувањето за да се верува во една ваква небулоза? Капитализам било она што го има во Шведска, Германија, САД, но не и ова кај нас, ниту она во Саудиска Арабија, Бангладеш или Буркина Фасо. Или, поинаку кажано, ако капитализмот не е од бајките, тогаш тоа сигурно не е капитализам… А индикативна е и реакцијата на критиката на капитализмот, кај нас и глобално. Многумина веднаш посегаат по критиката на социјализмот. Токму како да сме во 1990 година, како да немаме никакво искуство со капитализмот, како неговото воведување да е нешто што допрва ќе следи, а не нешто со што имаме искуство повеќе од 30 години. Во 2022 година на обвинителна клупа не може да биде социјализмот што беше укинат пред 30 години, туку капитализмот што не успеа ниту за 30 години да испорача нешто друго освен трупање на богатството во мал број раце и реална и/или ментална сиромаштија кај мнозинството. Поинаку да се постапи, во 2022 година, е – анахроно. Се занимаваш со нешто што поминало, а не со она што го живееш.

Уште повеќе што не станува збор само за тоа дека капитализмот потфрли во земјите од периферијата, како Македонија, туку за тоа дека тој стана егзистенцијална закана за иднината на човештвото и останатиот жив свет на планетата! Вака се гледа на капитализмот во 2022 година, во 21 век! Не е ова 1990 година, па, ете, штотуку сме слушнале дека климатските промени се нешто опасно. Ама не опасно што бара наша итна акција, туку „опасно“ во смисла дека го имаме целото време на светот да преземеме нешто. И тоа нешто ситно – а не радикално, од корен, што ќе го промени целото општество, економија и држава. Па сѐ уште, со менталитет од 1990 година, многумина себеси се сметаат за еколошки свесни само затоа што не фрлале ѓубре кај ќе стигнат, па мислат дека рециклирањето и електричните автомобили се доволен одговор на сегашната продлабоченост на климатската криза и, можеби најиндикативно, повторуваат дека децата требале да бидат еколошки едуцирани, со други зборови, дека е доволно тие самите да не се замараат со екологијата, туку, повторно, некој друг, во случајот, децата. Вакви размислувања можеби имаа некаква смисла во 1990 година, кога можеби беше доволно одредено зазеленување на капитализмот за да се стават под контрола климатските промени. Но денес, во 2022 година, ваквите размислувања се едноставно анахрони и контрапродуктивни. Денес има доволно пропаднати обиди, доволно емпириски докази да не може повеќе да има дилеми дека она што мора да се промени за да се надмине климатската криза е капитализмот, поради неговата неспособност да не експлоатира, да не се однесува расипнички со ресурсите и да не расте.

Ова е реалноста во која се наоѓаме во 2022 година! Има прашања и проблеми врз кои естаблишментот, со своите политичари и медиуми, ви го фокусира вниманието. Но, постоењето интелигенција меѓу другото се докажува преку тоа што човек не дозволува огромната врева што се произведува да го оневозможи да направи разлика помеѓу поважното и помалку важното, помеѓу суштинското и површното.

А тоа треба да се примени и на самата перцепција на 21 век. Врз основа на селективно перципирање на првите 20 години од 21 век, при што се гледа само производството на стоки, но не и производството на кризи, класни разлики, експлоатација и еколошки проблеми, може да се стекне мислење дека 21 век донел напредок во однос на 20 век и вековите претходно. Но, ова не само што е селективна перцепција на првите 20 години на 21 век и на самиот 21 век, туку е и тотално занемарување на она што нас нѐ очекува во следниот, поголем дел од 21 век. Ако не го промениме курсот на настаните (не милиметарски, туку радикално!), тогаш 21 век ќе биде период на незамисливи страдања, на проблеми кои одамна сме мислеле дека се засекогаш надминати, на проблеми за кои не сме ниту мислеле дека се можни. А сето тоа ќе го доживеат не некои апстракни идни поколенија, туку токму ние и нашите најблиски потомци. А кога човештвото во иднината ќе го мисли денешното време, ќе се чуди и ќе обвинува: Што толку беше неарно со нив кога ја имаа последната прилика нешто да преземат, а тие си продолжија да тераат како ништо да не се случува!?

За крај, ќе кажам нешто и за оние што себеси се сметаат за социјалисти/комунисти/анархисти. Прво и најважно: зборовите се евтини и безвредни ако зад нив нема суштина. Второ и не помалку важно: ова не е 1990, туку 2022 година. Постои нешто што го нарекувам Фукујамова болест. Тоа е состојбата при која се исмева тезата на Френсис Фукујама од 1989 година за крајот на историјата, но веднаш потоа имплицитно се претпоставува дека таа теза држи и, следствено, дека по реставрацијата на капитализмот од 1990 година повеќе не може да се реализира посткапиталистички систем. Да тргнуваш од оваа претпоставка и себеси да се мислиш за социјалист/комунист/анархист – тоа е најобична хипокризија или темелно самозалажување. Во 2022 година (за разлика од 1990 година) на обвинителната клупа е капитализмот, а не бившиот социјализам. Во 2022 година (за разлика од 1990 година) не може и недозволиво е социјализмот да се третира како прашање на минатото, туку како прашање на иднината. Во 2022 година не е само социјалистичка/комунистичка/анархистичка, туку и човечка обврска да се исчекори потаму од капитализмот и да се изгради похуман, поубав и одржлив свет, без експлоатација и доминација. А ако успееме да го промениме сегашниот курс на историјата, тогаш 21 век ќе биде мислен од следните генерации како век на големата преродба, на почетокот на она што Маркс го нарекуваше вистинската историја на човештвото. Тоа е реалноста на 21 век!

Здравко Савески

|2022-02-08T14:56:37+00:008 февруари 2022|Актуелно, Став|